1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Каде е Скопје меѓу „победниците на денот“ во Тирана?

17 октомври 2023

Тирана го доби третиот кампус на Колеџот на Европа, а Подгорица договор за основање регионален Центар за сајбер безбедност. Со што се враќа официјално Скопје од самитот на Берлинскиот процес?

https://p.dw.com/p/4XcAQ
Шефовите на држави или на влади на земјите од ЕУ и од Западен Балкан на „семејна фотографија“ на самитот на Берлинскиот процес во Тирана
Шефовите на држави или на влади на земјите од ЕУ и од Западен Балкан на „семејна фотографија“ на самитот на Берлинскиот процес во ТиранаФотографија: Albania Prime Minister Press Office

Трет огранок/кампус на Колеџот на Европа вчера беше официјално отворен во Тирана во рамките на самитот на Берлинскиот процес, а присутните лидери на ЕУ тоа го поздравија како „чин со големо симболично значење“, односно предвесник на влезот на Западен Балкан во ЕУ. Огранокот во Тирана е трет во составот на Колеџот на Европа, кој од 1992 година досега има два кампуса - едниот во Бриж, Белгија, и вториот во Натолин, јужен округ во Варшава, Полска.

Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, потсети дека набрзо по отворањето на кампусот во Полска уследил влез на таа и други централноевропски земји во ЕУ, и изрази надеж дека ќе биде исто и со Западен Балкан по отворањето на кампусот на Колеџот на Европа во Албанија. Според фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, идејата за отворање на кампусот потекнала од албанскиот премиер Еди Рама на самитот на Западен Балкан во Тирана од декември минатата година, и оценија дека проектот е реализиран многу побрзо отколку што очекувале.

Претседателката на Еврокомисијата, Урсула фон дер Лајен и албанскиот премиер Еди Рама во Тирана
Претседателката на Еврокомисијата, Урсула фон дер Лајен и албанскиот премиер Еди Рама во ТиранаФотографија: Albania, Press Office of the Prime Minister

Албанскиот премиер Еди Рама се заблагодари на Унијата што ја прифатила неговата идеја, со оценка дека ЕУ е голем благослов за сите земји од Западен Балкан, бидејќи изградбата на демократски институции е невозможна без нејзина помош. Според ректорката на Колеџот на Европа и поранешна шефица на европската дипломатија, Федерика Могерини, активностите во кампусот во Тирана ќе започнат со почетокот на учебната 2024/2025 година, а во фокусот на тој огранок ќе биде европската трансформација и интеграција, со акцент на Југоисточна Европа.

Абазовиќ: Црна Гора е победник на денот

Со полни раце од самитот Берлинскиот процес се враќа и Црна Гора. Премиерот во технички мандат, Дритан Абазовиќ, на маргините на самитот во Тирана потпиша Договор за основање на регионален Центар за сајбер безбедност кој ќе биде лоциран во Подгорица. Со тој договор, се создаваат предуслови за јакнење на сајбер безбедноста во земјите на Западен Балкан, за унапредување на соработката против тие закани и за воспоставување силен регионален јазол кој ќе поттикнува напредни програми и обуки не само на меѓуинституционален, туку и во академски домен.

„Црна Гора е победник на денот во Тирана, особено по потпишувањето на Договорот за основање на Центар за сајбер капацитети на Западен Балкан, со седиште во Подгорица. Црна Гора е единствена која доби нешто конкретно, останатато се некои политички навестувања“, изјави Абазовиќ.

Црногорскиот премиер, Дритан Абазовиќ
Црногорскиот премиер, Дритан АбазовиќФотографија: S. Matic/Government of Montenegro

Ковачевски: Имавме продуктивен ден

Официјално Скопје од самиот на Берлинскиот процес во Тирана се враќа со договорот што го потпишаа лидерите на сите земји на Западен Балкан, со кој професионалните квалификации и универзитетските дипломи на медицинските сестри, ветеринарните хирурзи, акушерките и фармацевтите ќе бидат признаени во сите земји на западнобалканската шесторка. Начинот и условите кои се применуваат за признавање на квалификациите ќе бидат во согласност со Директивата на ЕУ.

Премиерот Ковачевски денот го оцени како продуктивен.

„Продуктивен ден во Тирана“: македонскиот премиер Димитар Ковачевски
„Продуктивен ден во Тирана“: македонскиот премиер Димитар КовачевскиФотографија: Petr Stojanovski /DW

„Имавме продуктивен ден, така како што очекував, на две работни сесии разговаравме пред сѐ за интеграцијата на регионот во единствениот пазар на ЕУ како една од клучните придобивки која ќе обезбеди брз економски раст и развој, подобри можности за граѓаните и деловната заедница, подобар животен стандард, нови инвестиции, подобри плати и се разбира подобра инфраструктура“, рече Ковачевски на вчерашната прес-конференција од Тирана.

Она што македонскиот премиер го истакна како значајно, е охрабрувањето за интегративниот процес во ЕУ. 

„Од германскиот канцелар Шолц, државата уште еднаш доби силно охрабрување и поддршка од СР Германија да го реализираме следниот чекор по зацртаниот пат кон пристапување во ЕУ, а тоа е носењето на значајните одлуки коишто ги имаме пред нас. Разговаравме секако за улогата на Берлинскиот процес како катализатор на меѓународната соработка и на билатералната соработка што ја имаме со Германија, а која е наш најголем трговски партнер“, посочи Ковачевски.

Во однос на отворениот огранок на Колеџот на Европа во Тирана, премиерот рече дека тој ќе биде наменет за сите земји од Западен Балкан, а стипендиите кои ќе бидат обезбедувани од страна на ЕУ ќе важат и за македонските студенти.

„На Македонија - заклучок е дека ѝ е потребна интеграција, на регионот му е потребна интеграција а не изолација, и за тоа се сложивме со сите соговорници со кои денес имавме состаноци а секако тоа е и еден од заклучоците на Самитот на Берлинскиот процес тука во Тирана“, порача Ковачевски.

Шолц: Го цениме она што го прави владата на С. Македонија

Берлинскиот процес покохезивен од ОБ

Вчера потпишаниот договор меѓу шесте земји на ЗБ, следи по минатогодишниот од ноември, кога во рамки на Берлинскиот процес тие потпишаа и договор за меѓусебно признавање на високообразовните и професионални квалификации на лекарите, стоматолозите и архитектите, како и договор за слобода на движење со лични карти во Западен Балкан.

За разлика од иницијативата Отворен Балкан која почна со три членки и не успеа да ги вклучи сите земји од Западен Балкан, Берлинскиот процес инициран во 2014 година од тогашната германска канцеларка Ангела Меркел (со цел унапредување на соработката на Западен Балкан и побрза европска интеграција на земјите од регионот) го опфаќа целиот регион и има потенцијал да оствари најголема економска корист за него, со цел тој да постигне кохезија со единствениот пазар на ЕУ, низ процедури засновани на стандардите на Унијата.

Вчерашниот самит на Берлинскиот процес од регионални аналитичари беше оценет и како самит по кој може да се очекува „залез“ на Отворен Балкан.