1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Гостивар и Терниц станаа светски познати преку ноќ

9 август 2024

По откажувањето на концертите на Тејлор Свифт, малото гратче во Долна Австрија со 15.000 жители, од кои дел и доселеници, ја дели истата загриженост со Гостивар, мултиетнички град во западниот дел на Северна Македонија.

https://p.dw.com/p/4jHLj
Österreich Großeinsatz in Ternitz
Фотографија: Alex Halada/APA/dpa/picture alliance

Два мирни града – едниот Терниц во Австрија, другиот Гостивар во Северна Македонија станаа светски познати преку ноќ. И двата во мачна приказана ги „спои“ Б.А. (19), еден од приведените за  планирање терористички  напади за време на  концертите на Тејлор Свифт во Виена,  со потекло од Северна Македонија, а роден во Австрија. Покрај него, уапсени беа уште две лица, едното на 17-годишна, а другото на 15-годишна возраст.

Веста се најде на насловните страници и во ударните вести на најголемите светски медиуми. 

Малото гратче во Долна Австрија со 15.000 жители, од кои дел и доселеници, ја дели истата загриженост со Гостивар, мултиетнички град во западниот дел на Северна Македонија.

Регионалните медиуми објавуваат детали од двете дестинации – станбената населба во Терниц каде што е домот на Б.А., и Гостивар – мирната општина од каде што се неговите родители.

„Ужасно е што вакво нешто се случува во Терниц". „Драго ни е што полицијата постапи толку брзо и професионално", „Ова е срам за сите чесни луѓе од Терниц со миграциско потекло кои паѓаат во омаловажување поради вакво нешто“, пренесува „Кронен цајтунг" дел од коментарите на социјалните мрежи.

Во Гостивар живееме мирно

Македонското МВР по барање на австриските власти  ќе треба да направи проверка за приведеното лице со потекло од РСМ, а голем број регионални медиуми веќе побараа дел од одговорите - дали осомничениот доаѓал во Гостиварско, колку често итн.

Блиски на семејството за хрватскиот „24 часа“ изјавиле дека речиси и не го познаваат, бидејќи ретко доаѓал во Гостивар - повеќе како дете, кое било мирно и повлечено, и не правело проблеми. Неговото семејство го опишуваат како традиционално – биле религиозни, но не радикални верски фанатици.

Гостивар Северна Македонија
Родители се загрижени од недостигот на информации дали приведениот Б.А. доаѓал во Гостивар (архивска фотографија)Фотографија: DW/S. Toevski

Жителите на Гостивар не сакаат нивниот град, во кој мирно живеат граѓани од повеќе етнички заедница, да се спомнува по лошо.

„Гостивар има со многу што да се пофали, жал ми е што медиуми дотрчаа овде за нешто што не е одлика на овој град. Кај нас никогаш немало никакви проблеми. Не го познавам семејството. Некои што ги познаваат велат дека биле од село Чајле, други дека таму живеат нивни роднини. За среќа сите овде мирно живееме и се надевам дека така ќе продолжи“, вели за ДВ, жител на градот.

Родители се загрижени од недостигот на информации дали приведениот Б.А. доаѓал во Гостивар и колку често.

„Треба нашите надлежни служби тоа да го утврдат. Битно е дали доаѓал овде, дали имал круг на луѓе со кои комуницирал и ги мотивирал да му се придружат. Дури и да не доаѓал, ако такви  радикализации и регрутации  се прават преку социјалните мрежи, нашата младина е во опасност. Сето тоа мора да биде испитано“, вели мајка на 18 - годишно момче.

Неостварен сон

Како што објавија австриските власти, планираните напади беа фокусирани на областа околу стадионот, каде традиционално се собирале оние кои не можеле да набават билети за концертите. На секоја од трите концертни вечери  во Виена  се очекувале до 20.000 луѓе.

Разочарани фановите на Тејлор Свифт поради откажаните концерти во Виена
Разочарани фановите на Тејлор Свифт поради откажаните концерти во ВиенаФотографија: Eva Manhart/APA/picture alliance

Оние кои обезбедија билети за концерите се разочарани, но една од приказните кои ја трогнаа јавноста - е онаа за Симоне (21) од Салцбург, на која ѝ останале само уште неколку недели живот поради рак во терминална фаза. Како што објави „Кронен цајтунг“ таа имала една желба - да оди на  концерт на американската суперѕвезда Тејлор Свифт во Виена.  Заради откриениот план за терористички напади и откажаните концерти, здружението „Rollende Engel" кои ги исполнувало последните желби на смртно болните пациенти, не успеало да ѝ го исполни сонот.

Единствената добра вест останува дека не се исполнил сонот на првоосомничениот: тој имал намера нападот да го изврши со експлозив и ладно оружје, со цел да настрадаат што повеќе луѓе. Ја напуштил работата на 25-ти јули велејќи дека има големи планови. Го променил својот изглед, се однесувал и работел според правилата на „Исламска држава“. Си дал борбено име „Мо“, кратенка како алузија за името на пророкот Мухамед.