Најмасовни протести во поновата историја на Србија
20 мај 2023Третиот Протест против насилство е оценет како најмасовен во поновата историја на Србија. Голем број граѓани и овој пат го блокираа мостот Газела, но намерата на организаторите беше да се блокира и Бранков мост. Масовноста на протестот беше толкава што голем број луѓе уште се наоѓаа околу Собранието на Србија, додека челото на колоната веќе наголемо ја преминуваше Газела. Во еден момент челото на колоната се наоѓаше на Бранков мост, додека крајот беше кај владата на Србија. Дел од опозицијата кој ги организира овие протести изрази задоволство поради големиот одѕив на граѓаните, нагласувајќи декабарањата на протестите се добро артикулирани и сега е потребно нивно постојано повторување.
„Масло на странски служби“
Власта засега како одговор на барањата на опозицијата организираше расправа во Собранието на Србија, но таа помина во вообичаена атмосфера на арогантно однесување на власта која ја обвинува опозицијата за политизација на трагичните настани.
Првата точка на дневниот ред беше расправа за владиниот извештај за безбедносната ситуација по масовните убиства. Премиерската Ана Брнабиќ ги демантираше сите обвинувања на опозицијата и нагласи дека нема да има техничка влада и насилно гаснење на медиуми, но и додаде дека „сето ова е масло на странски служби“. Седницата ја напуштија пратеничките групи на Демократската партија (ДС) и „Мораме заедно“, кои сметаат дека мнозинството не ја сфатило оваа седница на вистински начин.
Претседателот на Демократската партија Зоран Лутовац за Дојче веле изјави дека „на властите им е дадена прилика за барањата на опозицијата да се расправа во институциите и таму да покажат дека се одговорни луѓе. Наместо тоа, тие се обидоа Собранието да го искористат за разводнување на протестите и за ублажување на бесот на граѓаните. Доколку не ги исполнат барањата и ако има стотици илјади луѓе на протестите, тогаш тоа ќе се решава плебисцитарно. Ако ги има помалку, тогаш ќе мораме да се собираме повеќе пати за да бидат исполнети нашите барања“, истакна тој.
Александар Вучиќ – генератор на насилство
Голем број неуспешни протести во текот на владеењето на Српската напредна партија (СНС) мотив е и за прашање што е овој пат поинаку и зошто сега се очекува власта да ги исполни барањата од протестите?
Претседателот на Демократската партија наведува дека „поводот овој пат беше физичко насилство, кое е последица на вербално и институционално насилство кое со години се спроведува во Србија. Затоа вртиме внимание на генераторот на тоа насилство, а тоа е Александар Вучиќ и медиумите и институциите кои ги контролира. Ако сето тоа не успее, ќе го сублимираме во едно барање, а тоа се претседателски избори во Србија за човекот кој е генератор на насилство да направи простор за некој друг, кој ќе овозможи Србија да стане нормална држава“, вели Зоран Лутовац.
Демократски протести – недемократски одговор на власта
Присутните граѓани како свои причини за учество на протестот наведуваат оптимизам дека некои од барањата ќе бидат исполнети. Студентот Огњен Бојиќ за ДВ вели: „не сум сигурен колку ќе успееме во еден протест, но сигурно е во интерес на сите кои сме овде да направиме нешто во општ интерес за да живееме во подобра средина.“
Она што е можеби поинаку во однос на претходни неуспешни протести според него „е чувството дека луѓето конечно се обединија без оглед на некои ситни разлики во мислења или идеологија, зашто ова иницијално не се политички протести. Сите ние чувствуваме дека власта прави пропусти и на тие пропусти дојдовме да реагираме за да обезбедиме подобра иднина“, оценува овој учесник на протестот.
Горан Милетиќ, студент, за ДВ вели: „Очекувам дека можеби ќе биде исполнето едно барање, но не и сите. Искуството ни вели дека ретко се исполнуваат сите барања, власта едноставно не одговара на демократски протести адекватно, туку продолжува да ги крши нашите права. Власта буквално се подбива со правата на граѓаните и не мислам дека ќе престане со еден протест, зашто властите не се ни избрани на демократски начин, па тешко дека ќе одговорат на демократските барања на опозицијата и граѓаните.“
Конфузија на крајот на протестот
Опозицијата и по 22 часот ги повика граѓаните да не се разотидуваат, но беше јасно дека ни на организаторите на протестот не им беше најјасно што да се преземе натаму. Маса граѓани се распрсна на повеќе пунктови во Белград, додека извесен број учесници на протестот тргнаа да постават шатори на автопатот, со намера таму да останат цела ноќ.
Сообраќајот синоќа беше блокиран на повеќе места во Белград, но движењето на граѓаните во повеќе правци изгледаше како обична импровизација, без видливо канализирање. Митингот практично заврши со спонтаното разотидување на граѓаните кои без јасна координација ги напуштија улиците. Во текот на ноќта дел учесници на протестот ја продолжија блокадата на автопатот во новобелградските блокови каде според проценките останаа неколку стотици луѓе.