1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ќе се забрзува економската интеграција на Западен Балкан

18 јули 2023

Според еврокомесарот Оливер Вархеји, се разговара за нова стратегија за раст за Западен Балкан.

https://p.dw.com/p/4U2S5
Премиерите на Северна Македонија, Албанија, Србија и Црна Гора со еврокомесарот Вархеји во Тирана
Премиерите на Северна Македонија, Албанија, Србија и Црна Гора со еврокомесарот Вархеји во ТиранаФотографија: Government of North Macedonia

Поголема финансиска поддршка за земјите од Западен Балкан, и можност да влезат на заедничкиот европски пазар пред да ѝ се придружат на ЕУ. Ова се дел од темите разговарани на вчерашната (17.07) неформална средба на премиерите од земјите на Западен Балкан што ја организираше албанскиот премиер Еди Рама, како заедничка подготовка за самитот на Берлинскиот процес што треба да се одржи на 16-ти октомври во Тирана.

Берлинскиот процес е познат како иницијатива на поранешната германска канцеларка Ангела Меркел од 2014 година, со цел да се поддржи стабилноста и демократската иднина на Западен Балкан, за подобрување на регионалната соработка и европска интеграција на тој регион.

Од западнобалканската шесторка, на состанокот во Тирана учествуваше четворката - Северна Македонија, Србија, Албанија и Црна Гора, заедно со еврокомесарот за проширување и соседска политика, Оливер Вархеји.

„Заедно со премиерите на Албанија, Србија, Северна Македонија и Црна Гора разговаравме како да се забрза економската и социјална интеграција на Западен Балкан, и за нова стратегија за раст за Западен Балкан. Посветени сме на брза имплементација на овој план за конвергенција“, напиша Вархеји на Твитер.

Тој по работниот ручек изјави дека EУ е посветена на брзо спроведување на новата стратегија за раст на Западен Балкан, која претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен ја најавила во мај.

Амбициозен план

Иако дел од овие теми се третираат и во рамки на иницијативата Отворен Балкан кон која пристапија Северна Македонија, Србија и Албанија, Берлинскиот процес успеа да ги обедини сите шест земји во проектите за регионална соработка.

Македонскиот премиер Димитар Ковачевски по вчерашната средба во Тирана изјави дека станува збор за амбициозен план.

„Се работи за амбициозен план, се работи за амбициозна агенда на која ќе работиме сите заедно. Она што исто така ќе биде дел од работата во периодот до октомври и после него, е ратификација и ставањето во функција на договорите кои веќе беа потпишани на состанокот во Берлин минатата година, на кои земјите веќе работат. Тука, пред сѐ, се мисли на меѓусебното признавање на дипломите, како и на другите договори кои беа потпишани во рамки на иницијативата на Берлинскиот процес, а кои договори се депонирани во нашето Министерство за надворешни работи“, изјави премиерот Ковачевски.

Димитар Ковачевски Северна Македонија премиер
Ковачевски: Се работи за амбициозен планФотографија: Government of North Macedonia

Како што е познато, на еден од најзначајните самити на Берлинскиот процес што се одржа лани во ноември во Берлин, шесте држави од Западен Балкан потпишаа три договори за мобилност: за признавање на високообразовните квалификации во Западен Балкан, за меѓусебно признавање на високообразовните квалификации за докторите на медицина, дентална медицина и архитектите, и за слобода на движење со лични карти во Западен Балкан.

Поголема финансиска и економска поддршка

Албанскиот премиер Еди Рама вчера побара Западен Балкан да дејствува како целина за унапредување на европската агенда, нагласувајќи дека тоа е единствениот начин да се забрза европскиот пат. На вчерашната прес-конференција Рама рече дека сѐ што се однесува на Самитот на Берлинскиот процес е целосно координирано со германскиот канцелар и со други европски актери, со цел средбата што се очекува во Тирана на 16-ти октомври да даде значителни резултати.

Договор кој усреќува многу семејства на Западен Балкан

„Истовремено со преговарачкиот процес, сакаме да имаме дополнителна финансиска и економска поддршка за земјите од Западен Балкан. Тоа почна да се обликува и се подготвува нов план. Затоа денеска бевме на состанок со комесарот, за да споделиме мислења како може земјите од Западен Балкан да добијат поголема финансиска поддршка, и од друга страна како можат да влезат на заедничкиот европски пазар пред да ѝ се придружат на Европската унија“, рече Рама.

Тој нагласи дека е непоходен нов финансиски план на ЕУ за земјите од Западен Балкан, затоа што се продлабочил јазот меѓу Европа и регионот по пандемијата, енергетската криза и последиците од војната во Украина, кога членките на Унијата добиле големи пакети на помош, но таа отсуствувала за земјите во процесот на пристапување.

Затоа, според Рама, уште поважно е земјите кои се во процес на пристапување да добијат пристап до европскиот пазар, поради што неопходно е регионот да дејствува како целина и да покаже дека споделува заеднички вредности со ЕУ. Рама порача дека и ЕУ на Западен Балкан треба да гледа како на целина и покрај тоа што земјите се во различни фази на пристапување во Унијата.

Комплеметарни процеси

Како што објави српската премиерка Ана Брнабиќ, покрај разговорите за интеграцискиот процес, таа со колегите од регионот разменила впечатоци и за ефектите на иницијативата Отворен Балкан. Таа смета дека ОБ и натаму функционира непречено и носи повеќекратна корист на сите граѓани на членките на таа инцијатива, и е прилично комплемантарна со Берлинскиот процес.

Ана Брнабиќ Србија премиерка
Брнабиќ смета дека Отворен Балкан и натаму функционира непречено Фотографија: Milos Miskov/AA/picture alliance

Отворен Балкан е регионална инцијатива која беше покрената од Србија, Албанија и Северна Македонија, со цел да обезбеди олеснување за движењето на луѓе, стоки, услуги и капитал меѓу трите земји. Во неа Црна Гора учествуваше само како набљудувач, а инцијативата не беше прифатена од Косово и БиХ. Но, последните две земји не испратија претставници ни на подготвителниот состанок за самитот на Берлинскиот процес. Во Тирана не присуствуваше претседавачот со Советот на министри на БиХ, Борјана Кришто, ниту премиерот на Косово, Албин Курти. Курти образложил дека истиот ден учествува на меѓународен симпозиум во Грција. Претходно овој месец тој одби да се сретне со Рама во Приштина, за време на неговата турнеја низ Западен Балкан, токму со цел да се координира со лидерите за развој на заеднички барања, кои би биле претставени на октомврискиот самит на Берлинскиот процес.