Габриел Атал - најмладиот премиер во историјата на Франција
9 јануари 2024Габриел Атал ќе биде новиот француски премиер, потврди Елисејската палата. Досегашниот министер за образование Атал претходно важеше за фаворит за оваа функција, на 34-годишна возраст тој ќе биде најмладиот премиер на Франција. Функцијата министер за образование ја извршуваше од 2023 година и важи за близок и доверлив човек на претседателот Емануел Макрон. Атал, исто така, станува првиот шеф на влада во неговата земја кој јавно се изјасни дека е хомосексуалец.
Атал ја наследува Елизабет Борн, по нејзиното поднесување оставка во понеделникот по неколкудневните шпекулации за реконструкција на владата. Борн беше на функцијата речиси 20 месеци. По Едит Кресон, која беше на функцијата речиси една година во 1991 година, Борн беше само втората жена на чело на француската влада.
Во француските медиуми се ширеа шпекулации според кои одлуката на Макрон да го избере Атал се должи и на неговото присуство во медиумите и елоквентноста, а со цел да и` даде на владата поголем сјај во годината на европските избори и Олимпијадата во Париз. Во анкетите, партијата на Макрон последно заостануваше осум до десет процентни поени зад движењето на десничарската екстремистичка опозициска лидерка Марин Ле Пен.
Експертот Жером Фурке од агенцијата за испитување на јавното мислење, ИФОП, за телевизијата БФМ изјави дека Атал е „најдобрата карта што може да ја изигра Макрон“. Фурке своето мислење го аргументира со популарноста што Атал ја стекнал преку неговите брзи потези како министер за образование и преку неговите комуникациски вештини.