1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Гир: Не треба да се очекуваат нови гаранции за во ЕУ

ДТЗ
15 јуни 2023

Бугарија не може да постави нови услови, бидејќи преговарачката рамка е затворена, тврди и шефот на дипломатијата, Бујар Османи. Тој вели дека во моментов се работи на две паралелни патеки за уставните измени

https://p.dw.com/p/4SbRr
Дејвид Гир евроамбасадор
Гир за барањето на ВМРО-ДПМНЕ: Не треба да се очекуваат нови договори, гаранции и ветувања за во ЕУФотографија: Arbnora Memeti

Не треба да се очекуваат нови договори, гаранции или ветувања што се однесува до процесот на пристапување на Северна Македонија во ЕУ. Ова е пораката на евроамбасадорот, Дејвид Гир, во однос на барањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за цврсти гаранции од ЕУ дека барањето за внесување на Бугарите во Уставот ќе биде последното барање. Тој на лидерската средба со премиерот Димитар Ковачевски на 7 јуни побара и гаранција за македонскиот идентитет, култура, традиција, посебност, обичај и јазик и оваа точка да биде ставена на дневен ред на Европскиот совет. 

Гир денеска, по потпишувањето договор за изградба на Европска куќа во Струга одговарајќи на новинарско прашање да е можно да се реализира ваквото барање на опозицијата рече дека македонскиот јазик е веќе во Преговарачката рамка без никакви квалификации.

„На патот кон ЕУ не се губи националниот идентитет, јазикот и културата. И секако македонскиот јазик веќе е во рамката за преговарања без никакви квалификации. Што се однесува до очекувањата не верувам дека може да има подобар договор со Бугарија, од тоа што беше договорено лани“, рече Гир. Повикувајќи се на искуството со другите земји, Гир вели дека фокусот треба да се стави на реформите и промените што треба да се случуваат. „Со тоа вашиот идентитет, како и идентитетот на земјата се зајакнува“, дециден е евроамбасадорот. 

Бугарија не може да постави нови услови 

Бугарија не може да постави нови услови, бидејќи преговарачката рамка е затворена, тврди и шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи. „Таа не може да се отвори ниту на барање на нашата опозиција, ниту на барање на бугарската опозиција“, додаде тој на прес-конференција на првиот ден од Преспа форумот за дијалог кој се одржува во Струга.

Осврнувајќи се на Резолуцијата на германскиот Бундестаг за поддршка на зачленувањето на Северна Македонија во ЕУ, Османи вели дека е таа е само симболична потврда на тоа што формално го има во Преговарачката рамка, бидејќи македонскиот идентитет и без неа е загарантиран и кога ќе станеме членка, тој само уште повеќе ќе се промовира. 

Бујар Османи
Бугарија не може да постави нови услови, бидејќи преговарачката рамка е затворена, тврди и шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи.Фотографија: Ministry for Foreign Affairs of North Macedonia

 „Целта е да ја затвориме темата, дека утре може некоја бугарска Влада да каже имаме нов услов. Нема нов услов. Преговарачката рамка е затворена. Во преговарачката рамка има три патокази. Во едниот од патоказите има Акциски план за малцинствата, тоа е единствениот услов, којшто е влезен во бенчмарковите за отворање и затворање на поглавјата. Тој Акциски план не се однесува само на бугарската заедница, туку се однесува на сите заедници во државата“, вели Османи.

Тој се надева на зајакнување на дијалогот со Бугарија и оти односите ќе бидат конструктивни. Најави дека со новата бугарската министерка за надворешни работи Марија Габриел договориле мошне брзо да имаат средба во Скопје или во Софија.

До кога има простор за договор?

Во однос на уставните измени тој нагласи дека во моментов работат на две паралелни патеки - едната е со опозицијата во целина, другата е со пратениците во Собранието.

За тоа до кога и дале рок на опозицијата да размисли во однос на уставните измени, Османи истакна дека се до првото гласање во Собранието отворен е простор за договор со опозицијата. Министерот за надворешни работи истакна дека самиот процес на измена на Уставот има конкретни рокови и процедури и нагласи дека шанса за договор со опозицијата постои до моментот кога ќе дојде на ред првото гласање.

„До денот кога на пленарна седница ќе ги има првото гласање отворени се опциите за да има договор со опозицијата во однос на уставните измени, вклучувајќи го и планот од три точки. Се надевам дека во наредниот период драфтот ќе биде препратен од Владата до Собранието и тука ќе почне одбројувањето на роковите“, рече Османи. 

ДУИ во средата (14 јуни) предложи план со три точки до опозицијата во замена за поддршка на уставните измени. Османи во својство на портпаролот на ДУИ предложи поддршка на уставните измени кои би влегле во сила до втората меѓувладина конференција, повлекување на ДУИ од Владата, како и истрага за политичките партии, почнувајќи од претседателите до членовите на претседателствата и за сите останати носители на јавни функции со присуство на експерти на меѓународната заедница, за да се обезбеди објективност и транспарентност на истрагата.  

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема