1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Аргументите за уставни измени префрлени на лизгав терен

13 јуни 2023

Функционери на ДУИ обвинуваат дека кога Мицкоски вели оти сака влада без ДУИ, мислел на влада без Албанци, односно на моноетничка влада.

https://p.dw.com/p/4SV9s
Димитар Ковачевски  Христијан Мицкоски Северна Македонија
Македонскиот премиер Димитар Ковачевски и лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан МицкоскиФотографија: Petr Stojanovski /DW

Толкувањата на владејачките партии за ставот на ВМРО-ДПМНЕ околу уставните измени, навлегоа и на меѓуетнички терен. По наративот дека најголемата опозициска партија прифатила да има уставни измени, следи толкување дека таа бара Влада без Албанци. Во ист ден со ваков став се огласија двајца функционери на ДУИ - првиот вицепремиер Артан Груби и министерот за надворешни работи и портпарол на ДУИ, Бујар Османи.

„Ние имаме редовна координација и со Таравари и со Алијанса за Албанците. И тие се на ист став како ДУИ, дека се спремни да ја напуштат Владата. Кога Мицкоски вели дека сака Влада без ДУИ, мисли на Влада без Албанците“, рече Османи во интервју на ТВ 21.

Условот на ВМРО-ДПМНЕ за влез во широка преодна влада е во неа да не биде ДУИ и да има одложена примена на уставните измени, а Алијанса за Албанците воопшто не беше спомната. И покрај тоа, лидерот на АА, Арбен Таравари даде двосмислена изјава: ем предупреди на загриженост од креирање монотеничка влада, ем дека нема такви тендендции. Тој рече дека АА одлучила да влезе во Владата заради евроинтегративниот процес и дека заради него и би излегла од Владата.

„Мислам дека во Македонија никогаш немало Влада без Албанци и не смее да има Влада без Албанците. Ова е загриженост не само на Арбен Таравари, не само на еден Албанец, туку треба да биде загрижувачки и за еден Македонец. Верувам дека нема такви тенденции за да има моноетничка Влада, така велам бидејќи ги анализирав околностите, ги слушаме сите страни и излегуваме со унифициран став“, изјави Таравари.

Вчера првиот вицепремиер, Артан Груби, оцени дека албанските партии не сакаат да соработуваат со ВМРО-ДПМНЕ бидејќи тоа за нив ќе има политичка цена.

„Знаејќи дека кој било да коалицира со ВМРО-ДПМНЕ, тоа ќе биде политичка елиминација, самоубиство од која било политичка партија на Албанците, сите истрчаа да кажат дека нема да прифатат каква било покана за учество во таква моноетничка влада. Прва беше Алијанса за Албанците, даде таков јасен став, па излезе Беса даде таков став, па слушам и фракцијата (во ДУИ-н.з.) дава таков став. Убеден сум дека и Алтернатива не би прифатиле, но нивна работа е“, рече Груби на ТВ 24.

Кој има монопол врз Албанците?

Но, ставовите на дел од споменатите партии не се реферираат на аргументи за монотеничка влада, туку на други причини. Лидерот на Беса, Билал Касами изјави дека неговата партија ќе влезе во Владата дури по следните парламентарни избори, како победник на тие избори во албанскиот политички блок. Од фракцијата на ДУИ изјавуваат дека го чекаат конечниот епилог од лидерската средба Ковачевски-Мицкоски, за потоа да се изјаснат. Од Алтернатива уште пред една недела и порачаа на ДУИ да излезе од „филмот“ дека има монопол врз албанскиот електорат.

„Залуден е нивниот страв дека евентуалната широка коалиција меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ќе ги испрати во опозицијата. Мнозинството албански гласачи на следните избори, кога и да се случат тие, ќе ги испратат во опозиција поради криминал, корупција и исклучување од реалноста. Ги охрабруваме да продолжат да ги ставаат интересите на Албанците на второ место поради личните интереси на некои на чело на ДУИ. На овој начин и` помагаат на албанската опозиција која секојдневно се зајакнува во борбата за вистинските европски вредности и за безбедна иднина на граѓаните“, порача Алтернатива во партиско соопштение.

Притоа посочија дека ДУИ свесно или несвесно јавно се позиционирала зад поранешниот премиер Никола Груевски.

„Клучната дилема е што се случува со раководството на ДУИ откако почна јавно да флертува со поранешни политичари кои се на црната листа на САД? Дали чекаат спас од Будимпешта? Дали е точно дека раководството на ДУИ е во редовна комуникација со Никола Груевски?“, прашаа од Алтернатива.

Раководството на ДУИ: Али Ахмети, Артан Груби, Бујар Османи и Арбер Адеми
Условот на ВМРО-ДПМНЕ за влез во широка преодна влада е во неа да не биде ДУИ- Раководството на ДУИ: Али Ахмети, Артан Груби, Бујар Османи и Арбер АдемиФотографија: DW/P. Stojanovski

Прашањето уследи oткако функционери на ДУИ во повеќе наврати го фалат повисокиот рејтинг и доверба што ги уживал Груевски во однос на актуелното раководство, а во време на шпекулации дека во замена за амнестија властите побарале од него да помогне за да се обезбеди двотретинско мнозинство за уставни измени.

Османи: И позицијата премиер ќе ја дадеме!

Во моментов, и покрај обвинувањата од интегративците дека ВМРО-ДПМНЕ се залага за моноетничка влада без Албанци, од ДУИ се подготвени на опозициската партија да и` отстапат и премиерска позиција.

„Знам дека сега е време за големи и сериозни компромиси за напредок на државата. Сега се прават отстапки за доброто на сите. Ако Мицкоски ја побара позицијата премиер на Влада до избори, и за тоа сме спремни. Спремни сме да ја дадеме позицијата премиер на ВМРО-ДПМНЕ. Ова се историски времиња и затоа сме спремни на компромис кој води до решение“, порача Османи.

Тој рече дека е оптимист - уставни измени мора да има, со или без Мицкоски.

„Нема да ја пропуштиме оваа историска шанса, за напредок на државата. Мицкоски се покажа како политичар од трета или четврта лига. Неискусен. Праќа лоша порака до партнерите во ЕУ. Неговата порака е дека ние ќе ги третираме Бугарите во Македонија како рамноправни граѓани кога ќе влеземе во ЕУ. Ова не е добра порака“, порача Османи.

А доколку лидерот на ВМРО-ДПМНЕ партискиот интерес го стави над судбината на луѓето, тогаш ДУИ ќе бара алтернативно решение.

„Која е другата алтернатива? Не знам, ќе видиме, но јас мислам дека исто како што тој ден им ‘пукал’ во партија со неговата изјава дека прифаќа уставни измени, така како што ќе поминуваат деновите ќе им ‘пука’ повеќе и повеќе, за луѓето да кажат – полека, ти прво немаш став за уставните измени, вчера ‘не’, денес ‘да’, значи немало проблем. Ќе видиме, но мислам дека влезе во опасна игра“, оценува Османи.

Од ВМРО-ДПМНЕ денеска оценија дека тоа што СДСМ не се изјаснува кој предлог на ВМРО-ДПМНЕ им е прифатлив, може да значи две работи: дека не дава ДУИ да оди во опозиција, и дека е спремна да прифаќа нови барања од Бугарија.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема