1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Берлин: Местото на Западен Балкан е во ЕУ

ДТЗ
3 ноември 2022

Шест земји од регионот потпишаа три договори за мобилност на граѓаните и добија уверување дека Европа е целосна само со Западен Балкан. Следниот самит ќе се одржи во Албанија во 2023 година

https://p.dw.com/p/4J1yw
Западен Балкан Берлински процес
Шест земји од регионот потпишаа три договори за мобилност на граѓаните и добија уверување дека Европа е целосна само со Западниот Балкан.Фотографија: Government of North Macedonia

Северна Македонија, Албанија, Србија, БиХ, Црна Гора и Косово ја зајакнуваат регионалната соработка, поврзаност и обединетост преку потпишување на три договори за мобилност што ќе го олеснат слободното движење низ регионот. Лидерите од Западен Балкан ставија потпис на договорите во рамките на Самитот за Берлински процес што се одржа во Германија. Од македонска страна, договорите ги потпиша премиерот Димитар Ковачевски, кој оцени дека во Берлин е направен голем и сигурен чекор кон зголемена меѓусебна регионална соработка, но и кон ЕУ.

„Со овие договори обезбедуваме заемно признавање на високообразовните квалификации во целиот Западен Балкан, меѓусебно признавање на високообразовните квалификации за докторите на медицина, денталната медицина и архитектите, како и слобода на движење со лични карти во Западен Балкан. Поврзаноста и обединетоста на регионот, како и реформските процеси се клучни за европскиот пат и на Северна Македонија, но и на сите земји од регионот. Она што нѐ зближува, нѐ направи посилни - е нашата посветеност заеднички да се справиме со сите предизвици на европскиот пат“, порача Ковачевски. 

Земјите од Западен Балкан во Берлин добија јасна порака дека припаѓаат на европското семејство. „По руската инвазија врз Украина интеграцијата на земјите од Западниот Балкан во ЕУ стана уште поважна“, рече германскиот канцелар Олаф Шолц на отворањето на самитот на Берлинскиот процес. „Европа е целосна само со Западниот Балкан. Шесте држави на Западниот Балкан припаѓаат кон слободниот и демократски дел на Европа. Вашето членство е во наш интерес“, додаде тој. 

Германскиот канцелар повика на забрзување на регионалната соработка и процесот на европска интеграција, додека претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен оцени дека ова е исчекор кон интеграција во заедничкиот регионален пазар.

Олаф Шолц Урсула фон дер Лајен
Германскиот канцелар повика на забрзување на регионалната соработка и процесот на европска интеграција, додека претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен оцени дека ова е исчекор кон интеграција во заедничкиот регионален пазарФотографија: Jens Schlueter/AFP

Бенефит за граѓаните

Потпишувањето на трите договори треба да ја зајакне соработката меѓу Северна Македонија, Албанија, Србија, БиХ, Црна Гора и Косово во делот на реформските процеси, заедничките пазари, меѓусебно признавање на професионалните квалификации, слободно движење на луѓе и стоки и истата треба да придонесе за забрзан регионален економски раст и развој.Токму ова се и основните цели и фокусот на Берлинскиот процес, кој се реализира со поддршка на Европската комисија.

„Иако беа отпишани како речиси невозможни, по тешки и комплицирани две години, три главни договори за мобилност што ги координираше Советот за регионална соработка, конечно го здогледаа светлото на денот. Денес тие допираат до оние до кои се наменети, а тоа се нашите граѓани. Слично на широко распространетото влијание на регионалниот договор за намалување на цените на роамингот и на зелените коридори, нивното влијание на терен ќе биде директно и конкретно. Тоа придонесува за рамномерна изградба на мостови што се и натаму потребни во нашиот регион, како и мостови со ЕУ“, изјави генералната секретарка на Советот за регионална соработка, Мајлинда Брегу на Самитот на Берлинскиот процес.

Берлински процес
Потпишувањето на трите договори треба да ја зајакне регионалната соработкаФотографија: Michele Tantussi/Pool via REUTERS

Транзицијата кон чисти извори на енергија- влог во иднината

Самитот за Берлински процес е исклучително важен затоа што доаѓа во време на продолжена криза. Премиерот Димитар Ковачевски од Берлин порача дека е потребна силна и тесна соработка на целиот регион за постигнување на амбициозните цели за енергетска транзиција и за надминување на предизвиците кои што ги наметнаа економската и енергетската криза. Фокусот треба да биде на заедничко изнаоѓање алтернативи за стабилно и континуирано снабдување со електрична енергија, но и насочување кон обновливи извори на енергија.

На сесијата на која учествуваа лидерите од Западен Балкан, беше потенцирано дека енергетската безбедност на Западен Балкан е подеднакво важна како и енергетската безбедност на ЕУ. Лидерите истакнаа дека сите заедно работат на надминување на предизвиците од енергетската криза и дека ЕУ ќе биде заедно со земјите од Западен Балкан при решавање на сите проблеми поврзани со енергетската криза.

Димитар Ковачевски
Премиерот Димитар Ковачевски од Берлин порача дека е потребна силна и тесна соработка на целиот регион за постигнување амбициозните цели за енергетска транзицијаФотографија: Government of North Macedonia

Ковачевски нагласи дека оваа криза многу брзо ни ја предочи важноста на домашното производство на енергија, но и потребата да се има резервен план во иднина кој ќе ни помогне полесно да пребродиме слични ситуации, но и да ја заштитиме животната средина. Како исклучително важен дел од визијата за Западен Балкан, го посочи неговиот концепт за енергетска трансформација преку примена на обновливи извори, ефикасни ресурси, како и конкурентни и климатски неутрални практики и стандарди.

Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, кој е дел од владината делегација, вели дека Берлинскиот процес добива нов замав и следниот период ќе даде многу одговори за насоката во која треба да се движат земјите од Западен Балкан и како успешно да се надминат предизвиците и да се достигне членството во ЕУ.

Во вакви сложени геополитички околности, според него, Берлинскиот процес отвора нова шанса за добра динамика на европската интеграција на земјите од регионот и зајакнување на регионалната соработка во вистинско време.

Учесниците на Берлинскиот процес ја потврдија клучната улога на овој процес како придвижувач на регионалната соработка со која се забрзува процесот на интеграција со ЕУ и ги поздравија напорите што Западен Балкан ги вложи во спроведување на заедничкиот регионален пазар. Тие ја нагласија желбата за продолжување на Берлинскиот процес и се согласија следниот самит да се одржи во 2023 година во Албанија. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема