1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаФранција

Франција по изборите: Во потрага по владејачка коалиција

Бернд Ригерт
9 јули 2024

Дали во Франција е воопшто можно да се формираат коалиции, кои досега не биле предвидени од политичкиот систем? Дали партиите со оглед на околностите се принудени да соработуваат?

https://p.dw.com/p/4i3AK
Каде се движи Франција по изборната победа на здружената левица?
Каде се движи Франција по изборната победа на здружената левица?Фотографија: Christophe Ena/AP/picture alliance

Магичната бројка од 289 пратеници не може да ја достигне ниту еден од трите политички блока во Франција. Во парламентот таа бројка обезбедува апсолутно мнозинство, а по изборите засега никој го нема. На премиерот на идната влада, кога претседателот ќе му го довери мандатот, ќе му бидат потребни барем толку гласови за да биде избран.

Левичарскиот „Нов народен фронт“ е сојуз на левичарски екстремисти, социјалисти, комунисти и на Зелените. Сите заедно имаат 180 пратеници и така избија на врвот. Либерално-центристичката алијанса на претседателот Емануел Макрон има 163 пратенички мандати, а екстремно десничарското Националниот собир е на трето место со 143 пратеници.

Екстремна десница: Многу гласови, малку мандати

Блоковите би морале да соработуваат доколку сакаат да формираат влада. Другите две групи ја исклучуваат соработката со Националниот собир.

Лидерката на Националниот собир, која неколкупати беше кандидат на претседателските избори, Марин Ле Пен вели дека „буицата сè уште расте. Овојпат водостојот не беше доволен, но ќе се зголеми. Затоа нашиот успех е само одложен“.

Националниот собир се жали на мнозинскиот изборен систем во Франција, според кој партијата не можела да победи во 577 изборни единици иако за неа гласале десет милиони гласачи.

Сојузот на левицата освои повеќе пратенички места со шест милиони гласови.

Жордан Бардела, Национален собир
Жордан Бардела, Национален собирФотографија: Raphael Lafargue/abaca/picture alliance

Коалиции и други опции

Затоа, останува само можноста за соработка меѓу сојузот на левичарите и групата на Макрон. Тие две групи досега ја исклучуваа можноста за соработка. „Сега треба да научат како се формираат коалиции. Досега ова воопшто не беше вообичаено во Франција“, вели Селија Белон од тинк-тенкот на Европскиот совет за надворешни односи.

Разговорите меѓу политичките сојузи започнаа во понеделникот (8 јули) и најверојатно ќе траат неколку недели.

Левичарскиот „Нов народен фронт“ беше набрзина склопен откако претседателот Макрон, во ризичен политички маневар, ненадејно распиша парламентарни избори. Таа групација на различни леви партии не е стабилна. Партиите не се обединети и не можеа да предложат заеднички кандидат за премиер.

Француските медиуми шпекулираат дека либералниот Макрон би можел да се обиде да го растури левичарскиот сојуз. Потоа би можел да коалицира со Зелените, социјалистите и со демохристијанските републиканци. Можна е и малцинска влада ако ѝ недостигаат само неколку гласови за апсолутно мнозинство. Последна опција би била технократска влада на непартиски министри толерирана од Парламентот.

Можни умерени коалициски партнери за Макрон? Лидерот на социјалистите Оливер Фор (во средината) на изборната ноќ - тој е дел од левичарскиот сојуз
Можни умерени коалициски партнери за Макрон? Лидерот на социјалистите Оливер Фор (во средината) на изборната ноќ - тој е дел од левичарскиот сојузФотографија: Aurelien Morissard/AP Photo/picture alliance

Ако ништо од тоа не се постигне, претседателот би можел повторно да го распушти собранието. Според Уставот тоа е можно само една година по изборите, односно во јуни 2025 година.

Актуелниот премиер Габриел Атал, нов поддржувач на Коалицијата заедно (Ансамбл) на Макрон, привремено ќе ги води работите на владата. Франција сака да избегне промена на власта и драматични дебати во парламентот за време на Олимпијадата, која започнува за три недели. Спортските натпревари треба да се одвиваат безбедно и без проблеми до крајот на август. И по летниот одмор има време за политичка драма. Габриел Атал ја понуди својата оставка уште во ноќта на изборите.

Големи разлики во политиките

Групата на Макрон би морала да направи големи отстапки за можните левичарски коалициски партнери. „Новиот народен фронт“ ветува дека ќе ја врати старосната граница за пензионирање на нивото пред реформите на Макрон. Според тие планови, минималниот приход би требало да биде 1.600 евра. Левичарите најавија и национализација на некои фирми, зголемување на социјалните бенефиции со што ќе се зголеми и долгот на државата.

Партиите од левиот спектар ги гледаат ЕУ, НАТО и САД како олицетворение на капиталистичка суперсила - кон нив имаат многу покритички став отколку следбениците на Макрон.

И Германија е предмет на критики од партиите на левицата. Помошта за Украина во одбрана од Русија би продолжила, но има и барање за почеток на мировни преговори со Русија. Макрон ги отфрла во оваа фаза од војната, како и Европската унија.

Со цел да се обезбеди стабилност, премиерот Габриел Атал (лево) ќе остане на функцијата до наредниот налог на претседателот (архивска фотографија)
Со цел да се обезбеди стабилност, премиерот Габриел Атал (лево) ќе остане на функцијата до наредниот налог на претседателот (архивска фотографија)Фотографија: Ludovic Marin/AP/picture alliance

Загарантиран е спор околу односите со Израел и терористичката организација Хамас. Левиот сојуз, особено нејзиниот екстремен дел „Непокорена Франција“, ја отфрла израелската влада под Нетанјаху и ги застапува исклучиво интересите на Палестинците. Левиот сојуз сака да го раскине договорот за асоцијација меѓу ЕУ и Израел. Лидерот на „Непокорена Франција“ Жан-Лук Меланшон дури беше критикуван за антисемитизам. Тој ги отфрла ваквите обвинувања.

Погрешна пресметка на „Јупитер“

Во наредните недели и месеци нема да има големи реформи или визионерски европски проекти на агендата на претседателот Макрон. Неговиот мандат истекува во 2027 година и тој не може повторно да се кандидира. Дотогаш можеше да владее без коалициски главоболки, да не свикаше избрзани избори.

За Макрон ситуацијата е полоша од пред да бидат распишани изборите, нема ни трага од политички јасната ситуација која ја вети во своето телевизиско обраќање. „Дали Макрон навистина може да изгради стабилна коалиција? Тоа всушност не се совпаѓа со неговото досегашно однесување“, вели Селија Белон.

Претседател во величествениот дворец Версај: Емануел Макрон беше исмејувам во 2017 година поради „дворските церемонии“
Претседател во величествениот дворец Версај: Емануел Макрон беше исмејувам во 2017 година поради „дворските церемонии“Фотографија: Reuters/C. Platiau

Критичарите го прикажуваат четириесет и шестгодишниот Макрон како самодоволен „Јупитер“, како да е вообразениот „Крал на сонцето“, кој има тенденција да носи одлуки целосно сам. Тој самиот го измисли прекарот „Јупитер“ кога во изборната кампања во 2016 година рече дека народот на Франција на чело на државата сака некој кој ќе лебди над нештата како Јупитер. Во тоа време, тоа беше забелешка што имплицираше критика на безбојниот социјалистички претседател чие име беше Франсоа Оланд и кој одеше кај својата љубовница со мопед низ Париз.

 

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија