1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

И промената на државниот грб во барабанот за уставни измени

ДТЗ
19 април 2023

Ниту власта ниту опозицијата не го прифаќаат предлогот сега да се отвора прашањето за промена на државниот грб и да се поврзува со уставните измени, кога станува збор за одделни процеси.

https://p.dw.com/p/4QIHE
Собрание
И промената на државниот грб во барабанот за уставни измениФотографија: Reuters/T. Georgiev

Преку промена на грбот до уставни измени - овој предлог не е прифатлив ниту за власта ниту за опозицијата. Партиите сметаат дека сега не е време да се отвора прашањето за промена на државниот грб и да се поврзува со уставните измени, кога станува збор за одделни процеси. Ваквата идеја ја презентираше универзитетскиот професор по политички систем и поранешен пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Спасеновски во гостување на ТВ Сител. Политичарите треба да се осврнат на креативни решенија за да се дојде до двотретинско мнозинство, вели тој.

Спасеновски смета дека опозицијата, која што одби да учествува во работната група за уставни измени која што ја формира Министерството за правда, би можела да се придобие за гласање на уставните измени доколку се смени актуелниот грб на државата. Ваквиот предлог следи откако опозицискиот лидер Христијан Мицкоски го услови учеството во работната група со прифаќање на хрватскиот модел, што беше отфрлено од страна на владејачкото мнозинство. 

Нема поддршка за предлогот

ВМРО-ДПМНЕ  се огради од предлогот на Александар Спасеновски. „Сите овие прашања произлегуваат од чувството кај Македонците дека во континуитет нешто губат и од нешто се откажуваат. Промената на Уставот во овој момент и ново решение за државен грб немаат никаква меѓусебна поврзаност. Тоа се одделни процеси и какво било нивно поврзување го нарушува процесот на носење нов државен грб за кој веќе постои консензус во минатото“, реагираат од партијата.  

Премиерот Димитар Ковачевски денеска (19.04) повторно ѝ порача на опозицијата дека предлозите треба да ги канализира преку комисијата за уставни измени. 

„Слободно нека ги донесат сите свои предлози во Комисијата за уставни прашања, која ќе биде формирана во Министерството за правда, и таму ќе може да се разговара“, рече премиерот одговарајќи на новинарски прашања по увидот во градежните работи на социјална зграда во Бутел.

Димитар Ковачевски
Се нудат секакви решенија за уставни измени - премиерот Ковачевски порача дека расправата треба да се води во комисијатаФотографија: Government of North Macedonia

Легитимитет и без опозицијата

Тој вели дека ставовите на опозицијата секојдневно се менуваат. „Бидејќи гледаме, прво беше хрватски модел, сега грб, така што, ставовите на дневно ниво таму се менуваат. Ќе видиме до крај како ќе биде“, рече премиерот.

Тој е дециден дека и без поддршка од опозицијата, земјата станала членка на НАТО, а ќе стане и членка на Европската Унија.

„Дали има легитимитет нашето членство во НАТО? Има, иако опозицијата не го поддржа. Ќе станеме членка на ЕУ и јас се надевам дека опозицијата еднаш нешто ќе поддржи. Опозицијата не го поддржа ни договорот со Фронтекс за којшто утре почнува имплементацијата, каде што за првпат имаме македонски јазик со сите други јазици на ЕУ“, изјави Ковачевски.

„Креативни решенија“

Професорот Спасеновски повика на креативни решенија со кои би се антиципирале стравовите на противниците на уставните измени и би се овозможила нивна поголема идентификација со уставно правниот политички систем во државата. Еден таков пример, според Спасеновски, е враќање на дебатата за промена на државниот грб според предлогот од 2014 година. Тоа, смета тој, би било и во светло на декларираната заложба на Владата за унапредување на единството.

„Да се најдат решенија кои ќе овозможат поголема нивна идентификација во рамки на Уставот или во рамките на уставно правниот, на политичкиот систем. Во минатото имаше такви заложби на дел од опозициските партии. Можеби враќањето на старата дебата некаде од 2014-2015 година за менување на актуелниот државен грб на државата, нешто што како проект беше започнато од минатата влада, беше обезбедена согласност од ДУИ, е еден од начините како да се овозможи земање предвид на интересите, на заложбите, на најголемиот дел од конзервативниот дел од државата, но истовремено да се најде начин како резултат на таквата отстапка/решение да се дискутира со опозицијата и да се обезбеди нејзина согласност околу текстот на уставните измени“, изјави Спасеновски.