Неколку прашања за Скопје, кои заслужуваат прецизни одговори
9 октомври 2021Кон крај на втората седмица од кампањата за локалните избори, избирачите можат да понесат впечаток за кандидатките, кандидатите, и нивните изборни програми. Дел од избирачите кои се членови или симпатизери на политичките партии, како и дел од нив кои ги преферираат независните, претпоставка е дека веќе се имаат определено. Сепак, поучени од претходните изборни циклуси и последните анкети, се поголем е бројот на неопределени избирачи и следствено ризикот за рекордно мала излезност. За очекување е дека токму неопределените, доколку бидат убедени во квалитетот на понуденото и помасовно излезат на изборите, ќе го одлучат победникот. Имајќи предвид дека натпреварот за градот Скопје е круна на локалните избори, на неопределните може да им помогнат попрецизни одговори на следниве прашања.
Како органите на градот Скопје ќе обезбедат нулта толеранција за корупција?
Од завршната сметка на Градот Скопје може да се согледа дека во пандемичната 2020 година градот има направено расходи во висина од близу 60 милиони евра од кои над 4 милиони евра се исплатени за плати и надоместоци а најголем дел од расходите, над 16 милиони евра се направени за капитални инвестиции. Значајни расходи од над 14 милиони евра или вкупно близу 29 милиони евра, биле направени за набавка на стоки и услуги и за субвенции за јавните претпријатија. Проценка е дека под нормални околности, градот има фискален капацитет да собере и реализира средства во висина од околу 80 милиони евра. Овој обем на средства наложува потреба од силни механизми за спречување на корупција и целосно функционална внатрешна ревизија и финансиска контрола. Урбанизмот и градењето се клучните надлежности кои треба да се адресираат покрај јавните набавки, но пожелно е да слушнеме и став поврзан со вработувањата во градот и јавните претпријатија, бидејќи партиски вработувања се сметаат за индиректен но силен облик на корупција.
Под кои одредници ќе се подготви новиот ГУП за Скопје?
Програмата според која е нарачана подготовка на новиот ГУП не е јавно достапна. Без оглед што планот е нарачан, пожелно е Програмата да се ре-потврди по изборите низ процес на широки и добро организирани консултации. Дури потоа планерите ќе го исцртаат тоа што ќе биде утврдено како одредница за идниот урбан развој на Скопје, заснована на поширок стручен и јавен консензус. Притоа, нужно е да се има прецизен став барем за два аспекти: прво, која ќе биде конечната граница за градба кон Водно имајќи предвид дека треба да се подготви план за управување со заштитеното подрачје со кој се менува режимот на користење и управување со земјиштето, и со кој мора да се ограничи негова понатамошна пренамена во градежно земјиште, и второ, дали и како ќе се адресира потребата од обнова на стамбениот и друг фонд на објекти од предземјотресно Скопје, или ќе се продолжи со широка и комерцијално придвижена урбанизација без оглед на објективните ризици по отпорноста на градот и квалитетот на живот во него.
Концепт за управување со отпадот кој го генерира Скопје?
Во овој контекст има неколку релевантни подпрашања. Како кореспондира иницијативата за изградба на постројка за согорување на отпад со придружна инфраструктура со средства на приватен инвеститор, со целосната изградба и доопремување на регионалната санитарна депонија „Дрисла"? Претпоставка е дека поради неговата концентрација и квантитет, носење на отпадот од Скопје во постројка за согорување лоцирана на територија на градот или во близина на Скопје, најдиректно и позитивно би влијаело врз економската оправданост на инвестицијата.
-претходни колумни: Како се трошат нашите пари во општините?
Од друга страна, достапни се средства од донатори, вклучувајќи ја пред сите останати, Европската Унија, за целосно воспоставување на систем со 7-8 регионални депонии на територија на Републиката, со статус на јавни претпријатија. Наредното подпрашање е дали во наредниот мандат ќе се воспостави систем за примарна селекција на изворот на создавање на отпадот, овозможувајќи негово рециклирање. Од една страна, импонира амбицијата Скопје да биде европска зелена престолнина, но од друга страна, нереални се очекувањата тоа да се оствари без европски начин на управување со отпадот.
Намалување на аерозагадувањето и плафонот за задолжување?
Можеби и највпечатливата полемика во досегашниот тек на кампањата во градот Скопје беше поврзана со обновата на автобуската флота на ЈСП. Притоа се судрија два концепти. Едниот од нив за брза обнова на флотата со 250 автобуси на електричен погон без дополнителна инвестиција во т.н „Брз автобуски превоз“, а вториот за постепена обнова преку транзиција кон автобуси на метан и делумна обнова на флотата со автобуси на електричен погон, со инвестиција во „Брз автобуски превоз“. И двата концепта не беа проследени со подетална проекција на сите неопходни расходи. Треба да се напомене дека градот веќе подигна кредит од ЕБОР во износ од 10 мил. евра и набави 33 автобуси на метан кои ги задоволуваат стандардите за емисија од класа ЕУРО 6. Покрај позитивните ефекти врз аерозагадувањето проценка на градот беше дека ќе се оствари заштеда од 700.000 евра годишно. Набавени се 21 единечен автобус со капацитет за 85 патници и 12 зглобни за 149 патници. Според постигната цена на тендерот еден единечен автобус чинел 263.000 евра, а зглобните 334.000 евра. Доколку овие цени се релевантни и во моментов, за обнова на флота од дополнителни 220 автобуси на метан, неопходни се минимум 66 милиони евра. Поврат на средства преку заштеди е возможен за минимум три мандати но автобусите релативно бргу се амортизираат, така да обновата во суштина е подвижна мета која и во иднина ќе бара соодветни вложувања. Од своја страна, обновата со автобуси на електричен погон е повеќекрано поголема и бара инвестиции во покомплексна поврзана инфраструктура. Реализацијата на „Брз автобуски превоз“ е истотака планирана со ново задолжување во ЕБОР.
-претходни колумни: Балтички тигар и балкански рис, во две силиконски долини
Кога сме до задолжувањата, предвид треба да се имаат и други стратешки потреби на градот, и истото да се балансира со планираните директни капитални инвестиции од буџетот на градот и капиталните трансфери и инвестиции на државата, на среден и долг рок. За колку дополнителни средства, кандидатките и кандидатите планираат да го задолжат градот, односно сите нас, е повеќе од релевантно прашања. Притоа, со право очекуваме да добиеме повеќе информации за износот на средства и улогата на градот во изградбата на станицата за пречистување на отпадните води со поврзана инфраструктура, како најголемата инвестиција (цирка 140 милиони евра) во историјата на градот. Потоа, дали и колку средства се неопходни за брза терцијарна гасификација, односно обезбедување приклучок за гас барем до најголем број домаќинства и економски оператори кои не се приклучени на системи за централно греење или користат други енергенси во работните процеси. Кој ќе ја спроведе оваа капитална инвестиција? Дали постои консензус за делегирање на одговорноста на градско јавно претпријатие или ќе се пристапи кон концесионирање на мрежите. На сето ова се надоврзува и потребата од планирање на доволно средства за спроведување на мерки кои обезбедуваат повисок степен на енергетска ефикасност.
Спречувањето на корупцијата, каков ГУП ни е потребен, управувањето со отпадот и обезбедувањето квалитетен амбиентен воздух се теми кои мора подлабоко и посериозно да се дискутираат со цел избирачите да можат да ги оценат понудените решенија. Од таа причина, погоре наведените прашања, сепак заслужуваат попрецизни одговори.