Хаос во сообраќајот - протести на приватните превозници
25 ноември 2022Хаосот во градскиот сообраќај во Скопје кој трае со недели кулминираше со незадоволство на приватните превозници, обвинувања за криминал и закани со тужби. Приватните превозници започнаа со протести пред централата на ЈСП во Автокоманда, бараат одговори зошто некој дозволил да се акумулира долг од околу два милиони евра за неколку месеци, со што многумина се оставени без плати.
„Не оставија без леб. Ние сме чесни луѓе кои самите инвестиравме во сето она што го имаме, самите си се вработивме, редовно плаќаме даноци а сега се доведовме во ситуација, некои од нас да немаат земнено плата и шест месеци. Срам да и е на градоначалничката“, порачаа приватните автобуски превозници.
Проблемите со јавниот превоз во Скопје започнаа пред еден месец, кога вработените во ЈСП излегоа на протест поради неисплатени плати. Главниот град дури еден ден остана без јавен градски превоз, што не се случило претходно. По ЈСП, со работа престана приватниот превозник „Макекспрес“ поради неисплатен дол од ЈСП, а деновиве од сообраќај се повлекоа и автобустите на приватниот превозник „Слобода превоз“. Тие прекинаа да сообраќаат на линиите 9, 12, 22, 23 и 45, поради неисплатен долг од Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ и Градот Скопје.
Обвинувања
Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска на прес-конференција (24.11) обвини дека здруженијата на двата приватни јавни градски превозници „Макекспрес“ и „Слобода превоз“ во изминатите пет години немаат пријавено ниту еден продаден билет во автобусите. Во исто време, вели таа, од Јавното сообраќајно претпријатие ги наплаќале фактурите за извозените километри за сума од едно евро по километар.
Таа информираше дека Градот Скопје изготвил нов јавен повик на кој секој од индивидуалните приватните превозници што ќе ги исполни условите ќе му биде овозможено да добие линија на која ќе врши превоз на патници во главниот град.
Директорот на „Слобода превоз“, Ленин Јовановски, ги демантираше обвинувањата на Арсовска. „Најодговорно тврдам дека `Слобода превоз` од воведувањето на системот, а и никогаш претходно, не била таа која што продавала билети за превоз. За билетите, од набавка, продажба и колетирање на парите исклучиво е надлежно Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП). Ниту еден приватен превозник не продава билети во своите автобуси на каков било начин“, рече Јовановски.
Возачите на автобусите на „Слобода превоз“ и на „Макекспрес“, сметаат дека градоначалничката се обидува да создаде раздор помеѓу нив, место да изнајде решение за проблемите.