1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Груевски станува бизнисмен, регистрирал фирма во Унгарија

28 јули 2021

Речиси три години по бегството од Македонија, поранешниот премиер Никола Груевски стана бизнисмен, открива Дојче веле. Тој регистрирал фирма со широка деловна активност во гратче во близина на Будимпешта.

https://p.dw.com/p/3y9di
Ungarn Budapest Nikola Gruevski früherer Ministerpräsident Mazedonien
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/Z. Mathe

На дваесетина километри источно од Будимпешта се наоѓа малото гратче Пецел. Ни историјата, ниту актуелните вести на интернет-страницата на местото, кое е дом на вкупно 14.328 жители, не откриваат ништо особено за гратчето чии најпознати синови (според Википедија) се еден поранешен унгарски министер за одбрана и еден фудбалер. Но жителите на Пецел - чие име според локалните историчари потекнува од словенскиот сложен термин кој означува „пет села“ (пет цели) - имаат нова причина за задоволство. Нивната, доста штура, страница на Википедија во иднина може да биде збогатена со името на уште еден истакнат сожител: Никола Груевски, поранешен премиер на Република Македонија.

Куќа на улицата Бошкаи број 9 од 14 јули годинава е дом на новата фирма на експремиерот- Друштвото со ограничена одговорност И.Ц.И.Ц (I.C.I.C.). Според документите објавени во унгарскиот Централен регистер на фирми, лицето Никола Груевски, роден на 31 август 1970 година од мајка Надежда Мијалкова, побарал и добил одобрение да почне бизнис со фирма чие седиште е во Пецел на горенаведената адреса. Од увидот во документите до кои дојде Дојче веле, може да се прочита дека Друштвото со ограничена одговорност на Груевски планира широки бизнис активности во најмалку 10 различни сектори.

Mazedonien Unternehmensgründung des früheren Premierminsters Nikola Gruevski in Ungarn
Извод од Централниот регистар на Унгарија за регистрацијата на фирмата на ГруевскиФотографија: Boris Georgievski

Согласно унгарските закони за секоја бизнис активност компаниите добиваат посебен даночен број, а Груевски очигледно не сакал да биде ограничен во однос на трговијата, па ги регистрирал речиси сите кои му стоеле на располагање. Па така, фирмата на експремиерот ќе може да врши трговија на големо со порцелан и стакларија, како и со средства за чистење; трговија на големо со храна, пијалоци и тутун; како и со други разновидни стоки. Експремиерот планира да биде активен и во сферата на управување со имоти (холдинг), во бизнис менаџмент, а ќе има можност да си ја проба среќата и во комуникациите со јавност, рекламирањето, во истражувања на пазари и испитување на јавно мислење, како и во организација на конференции и трговски изложби. Регистрацијата на фирмата со сите овие трговски можности го чинела Груевски точно три милиони унгарски форинти или 8.350 евра. Комуникацијата на фирмата по електронски пат ќе се одвива преку имејл адресата која гласи: [email protected]

Mazedonien Unternehmensgründung des früheren Premierminsters Nikola Gruevski in Ungarn
Регистрацијата на фирмата го чинела Груевски три милиони унгарски форинти или 8.350 евраФотографија: Boris Georgievski

Од непознати причини, Груевски одлучил да не приложи лична адреса во Унгарија, туку ја навел адресата на неговиот адвокат во Будимпешта. Извори на Дојче веле во Унгарија објаснуваат дека веројатно Груевски сакал од безбедносни причини неговата домашна адреса во земјата, во која избега во ноември 2018 година, да остане тајна. Но затоа, експремиерот немал проблем како втора адреса за комуникација да ја наведе онаа во Скопје, на улицата Павел Шатев број 3 во Кисела Вода, од каде што се упати на долгото бегство до Унгарија.

Mazedonien Unternehmensgründung des früheren Premierminsters Nikola Gruevski in Ungarn
Адресите кои ги навел Груевски при регистрација на фирматаФотографија: Boris Georgievski

Откако Унгарија одби негова екстрадиција во Северна Македонија, каде се бара на издржување затворска казна и за судење во повеќе кривични предмети, експремиерот Груевски сега си отвора нови можности во кариерата. Докторот на економски науки добива речиси неограничени можности да води бизнис, иако прашањето е дали во него ќе инвестира сопствени средства - и како ќе го стори тоа легално - или можеби во бизнисот ќе влезе со партнери. Добрата вест за него е што широкиот дијапазон на активности за кои му е регистрирана фирмата му овозможува речиси неограничен прилив на средства, а со тоа и за, евентуално, перење пари. Особено доколку унгарските власти одлучат да замижат пред таквите активности.