1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Груевски и Мијалков на црната листа на САД

ДТЗ
11 април 2022

Американскиот Стејт департмент ја прошири листата и со фирмата на Груевски која што тој ја отвори минатата година во Унгарија. САД се одлучиле на ваков чекор поради вмешаност во корупција

https://p.dw.com/p/49nI1
Mazedonien Sasho Mijalkov Geheimdienstchef
Фотографија: DW/P. Stojanov

Американското министерство за финансии ја прошири црната листа, на која се најдоа имињата на поранешниот премиер во бегство, Никола Груевски и поранешниот прв човек на тајната полиција, Сашо Мијалков. На листата се најде и фирмата која што Груевски ја отвори во Унгарија минатата година. Станува збор за компанијата I.C.I.C. KFT. ( I.C.I.C. LTD.), со адреса во Унгарија, која што е отворена на 15 јули 2021 година, а Стејт департментoт ја поврзува со поранешниот премиер Груевски. 

Експремиерот Груевски станува бизнисмен, регистрирал фирма во Унгарија

Американската влада во образложението за Груевски и за Мијалков наведува дека се одлучила на ваков чеков како одговор на нивната вмешаност во значителна корупција. Нивните постапки го поткопале владеењето на правото, демократските институции и јавните процеси во двете земји и ја нарушиле довербата на јавноста во владите. 

USA- Westbalkan: Die Vereinigten Staaten haben eine neue schwarze Liste von Bürgern des Westbalkans angekündigt.
Имињата на Груевски и Мијалков на листата на Министерството за финансии на САДФотографија: US-Finanzministerium

Додека ја извршувал премиерската функција, „Груевски бил вмешан во акти на корупција кои вклучувале користење на неговото политичко влијание и моќ за лична корист“, наведува Стејт Департментот. Според информациите на САД, „Груевски ја злоупотребил функцијата со барање и примање мито во замена за владини договори, злоупотребил јавни фондови и се мешал во изборниот процес за сопствена корист и политичка корист за партијата“. 

Поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков исто така бил вмешан во коруптивни зделки за лична корист, наведува Стејт Департментот. Слично како Груевски и тој „ја злоупотребил функцијата со барање мито во замена за владини договори и се мешат во изборниот процес“. 

И нивните семејства неподобни за САД

Мерките коишто ги презеде САД се однесуваат и на нивните семејства. Тоа значи дека Груевски, Мијалков и членовите на нивните потесни семејства се неподобни за влез во САД.

На листата која што е објавена во понеделникот (11.04) се најдоа повеќе имиња од регионот, а најголем дел од нив се од Србија, Албанија и од Босна и Херцеговина. Канцеларијата за контрола на странски средства на Министерството за финансии (ОФАЦ) воведе економски санкции на седум физички лица и еден ентитет во четири земји од Западен Балкан. 

Проширувањето на црната листа е донесено во согласност со декретот на претседателот на САД, Џо Бајден од минатата година со кој им се дава овластување на сојузните власти да блокираат имот и да им забранат влез на сите лица за кои администрацијата во Вашингтон ќе оцени дека работат на штета на клучните договори во регионот на Западниот Балкан и Северна Македонија.

Декретот носи наслов „Извршна наредба за блокада на имот и спречување влез во САД за одредени лица кои придонесуваат кон дестабилизација на состојбата на Западниот Балкан“.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи