1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пендаровски: Се случува позитивна промена кај ВМРО-ДПМНЕ

ДТЗ
13 јуни 2023

Претседателот Стево Пендаровски е изненаден што ВМРО-ДПМНЕ сака од позиција на владејачка партија да гласа за уставните измени. „Може да се гласа и од позиција на опозиција“, вели претседателот.

https://p.dw.com/p/4SVaL
Стево Пендаровски
Македонскиот претседател Стево ПендаровскиФотографија: Präsidentenbüro Nordmazedonien

Претседателот Стево Пендаровски денеска оцени дека има драстична промена во однесувањето на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ во однос на прашањето за уставните измени. Тој на прес-конференција со словенечка колешка Наташа Пирц Мусар, застана на иста линија со македонскиот премиер Димитар Ковачевски, порачувајќи дека опозицијата прифатила промена на Уставот. 

„Се случува една позитивна промена. Бев изненаден кога слушнав дека главната опозициска партија сака да биде дел од Владата и од позиција на владејачка партија да гласа за уставни измени. Вие можете да гласате за уставни промени и од позиција на опозиција“, рече претседателот на заедничката прес-конференција со гостинката од Словенија во Вилата Водно. Пендаровски оцени дека барањето на опозицијата за одложено дејство на уставните промени е нереално, иако и тој би сакал такво нешто. 

Позитивна промена

Пендаровски оцени дека е нереално да се очекува оти процесот за уставни измени би можел да се заокружи до средината на септември, кога Македонија треба да биде домаќин на процесот Брдо - Бриони. 

„Дури во ситуација и денес кога би почнале со уставните измени, ние не би можеле да завршиме до 11-12 септември, бидејќи за промени на Уставот минимум се потребни 3,5 месеци“, рече претседателот и додаде: „Но, во тој дел се случува една позитивна промена во генерално сива слика што ја гледавме изминатиот период кога опозицијата немаше волја воопшто да ја гласа промената на Уставот. Главното барање од заклучоците на Советот на Европа од минатата година, се дека малото бугарско национално малцинство кое живее во земјата треба да биде дел од Уставот. Неодамна имавме лидерска средба на која лидерот на главната опозициска партија искажа подготвеност да влезе во Владата и да гласа за уставна промена и постави неколку предуслови, кои до овој момент не се разрешени. Но, тоа е значајна промена во однесувањето и во позицијата на најголемата опозициска партија, од која зависи дали ќе можеме дојдеме до праг од 2/3 мнозинство за да го промениме Уставот“, вели Пендаровски. 

Христијан Мицкоски, Димитар Ковачевски
И Власта и опозицијата се во право, вели претседателот Стево Пендаровски коментирајќи ги предлозите излезени на лидерската средбаФотографија: Petr Stojanovski/DW

И двете страни се во право

На новинарското прашање дека дијаметрално спротивставените ставови околу епилогот на лидерската средба меѓу власта и опозицијата може да доведат до нова криза, Пендаровски одговори дека и двете страни се во право. Тој оценува дека премиерот Димитар Ковачевски е во право кога вели дека има драстична промена во позицијата на опозицијата за уставните измени, која изминатиот период тврдеше дека нема да гласа за уставни измени под бугарски диктат и второ дека овој парламентарен состав нема добиено мандат од граѓаните за воопшто да влезе во процесот на уставни промени. 

„Од друга страна опозицијата е во право кога вели дека нејзините предуслови изнесени на лидерската средба - особено за одложено дејство на уставните промени, да важат кога ќе влеземе во ЕУ, според мене тоа е надвор од реалноста. Јас би сакал такво нешто. Но, заклучоците на Советот на Европа се кристално јасни. Морате да направите уставни промени до крајот на скринингот, за по автоматизам да продолжите со Втората конференција и отворањето на кластерите. Знаете колку тешко дојдовме до тие заклучоци. Во тие заклучоци е вграден и ставот на Бугарија. Треба да имаме нови заклучоци, а знаете колку тешко дојдоа до консензус. Тоа е многу тешко. Се надевам дека не станува збор само за изговор“, вели Пендаровски. 

Поддршка од Словенија

Претседателката на Словенија, Наташа Пирц Мусар ја изрази безрезервната поддршка за европската интеграција на Северна Македонија, порачувајќи дека секогаш ќе и помага на земјата на патот кон ЕУ. 

„Се надевам дека политичарите ќе сфатат колку е битна единственоста и размислувањето дека треба да се оди 5-6 чекори напред за да се сфати што е добро за Македонија и македонскиот народ. Посакувам дека ќе имате доволна политичка мудрост и ќе го промените Уставот“, рече Мусар, потенцирајќи дека и ЕУ треба да ја заврши својата работа во однос на интеграцијата на Македонија.