1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој е одговорен за колапсот на ЈСП?

ДТЗ
18 октомври 2022

Место бесплатно да се возат, како што им беше ветено, скопјани може да останат без градски превоз. Град Скопје вината на префрла кај Владата, оттаму пак велат дека ги имаат подмирено сите обврски кон ЈСП

https://p.dw.com/p/4IMho
ЈСП автобуси
ЈСП тоне во долгови, ќе се најде ли решение за јавниот превоз?Фотографија: picture alliance/dpa

Место да користат бесплатен превоз како што им беше ветено, скопјани може да останат без градски превоз.Јавното сообраќајно претпријатие, според надлежните е пред колапс поради неподмирени долгови, а Градот Скопје под чија надлежност се јавните претпријатија, и овој пат вината ја насочува на адреса на Владата, од која што бара решение за неисплатените плати на вработените.

„Со опструирање од страна на сите институции во државата, кои што 30 години ја 'изедоа' оваа држава, ние не можеме да градиме ниту поквалитетен град, ниту поквалитетна држава. Секој треба да си ја носи својата обврска и одговорност, а тоа значи доколку некој должи над два милиони евра не треба да прашува како ќе има бесплатен јавен превоз, туку треба да си ги плати своите обврски. Истото се однесува и за централната и за оние единици на локалната власт кои не си ги подмируваат своите обврски“, вели скопската градоначалничка Данела Арсовска. 

Синдикатите најавуваат дека ќе протестираат пред ЈСП, а скопската градоначалничка порача дека : „ќе им ги паркира автобусите на ЈСП пред Владата и пред останатите институции кои што ќе ги саботираат процесите“. Со цел да се најде излез од ситуацијата, советниците на ВМРО-ДПМНЕ во градското собрание побараа вонредна седница.

Во долгови до гуша

Град Скопје денеска побара Владата, општините и сите должници кон претпријатието во најкус можен рок да ги исплатат своите обврски со цел да се овозможи негово нормално функционирање. Тврдат дека Владата, односно Министерството за образование и наука има долг кон ЈСП „Скопје“ од 120 милиони денари или околу два милиони евра за бесплатниот превоз на ученици и студентите. „Дополнително неколку скопски општини му должат на претпријатието околу 40 милиони денари“, изјави на прес-конференција секретарот на Град Скопје, Зоран Глигоров.

Скопската градоначалничка вели дека автобусите на ЈСП ќе сообраќаат до оној момент додека можат, а дел од возилата утре ќе бидат пред Владата и останатите институции, се додека не бидат подмирени долговите кон ова јавно претпријатие. Таа не гледа одговорност кај Град Скопје. „Не може некој да ни прави хајка и да се обидува од нас да бара одговорност, за нешто кое некој друг го проблематизира и саботира. Тоа нема да дозволиме да се случи“, порача Арсовска. 

Данела Арсовска
„Не може некој да ни прави хајка и да се обидува од нас да бара одговорност“, вели Данела АрсовскаФотографија: Petr Stojanovski

Иако Градот се соочува со сериозен предизвик да обезбеди редовен градски превоз за скопјани, Арсовска и понатаму не отстапува од ветувањата за бесплатен превоз, коишто беа едни од главните адути во нејзината изборна кампања. Таа најавува дека во втората половина на 2023 година, скопјани сепак ќе имаат бесплатен јавен превоз. „Но, сите институции треба да си ги почитуваат обврските и да ги исплатат своите долгови“, децидна е таа. 

Раце во медот 

На обвинувањата на Арсовска, Владата одговори дека немаат долг кон ЈСП - Скопје, а состојбата во која што се наоѓа претпријатието, според нив, е показател дека општините неодговорно менаџираат со средствата наменети за превоз на учениците и навремено не ги подмируваат обврските. Владата ги повика локалните самоуправи кои ги користат услугите на ЈСП – Скопје подобро да ги менаџираат своите буџети и редовно да ги подмируваат долговите кон јавното претпријатие, за да не се доведе во прашање неговото нормално функционирање во услови на економска и енергетска криза.

Претходно од СДСМ обвинија дека „заради неспособност, тендери и провизии, заради рацете во медот на кадрите на ВМРО-ДПМНЕ, градскиот превоз во Скопје и ЈСП се доведени пред колапс“. Вината за овој колапс, според нив, е целосно во локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ во градот Скопје и нивната градоначалничка којашто тие ја промовираа, ја поддржаа и којашто ја избраа на чело со „медарот Христијан Мицкоски“.