Оставка на француската влада
3 јули 2020Владата на премиерот Едуар Филип денеска поднесе оставка. Филип му ја врачил оставката на претседателот Емануел Макрон, а тој ја прифатил, соопштено е од Претседателската палата во Париз.
Ваквиот чекор беше очекуван, со оглед на тоа што претседателот Макрон има намера да ја реструктуира својата политика по дебаклот на неговиот табор на локалните избори во Франција. За таа цел му е неопходна промена на составот на владата.
Од Елисејската палата се вели дека Филип и членовите на владата ќе ги извршуваат задачите до назначувањето на нова влада. Филип беше на чело на владата од мај 2017година. Во меѓувреме, претседателот Макрон довербата за составување нова влада му ја довери на 55-годишниот Жан Кастекс, кој досега беше одговорен за олабавување на рестрикциите во корона-кризата.
По локалните избори на крајот на јуни претседателот Макрон се најде под голем притисок поради тоа што неговиот политички табор, со мали исклучоци, загуби во големите градови. Во градови како Лион, Стразбур или Бордо имаше „зелен бран“, односно победа однесоа Зелените и нивните сојузници.
Околу политичката иднина на Филип се шпекулира со месеци. Во време на тешка корона-криза имаше тензии во врвот на државата. Макрон се залагаше за брзо олабавување на рестрикциите, додека Филип тоа го кочеше. Во анкетите Филип, кој во корона-кризата го подобри значително својот имиџ и рејтингот со тоа што делуваше како мирен кризен менаџер, стои подобро од Макрон.