Данела Арсовска ја „блокира“ Владата
21 октомври 2022Неколку автобуси на ЈСП и натаму го блокираат сообраќајот пред македонската Влада и покрај вчерашната одлука возилата на јавниот превоз да се вратат во сообраќај. Граѓаните се револтирани поради блокадите во главниот град кои траат со денови. Претседателот на синдикатот на ЈСП, Миќо Стојановски синоќа изјави дека по налог на градоначалничката Данела Арсовска пред Владата останале 15 автобуси.
„Тоа е еден вид притисок врз Владата за што побрзо да го реши тој нивен клинч околу долговите што Владата ги има кон ЈСП за блок дотациите за превозот на средношколците и студентите во градот Скопје“, рече Стојановски.
Од Град Скопје тврдат дека Министерството за образование и наука им должи 120 милиони денари за субвенциите за вршење превоз за студенти и ученици во средно образование. Од Владата стојат цврсто на својот став дека немаат долгови кон ова претпријатие, особено што учениците во текот на минатата година учеа онлајн поради пандемијата.
Останатите автобуси на ЈСП утринава се вратија на скопските улиципо одлуката на Советот на Град Скопје да се пренаменат пари со цел исплата на платите на вработените во ова скопско јавно претпријатие. Со тоа се обезбедени средства за платите до крајот на годинава.
„На трансакциските сметки на вработените ќе биде исплатена септемвриската плата и ме радува тоа што се обезбедени средства од буџетот на Град Скопје за наредните три плати, што значи дека ќе нема потреба повеќе да чекаме 15. за средствата да им бидат доделени на вработените, а уште повеќе ме радува тоа што во ребалансот за буџетот за 2023 година јавниот градски превоз и ЈСП ќе бидат побогати за 360 милиони денари, затоа што тоа се пари кои во минатиот период, да не речам беа скриени, туку беа фантомски“, изјави Стојановски.
Градоначалничката Данела Арсовска вели дека парите што се пренаменети за плати се замена за парите што на Јавното претпријатие му ги должат Министерството за образование и општините и ги повика да ги подмират долговите што поскоро.