1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Конзервативен прагматичар: новиот француски

Керстен Книп
18 мај 2017

Објавен е составот на новата француска влада, во која има многу нови лица но и познати политичари. Биографијата на новиот француски премиер Едуар Филип пак ги отсликува идеолошките преврти на Франција. Кој е Филип?

https://p.dw.com/p/2d6LN
Frankreichs neuer Ministerpräsident -  Edouard Philippe
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/F. Mori

Сѐ само не учител по француски јазик. Тоа на Едуар Филип му беше јасно уште од раната младост. Тој во никој случај не сакаше да продолжи по стапките на неговите родители, двајцата учители по мајчин јазик во Ла Авр. Дедо му, пак бил од сосема друг ков. Тој бил работник на пристаништето во градот на каналот Ламанш, а покрај тоа и еден од првите активни комунисти во градот. Со тоа дедото бил во определена смисла политичка спротивност на граѓанската егзистенција на родителите, против која синот во основа немал ништо против, но, не сакал да ја продолжи, барем не во Нормандија.

Тоа пак одговара на двете други одлуки, кои ги донел во раната младост: имено да живее во Париз и да работи во политиката. Кај последнава желба, дедото разбирливо повеќе не беше од голема помош. Имено кога Филип, роден во 1970 година, порасна, најдобрите времиња на комунизмот веќе беа минато. Додуша имаше уште некоја определена моќ, но можеше да се види дека наскоро ќе ја загуби.

Освен тоа, комунизмот и без тоа не беше убедлив за Едуар Филип. Тој во наредните години го откри францускиот социјализам, поточно неговата умерена варијанта, отелотворена преку Мишел Рокар. Филип ѝ припаѓаше на групата студентски поддржувачи на социјалистичкиот премиер, кој пак еднаш месечно ги канеше на заеднички доручек.

„Го ценам и му се воодушевувам на Рокард, кој ми ја ја објасни неговата социјалистичка политика“, се присетува Филип во разговор за францускиот весник „Монд“. За негов вкус Рокард ја нудел токму вистинската мешавина, лево, ама не премногу. „Политички тој беше либерал, а во економската политика тој се држеше на растојание од регулаторните мерки на државата“.

Во традицијата на Жак Ширак

Токму дистанцата од државно форсираната економска политика, подоцна беше тоа што го доведе Филип во редовите на Републиканците. Среќата сакаше, тој добро да се разбира со Алан Жипе, кој тогаш во 2002 година, штотуку беше избран за партиски лидер на новоформираната УМП, партијата претходничка на денешните Републиканци. Жипе, беше во потрага по нов асистент, и поради тоа што младиот Филип беше негов влијателен поддржувач во партијата, го доби местото. Од таму тој од релативна близина ја набљудуваше и политиката на тогашниот претседател Жак Ширак. „Негови најважни доблести беа слободата и авторитетот. Тие го легитимираа како десничарски политичар“, се сеќава Филип.

Frankreich Edouard Philippe neuer Premierminister
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/F. Mori

За ваквите доблести тој можеше и самиот сѐ повеќе да се загрее, и тие го направија оној умерен и прагматичен политичар, за каков што важи денес: „Филип не е опортунист“, вели неговиот генерациски другар, социјалистот Жером Гуеџ. „Неговиот развој повеќе го отсликува завртувањето во десно на политичкиот живот во Франција. Левиот центар се придвижи во насока на десниот центар. Физички како и културолошки Филип сосема одговара на типот на политичар, одбележан од Жак Ширак“.

Во Ле Авр, каде од 2010 е градоначалник, критичарите го опишуваат како авторитарен и како некој, кој ретко ја испушта контролата од рака. „Во градската куќа тој управува и одлучува за сѐ самиот“, вели неговата политичка ривалка, градската советничка и комунистка Натали Најл.

Нов политички координатен систем

Отворено е прашањето, како Филип ќе ја сфати својата улога како премиер. Критичарите како Натали Најл велат дека тежнее кон опортунизам. „Тој е вистински десничар, кој се претставува како некој кој е отворен и кон левичарите. И тоа го прави за да остане во добар однос со населението во Ле Авр, град кој до 1995 година беше комунистички управуван“, вели Најл.

Опортунизам можеби, ни исто така и прагматичност. Во времиња, во кои големите народни партии, како лево така и десно, играат второстепена па дури и третостепена улога, старите политички класификации важат сѐ помалку и мора да се предефинираат. Наскоро Едуар Филип ќе има можност да ја покаже неговата интерпретација на новиот политички координатен систем.