1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Падна договор - автобусите на ЈСП почнаа да возат

ДТЗ
20 октомври 2022

Проблемот е решен со пренамена на 2 милиона евра од буџетот на Град Скопје за плати во ЈСП „Скопје“. Ова е првпат главниот град да остане без јавен превоз, откако возачите одбија да работат поради неисплатена плата.

https://p.dw.com/p/4IS5h
ЈСП протест Влада
Кој ќе ја понесе одговорноста за хаосот кој се случи во јавниот превоз, а чии негативни последици ги чувствуваат жителите на главниот град? Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Автобусите на ЈСП се враќаат во сообраќај на скопските улици, по најавата дека е постигнат договор за неисплатените плати. 
„Трансферот на пари е направен. Платата ќе биде поделена утре. Автобусите почнуваат да сообраќаат“, изјави за МИА, претседателот на синдикатот на ЈСП, Миќо Стојановски.

Информацијата ја потврдија и од Град Скопје и го повикаа менаџментот на претпријатието да си даде оставка, а Владата и општините во најкус можен рок да ги исплатат долговите кон ЈСП. „ЈСП продолжува со нормалното функционирање, откако градот Скопје изнајде решение за вештачки предизвиканата криза во претпријатието. Повикуваме, менаџментот на претпријатието веднаш да поднесе неотповиклива оставка од функцијата поради несоодветно менаџирање со претпријатието, поттикнување и предизвикување на хаос“, се вели во соопштението. 

Проблемот е решен со пренамена на околу 2 милиони евра од буџетот на Град Скопје за плати во ЈСП „Скопје“. „ЈСП со децении е загубар и никој 30 години не ја смени оваа ситуација. Сите тие што се членови на Управни одбори носат исто така одговорност за оваа ситуација“, рече скопската градоначалничка Данела Арсовска. 

Таа оцени дека протестот е срамен, бидејќи граѓаните останале без превоз за на работа и на училиште и обвини дека станува збор за јавен линч кон неа, бидејќи не е од ниту една партија.  

Автобусите на ЈСП изутринава останаа во гаражите, а скопјани за да заминат на работа и на училиште мораа да се снаоѓаат како знаат и умеат. Ова е првпат да замре „градскиот крвоток“ откако возачите во јавниот превоз одбија да работат поради неисплатени септемвриски плати. 

Данела Арсовска
Данела Арсовска оцени дека протестот е срамен и обвини дека станува збор за јавен линч кон неа, бидејќи не е од ниту една партија.  Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Кривични пријави 

Градот Скопје, место решение за настанатиот проблем, најави кривични пријави против оние коишто го попречуваат редовното функционирање на јавното претпријатие. Од ЈСП изутрината обвинија дека дваесетина луѓе од ССМ и т.н. независен синдикат на ЈСП спречуваат возачите на автобуси редовно да си ги вршат своите работни задачи, спротивно на член 35 од Законот за јавните претпријатија со кои се уредува начинот на штрајк.  

„Овие дваесетина лица немаат штрајкувачки одбор, ниту пак имаат пријавено редовен штрајк. Дури и во случај да го имаа редовно пријавено штрајкот, тие согласно Законот за јавни претпријатија мораат да обезбедат редовно функционирање на претпријатието додека трае штрајкот“, се вели во соопштението. Притоа апелираат до членовите на управниот одбор на ЈСП да постапат согласно нивните законски обврски, затоа што во спротивно ќе бидат дел од кривичната пријава поради незаконско организирање на штрајк и попречување на работата на претпријатието.

„Одговорност мора да има, па затоа ги повикуваме и членовите на управниот одбор на ЈСП назначени по предлог на ВМРО-ДПМНЕ да си поднесат неотповикливи оставки поради доведување во заблуда на дел од вработените во претпријатието и предизвикување на прекин на работните задачи на вработените. Одговорност ќе бараме и од членовите на управниот одбор“, порачаа и од Град Скопје. 

Арсовска нема да поднесе оставка 

Градоначалничката Данела Арсовска не смета дека треба да си поднесе оставка, откако Скопје за првпат во својата историја остана без јавен превоз. Таа во изјава за сдк.мк вели дека вината е кај ВМРО-ДПМНЕ, односно управниот одбор на ЈСП Скопје. „Оставка треба да си поднесат одговорните за управување со ЈСП, односно Управниот одбор на претпријатието изгласан од ВМРО-ДПМНЕ“, вели Арсовска.

На ваквите обвинувања возвратија од синдикатите, кои тврдат дека зад штрајкот стојат 200 возачи, кои се гладни и не можат да ги извршуваат работните обврски. Бараат да им биде исплатена септемвриската плата, бидејќи немаат средства за да ги издржуваат семејствата. 

Град Скопје вчера по неколкучасовна жестока расправа и обвинувања подготви одлука за пренамена на средства со кои ќе се обезбеди исплата на последната плата. Од ЈСП и  Градот Скопје тврдат дека доцнењето на платата е поради неисплата на долгови кон претпријатието од страна на Министерство за образование и наука и општините. Ваквите обвинувања деновиве беа отфрлени од страна на Владата и МОН, кои стојат цврсто на ставот дека немаат никакви долгови кон претпријатието.