1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Уставните измени на врела рингла

15 мај 2023

Внесување на Торбешите во Уставот ќе води кон расцепкување на македонското национално ткиво, смета претседателот на Сојузот на Македонците со исламска вероисповед, Исмаил Бојда

https://p.dw.com/p/4RM7G
Парламент Северна Македонија
Иако уставните измени беа иницирани, пред сѐ, поради условот Бугарите да бидат впишани во Уставот, беше најавено дека тој процес ќе се искористи во него да бидат внесени и други заеднициФотографија: Reuters/T. Georgiev

Дали барањето да се внесат Торбешите во Уставот, може да предизвика нови турбуленции - и за поддршката на уставните измени, и за раситнување на владиното мнозинство? Неофицијално, една од партиите на Турците наводно веќе изнeла став дека за нив е неприфатливо Торбешите да влезат во Уставот како посебна заедница, а покрај ова тлее и незадоволство од неисполнувањето на барањето за промена на изборниот модел - за една изборна единица.

Според упатени во актуелните случувања, во коалицијата предводена од СДСМ има помали партии кои може поддршката за уставни измени да ја условуваат со барања за изборни измени, со цел на следните избори да имаат поголема партиска конкурентност, но велат дека кај некои од нив има и други барања, па „тешко е да се оцени кое барање им е приоритетно, а кое е наменето ‘за пазарање’“.

Според неофицијални информации, противењето Торбешите да бидат внесени во Уставот е став од кој немало да има ретерирање кај претставници на турската заедница. А доколку би бил прифатен предлогот да бидат впишани во Уставот, наводно тоа би можело да го чини мнозинството еден глас помалку.

Посебни или исти?

Барањето Торбешите да бидат внесени во преамбулата на Уставот на РСМ, досега во повеќе наврати го најавуваше Партијата за европска иднина (ПЕИ).

„Статутарна и главна програмска цел на Партијата за европска иднина е Торбешите да бидат дел од преамбулата на Уставот на РС Македонија. Веќе е подготвено официјално барање и чекаме да се отворат преговорите со политичките партии за отворање на Уставот“, најавија од ПЕИ уште минатото лето.

Со почетокот на активностите на работната група при Министерството за правда, која е пред обврската да подготви Предлог-иницијативата за измени на Уставот за внесување на Бугарите и други заедници, барањето на Торбешите доби и легитимна адреса каде ќе бара негова реализација.

Министерство за правда Северна Македонија
Работна група при Министерството за правда треба да подготви Предлог-иницијативата за измени на Уставот за внесување на Бугарите и други заеднициФотографија: DW/P. Stojanovski

Иако уставните измени беа иницирани, пред сѐ, поради условот Бугарите да бидат впишани во Уставот, беше најавено дека тој процес ќе се искористи во него да бидат внесени и други заедници. На последниот попис од 2021 година, 3.504 граѓани се изјаснија како Бугари, како Египќани 2.406, Хрвати 2.145, Црногорци 1.023, а како Торбеши 4.174, иако нивни претставници тврдат дека нивниот број е многу поголем.

Торбешите, кои се Македонци со исламска вероисповед, сметаат дека „според своите етнички, религиозни, јазични и културни карактеристики заслужуваат посебност и рамноправен статус со останатите етникуми во земјата“.

Бојда: Нема разлика

Но, претседателот на Сојузот на Македонците со исламска вероисповед, Исмаил Бојда, смета дека таквото барање ќе води само кон расцепкување на македонското национално ткиво. Според него, ова е трет обид да се иницира ова прашање - пред пописот, пред избори и сега, пред уставните измени. Причините ги смета за поинакви од оние, декларираните.

„Тие веројатно се навредени што не се на функција на некои должности. А јас велам вака: ако самиот не се избориш во својата етничка група, тогаш си многу слаб, тогаш бараш некаде излез во некои други средини, кај што треба да влезеш“, изјави Бојда на ТВ Сител.

Според Бојда, не може да се каже колкава е бројката на Македонци со исламска вероисповед во РСМ, бидејќи тие не се изјаснувале како „Македонци муслимани“, туку како Македонци, а само по религиозна припадност како „муслимани“. Но, смета дека бројот на Македонци со исламска вероисповед е околу 100.000.

„Бугарите може да влезат (во Уставот- н.з.) и четворица да се. Хрватите - и десет души да се. Египќаните исто така. Тие имаат покритие од национално ткиво, од државно ткиво. Овие (Торбешите) немаат. Торбешија некоја држава ли е, кај ќе ја најдеме? Срамота е на ова нешто да се заплеткуваме, да се делиме уште повеќе, да се замразуваме меѓу себе“, вели Бојда, потенцирајќи дека Торбешите зборуваат македонски јазик, пишуваат на кирилица и нема разлика во песните, обичаите, фолклорот и традициите.

Тој во многу наврати досега потенцираше дека Македонците со исламска вероисповед се значаен и нерскинлив дел од македонското ткиво. Освен во РСМ, дел од нив денес живеат во областа Гора на Косово, голем дел во Албанија и во Турција.

„Националната припадност се добива од раѓањето, додека човек во текот на својот живот по своја волја може да ја промени вероисповедта. Некои Македонци, поради различни причини, им припаѓаат на разни вероисповеди, но тоа не значи дека со промената на вероисповедта си ја промениле и националната припадност“, укажуваше Бојда, објаснувајќи дека како што има Албанци-муслимани, католици и православни, така има и Македонци со исламска вероисповед.

Карта Северна Македонија
Бојда во многу наврати досега потенцираше дека Македонците со исламска вероисповед се значаен и нерскинлив дел од македонското ткиво - освен во РСМ, дел од нив денес живеат во областа Гора на Косово, голем дел во Албанија и во Турција

Другите прашања потоа

Ова не е единственото прашање кое може да предизвика „искри“, во и онака поларизираната атмосфера околу уставните измени. Дел од партиите на Албанците сметаат дека уставните измени мора да се искористат и за промената на формулацијата „јазикот кој го зборуваат 20 проценти од граѓаните“ со формулацијата „албански јазик“. Исто така да се третира и прашањето за одлука за вонредна состојба, кое во време на Ковид-пандемијата покажа дека има потреба од прецизирање. Можност да се рзговара и за допрецизирање на други прашања во Уставот, првично најавуваше и министерот за правда Кренар Лога, но подоцна потенцираше дека во фокусот на уставните измени ќе биде само внесувањето на Бугарите и други заедници. И од работната група стигна порака дека таа нема мандат за други измени, а од власта уверуваат дека за сите прашања ќе се разговара, но оти сегашниот процес на уставни измени не треба да се оптоварува со нив, бидејќи приоритет е она што претставува обврска и услов за отворање на кластерите во процесот на преговори со ЕУ.

Сепак, се шпекулира дека барањето за смена на формулацијата „20 отсто“ може да биде употребено како силен притисок врз владејачката коалиција од опозициски партии на Албанците, вклучително и од незадоволната група во ДУИ, што би можело повторно да ја тестира одржливоста на мнозинството.