1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ковачевски - Фон дер Лајен: Поддршка за уставните измени

ДТЗ
31 мај 2023

Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен во Братислава претстави нова иницијатива за Западен Балкан. ЕУ дава силна поддршка на постигнувањето политички консензус за уставните измени во Македонија

https://p.dw.com/p/4S1GZ
Димитар Ковачевски
Ковачевски во Братислава: Уставните измени се во корист на земјата и регионотФотографија: Government of North Macedonia

ЕУ останува да биде пријател и партнер на Северна Македонија и дава силна поддршка на постигнувањето политички консензус за уставните измени, во корист на земјата и регионот. Вакво уверување добил премиерот Димитар Ковачевски на денешната средба со претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лaјен, во Братислава, каде учествуваат на Глобалниот безбедносен Форум на ГЛОБСЕК 2023. На средбата присуствувал и министерот за надворешни работи, Бујар Османи. Според соопштението од владиниот кабинет, на средбата „било изразено очекување дека сите политички чинители во земјата ќе ја препознаат важноста на моментот за иднината на земјата и ќе делуваат во корист на европската интеграција на Северна Македонија“. 

Планот за Западен Балкан 

Претходно претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен во своето обраќање на Форумот во Братислава, претстави нова иницијатива за Западен Балкан, порачувајќи дека „не е доволно да се каже дека вратата е отворена“ и дека „ЕУ, исто така, мора да преземе одговорност за приближување на земјите-кандидатки многу поблиску“.

„Сакаме да го надградиме напредокот постигнат во последните месеци. Но, ние исто така сакаме да донесеме некои од придобивките од членството во ЕУ за луѓето од Западен Балкан веќе денес“, порача Фон дер Лајен, презентирајќи го новиот пристап на Унијата. „Ние не бараме само од нашите партнери да преземат нови чекори кон нас. И ние правиме голем чекор кон нив. Нашата заедничка цел е да го забрзаме нивното патување кон ЕУ. И за ова, ја приближуваме нашата Унија до Западен Балкан“, додаде таа. 

Планот за раст што го предлага ЕУ е изграден на четири столба: да се доближи Западен Балкан до единствениот пазар на ЕУ, второ, да се продлабочи регионалната економска интеграција, да се забрзаат фундаменталните реформи и да се зголемат претпристапните средства.

Оптимизам за во ЕУ

Ковачевски вели дека е рационален оптимист и дека верува во остварување на целта - членство во ЕУ.  „Стратешката грешка што Европската Унија ја направи пред неколку години, кога на Северна Македонија и на Албанија им беше наметнато вето на европскиот пат, не може да се реши за пет минути зашто стратешките грешки имаат свој ефект во период од пет до 10 години најмалку.А, грешката што ја направи, ЕУ ја согледа откако почна војната во Украина“, рече тој во своето обраќање од панелот „Отворени патишта: Балканот се враќа во игра“.

Тој од Братислава во изјава за МИА се осврна на обврските што претстојат од земјата на патот кон ЕУ - како што е промената на Уставот и внесувањето на Бугарите во Преамбулата, процес за кој Владата ја нема поддршката на опозицијата.

„Уставните измени се една од обврските и одлуките коишто ние треба да ги донесеме на патот до полноправно членство во ЕУ и затоа јас велам дека гласот во Собранието е практично глас за Европа“, изјави Ковачевски по средбата со претседателката на Европската Комисија.

Токму на оваа тема Ковачевски вели дека ќе се разговара на средба со лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски. „Тоа е нешто што ќе го разговараме со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и со неговиот тим, и ќе треба да се изнајде начин да ја поддржат оваа одлука, бидејќи таа е практично глас за нашата интеграција во ЕУ и не смее и не може да биде предмет на дневно-политички калкулации или на добивање политички поени. Иднината на граѓаните, на сегашните и на идните генерации е далеку позначајна од кариерата на кој било политичар и треба да се надминат и личните и идеолошките разлики во делот на носењето на ваквите одлуки, бидејќи ова е обврска на сите политички партии и на сите пратеници во Собранието“, вели Ковачевски.