1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сомнежите на Арсовска испратени во „прочистителна станица“

15 септември 2022

Европската инвестициска банка ја растера маглата околу тендерот за изградбата на пречистителната станица за отпадни води во Скопје

https://p.dw.com/p/4Grra
Данела Арсовска градоначалник на Скопје
Данела Арсовска, градоначалник на Скопје - менаџирање или стопирање?Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Се штити личен, партиски или јавен интерес? Кој ја говори вистината, кој не? Со еден одговор, Европската инвестициска банка (ЕИБ) ја растера маглата над неколкудневната  јавна кавга меѓу градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска и разрешениот директор на Јавното претпријатие Водовод и канализација - Скопје, Златко Перински, околу тендерот за изградбата на пречистителната станица за отпадни води во Скопје. Арсовска, која во минатиот петок го разреши Перински, изрази сериозни сомнежи дека се влијаело врз постапката и најави дека истите ќе ги поднесе во соодветното Обвинителство. Перински, пак, рече дека на крајот на јули добил допис од Арсовска, која од него барала промена на членовите на евалуационата комисија за изградба на пречистителната станица. Ја известил ЕИБ како кредитор на проектот, и таа дала негативно мислење за тоа.

Вредноста на овој проект е 136,7 милиони евра, а е финансиран со заеми обезбедени од Европската инвестициска банка (ЕИБ) и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). Проектот го спроведува јавното претпријатие за Водостопанство „Водовод и канализација-Скопје (ЈПВК), а ЕИБ го води мониторингот на проектот.

На прашање на Телма, ЕИБ даде одговор за постапката.

„Вклучувањето на ЕИБ во прегледот на постапката за набавка за горенаведениот проект е ограничено на проверка дали се исполнети условите поврзани со неговото финансирање, при што се бара, за секој чекор на набавка, ЕИБ да даде одобрување. ЕИБ ја одобри стратегијата за набавки и постапката за евалуација во 2019 година. Две меѓународни набавки – за работи и услуги – се во тек со двата договори во нивната финална фаза на евалуација на понудите. ЕИБ може да потврди дека од почетокот на проектот се почитуваат условите и преземените обврски за исплата на средствата. Набавките се спроведени во согласност со водичот за набавки на ЕИБ и во согласност со одобрената стратегија за набавки. До денес, Комитетот за евалуација, потпомогнат од искусен тим од меѓународни консултанти, ги извршуваше своите задачи на посветен начин. Ја следеше тендерската документација и бараше совети од ЕИБ кога тоа беше потребно“, објаснуваат од ЕИБ.

Во одговорот, недвосмислено е објаснето и што ќе значи обидот за ревидирање на актуелната постапка.

„Обидите да се ревидира стратегијата за набавки без соодветно оправдување во оваа фаза од процесот на евалуација, или неусогласеноста со важечките принципи за доверливост, може да предизвика значително одложување во процесот на набавка и на тој начин може да ја загрози достапноста на средствата. ЕИБ со нетрпение го очекува успешното завршување на тековната евалуација на понудите и доделување на соодветните договори без никакво одлагање“, порачуваат од Европската инвестициска банка.

„Епа градоначалничке, ќе имате доста за објаснување“, напиша Перински на Фејсбук по одговорот на ЕИБ.

Пречистителната станица му е итно потребна на Скопје
Пречистителната станица му е итно потребна на СкопјеФотографија: DW

Менаџирање или стопирање?

Оваа епизода, колку што  ги наруши односите меѓу Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ,  со чија поддршка таа стана градоначалничка, според експертите, најмногу ја руши сликата за капацитетот на нашите институции. Особено што ова не е прв обид за стопирање на проекти. Истото се случи и со „Бас рапид транзит“, проект кој го почна Петре Шилегов, претходникот на Арсовска. Таа дојде на кормилото на Градот со став дека на Скопје му треба добар менаџер, но не успеа да ги изменаџира ни односите со директорите на јавните претпријатија. Тој однос се рефлектираше со именувања и брзи разрешувања на директори, а најчесто со нивни оставки поради отсуство на комуникација, отсуство на поддршка и нејзина незаинтересираност за работата на јавните претпријатија.

Од ВМРО-ДПМНЕ пред два дена јавно изразија незадовоство од работата на Арсовска.

„Причините поради кои функционерите од ВМРО-ДПМНЕ поднесоа оставки ги видовме во јавноста преку нивните изјави. Но, како партија која го поддржа  концептот за модерно Скопје  и која застана со поддршка зад независната кандидатура на Арсовска, искрено верувајќи во овој концепт, можам да кажам дека не сме задоволни од досега сработеното од градоначалничката и сметаме дека малку е реализирано, а може и треба да се испорачаат многу повеќе резултати кои ги заслужуваат скопјани. Поддршката која ја дадовме на почетокот кон Арсовска е темелена на принципи и секако ние таа ќе ја повлечеме тогаш кога ќе видиме дека тие принципи не се почитуваат“, рече портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.

Скопје пречистителна станица за отпадни води.
Скопје е единствениот главен град во Европа кој нема изградено пречистителна станица за отпадни водиФотографија: DW

Речна депонија

Што добија скопјани?  Според реакциите - изгубено време во кавги и изгубена доверба. Изградбата на пречистителна станица беше најавена на крајот од 2019 година. Во мај 2020 од ЈП најавија почеток на изградбата до крајот на 2021 година, а во март годинава беше соопштено дека ќе почне во текот на 2022 година.

„Ако до сега отпадните води одеа директно во Вардар, притоа свесно загадувајќи ја животната средина и јавното здравје, сега конечно ќе имаме можност активно да делуваме, да ги менуваме работите и да ставиме крај на загадувањето на реката Вардар“, изјави во март годинават скопската градоначалничка.

И покрај тоа, се случи она што јавноста не го очекуваше, во време кога Скопје е единствениот главен град во Европа кој нема изградено пречистителна станица за отпадни води.

Во однос на водите во Скопскиот регион, за најзагадено подрачје се смета делот на Вардар од Сајмиште кон Трубарево, каде се слеваат непречистени отпадни води од домаќинствата и компаниите, но и од други загадувачи: фрлени мрши од животни, градежен шут, органски отпад и фекалии од празнењето на септичките јами, сето тоа директно - во Вардар. Со изградбата на пречистителна станица треба да се подобри бактериолошкиот и хемискиот квалитет на водата во Вардар, со што би се овозможило нејзино  безбедно користење за наводнување на земјоделските површини.

Директивите на ЕУ јасно укажуваат на забрана за испуштање на отпадни води во реките, езерата и подземните води ако претходно не се третираат во пречистителни станици. Без изградба на пречистителни станици за отпадни води, земјава не може да ги задоволи европските стандарди за животна средина.