1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хакер: Влезот на С. Македонија во ЕУ е во германски интерес

БГ
15 јуни 2023

Вметнувањето на Бугарите во Уставот нема да ги загрози македонскиот идентитет, јазик и култура, вели за ДВ германскиот пратеник Томас Хакер. Бундестагот денеска ќе гласа за резолуцијата за Северна Македонија

https://p.dw.com/p/4SZai
Томас Хакер
Германскиот Бундестаг недвосмислено ги признава македонскиот јазик, култура и идентитет, вели Томас ХакерФотографија: picture-alliance/dpa/A. Bänsch

Германскиот Бундестаг недвосмислено ги признава македонскиот јазик, култура и идентитет, вели во изјава за ДВ пратеникот на Либералите (ФДП) Томас Хакер. Како дел од парламентарното мнозинство, Хакер е еден од иницијаторите на резолуцијата на германскиот парламент за Северна Македонија која во четврток вечер ќе се најде на дневен ред на Бундестагот.

Со оваа резолуција Бундестагот сака да ја охрабри Северна Македонија да го спроведе компромисот со Европската унија од летото 2022 година, вели Хакер, алудирајќи на договорот за вметнување на Бугарите во Уставот. 

Влезот на Северна Македонија во ЕУ е во интерес како на Германија, така и на ЕУ, дополнува тој. 

„Спроведувањето на компромисот нема да доведе до загуба на македонскиот јазик, култура и идентитет, како што стравуваат некои политички експонирани личности во Северна Македонија“, смета Хакер. Според пратеникот, исполнувањето на договорот ќе му овозможи на Скопје да го отвори првиот преговарачки кластер, а тоа, вели Хакер, „е од клучно значење".

Според информации на ДВ, во резолуцијата за која ќе гласа германскиот Бундестаг се дава поддршка за европската иднина на Северна Македонија, признание на македонската култура, идентитет и јазик, како и серија препораки за владата во Берлин. Меѓудругото, од сојузната влада се бара да влијае врз Бугарија да не го кочи пристапниот процес на Северна Македонија кон ЕУ и да не поставува дополнителни услови. 

Единствен пример 

Хакер  вели дека Северна Македонија е единствен пример во регионот за целосна подготвеност за евро-атлантската интеграција. 

Хакер вели, а таквото барање е содржано и во резолуцијата, дека е време пристапниот процес кон ЕУ да се направи „поиновативен“. 
„Ваков каков што е веќе со години, не може да продолжи. Затоа, на Северна Македонија и на другите земји кои искрено се залагаат за членство во ЕУ, мора да им понудиме атрактивни меѓучекори. Предлогот на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, која сака да овозможи поблиско поврзување со земјите од Западниот Балкан со планот од четири точки, оди во вистинска насока“.
Според Хакер, таквите чекори се должност кон земјите од Западниот Балкан, „а особено кон  Северна Македонија“, затоа што уште сега е видливо дека кредибилитетот на ЕУ во некои земји не е бескраен.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема