1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вучиќ се повлекува од лидерската позиција во СНС

агенции | ЕМФ
27 мај 2023

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ им се обраќа на своите поддржувачи на собирот „Србија на надежта“ во Белград. Тој објави повлекување од лидерската позиција во неговата СНС.

https://p.dw.com/p/4RsxK
Александар Вучиќ, Србија, собир „Србија на надежта“ во Белград
Претседателот на Србија и на Српската напредна партија (СНС), Александар Вучиќ, на митингот „Србија на надежта“ во БелградФотографија: Marko Djurica/REUTERS

Претседателот на Србија и на Српската напредна партија (СНС), Александар Вучиќ, на митингот „Србија на надежта“ во Белград вчеравечер (26.05) соопшти дека последен пат зборува како претседател на таа партија. Вучиќ рече дека денеска, кога е закажано изборното собрание на СНС, раководството на таа партија по 11 години ќе го преземе некој друг.

„Утре некој друг ќе ја преземе мојата, ваша, нашата Српска напредна партија, чиј член ќе останам и чиј член ќе бидам верен и лојален, но од утре ќе бидам претседател на сите граѓани на Србија, не претседател на политичка партија“, рече тој.

Тој додаде дека веќе на Видовден, на 28 јуни, поради „кризата во која се наоѓа Србија“, ќе почне да го формира „Движењето за народот и државата“, како и дека ќе бара СНС да биде „стожер на сето тоа“. Според неговите зборови, тоа движење ќе биде „поддршка за зачувување на државата во следните две-три кризни години, кои се одлучувачки за иднината на Србија“.

„Тоа движење го замислував како нешто пошироко од сите наши партии, како место каде ќе се соберат сите одговорни, сериозни луѓе, секој што знае дека е важно да се биде на патот кон ЕУ, но со тоа да не се уништуваат нашите сојузи, како што нѐ тераат, со нашите пријатели на истокот, туку секогаш да си ја чуваме политиката“, рече Вучиќ.

Српскиот претседател ја одредува судбината на Србија извршувајќи различни функции уште од 2012 година. Критичарите го обвинуваат за авторитарен стил на владеење. Оттука, неговото повлекување од кормилото на СНС има мало значење. Вучиќ и неговите поддржувачи имаат контрола врз најголем дел од медиумите, правосудството и дел од економијата.