1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Игрите не можат да бидат доволно објаснување за масакрот“

Немања Рујевиќ
8 мај 2023

Видео игрите и социјалните мрежи можеби му дадоа облик на масовното убиство во Белград, но тие не се суштината или причината за злосторството, вели за ДВ новинарот и блогер Михаило Тешиќ, експерт за гејмерска култура.

https://p.dw.com/p/4R2UW
Видео игри гејминг
Игрите не можат да бидат доволно објаснување за масакротФотографија: Fleig/Eibner-Pressefoto/picture alliance

ДВЕдвај неколку часа по масакрот во училиштето „Владислав Рибникар“, министерот за образование ги спомена видео игрите како иницијална каписла, што подоцна беше прифатено и од претседателот. Зошто толку брзи заклучоци? 

Михаило Тешиќ: Ова најмногу го споменуваат луѓе кои не знаат што е гејминг свет, а тоа е посебна појава која навистина има свои патологии. Разбирам зошто многумина мислат дека има нешто таму .

Но, кога обвинувате еден аспект од поп културата, со тоа се игнорира сè друго. Поп-културата е гломазна и разновидна, од книги до стрипови до филмови, а во сето тоа има насилство, а понекогаш дури и глорификација на насилството. Обично луѓето особено ги апострофираат видео игрите, бидејќи мислат дека сте дел од сцената, дека активно правите нешто.

Меѓутоа, кога ќе погледнеме колку генерации веќе имаат можност да играат насилни видео игри, се чини дека тоа не влијае повеќе на оние кои ќе пукнат и  ќе направат нешто како случајот во Врачар. Нема поголема инциденца кај гејмерите.  

ДВ: Своевремено на мета на естаблишментот на Западот беше филмот „Пеколен портокал“... 

Меѓу другото, да. Бидејќи министерот Ружиќ не насочува кон Америка, да ја гледаме како земја која, за жал, има најмногу искуство со вакво нешто. Откако од 1980-тите зачестија масовните пукања, обвинувањата се насочија кон  филмовите, сатанистичките секти, друштвени теигри... Во 1990-тите, многумина бараа политички поени обвинувајќи ги видео игрите. Денес се обвинуваат социјалните мрежи, особено TikTok.

Михаило Тешиќ новинар и блогер
Михаило Тешиќ: Кога се обвинува еден аспект од поп културата, се друго се игнорираФотографија: Nemanja Rujević/DW

ДВ: Рековте дека гејминг светот навистина има свои патологии. На што конкретно мислите?

За разлика од другите форми на забава, видео игрите може полесно да ги привлечат луѓето. Сите што играат се случило да се заиграат, па пред компјутер да им поминат и по дванаесет часа. Кој е поинтровертен и повеќе се плаши од околниот свет, може уште посилно да биде вовлечен и тоа може да биде еден вид патологија. Повторно, луѓето исто така се губат во книгите или во фантастичниот свет на филмовите.

Сепак, ништо од тоа не е доволно објаснување за масакрот. Мора да има некои други патологии, психолошки предиспозиции кои никнуваат во семејството и на други места, како плодна почва.

ДВ: На една од хартиите пронајдени кај 13-годишниот извршител на масакрот, тој на англиски напишал „примарни цели“. Дали го гледате влијанието на видео игрите таму? 

Тоа му дава форма на неговиот поход, но тоа не е суштината. Да не беа видео игрите, ќе беше нешто друго. Пред сто години можеби би читал „Злосторство и казна“ и би удрил некого со секира.

ДВ: Видовме овде-онде и честитки од млади луѓе на социјалните мрежи, каде во гејмерски сленг зборуваат за масовни убиства и разговараат за тоа колку „убиства“ имал и слично. Како да се протолкува тоа? 

Исто. Децата формираат начин на комуникација преку она што го прават и живеат, така е од кога има тинејџери. Денешниве деца играат игри и поминуваат време на TikTok, а таа терминологија ја користат и во реалниот живот.

Гледам општ бес во смисла „како можат децата да реагираат толку бездушно“? Но, децата на таа возраст не можат концептуално да разберат што се случило, тие едноставно немаат доволно развиен мозочен систем за да го обработат тоа. Тоа е невролошки факт.

весници Србија
Весниците во Србија по масакрот во ОУ „Владислав Рибникар“.Фотографија: Nemanja Rujevic/DW

ДВ: Претседателот Вучиќ рече дека напаѓачот замислил дека во реалноста, како во игра, секој има повеќе животи.

Да. Не само децата, туку и постарите, особено средната класа, имаат можност да живеат виртуелно добар дел од денот, без да допираат вистински работи. Во виртуелниот свет децата се особено измачувани. Училиште, куќа, телефон, мал контакт со реалното. Тогаш не можат ни да го вклучат.

ДВ: Се споменуваше и „западна култура“, иако пологично би било да се зборува за американската култура. Може ли да се каже дека нешто се увезува од САД?

Може, и многу добро беше примен - економскиот систем. Индивидуалниот профит е примарен, секој е за себе, а ние сме во пазарна конкуренција во се, од училиште, до работа, до слободно време. Ова беше накалемено на нашето општество кое, какво и да беше, беше различно до деведесеттите. Добивме страшна мешавина во која децата растат многу поинаку од нас, а ние, кои пораснавме во деведесетите, значително поразлични од нашите родители.

ДВ: Дали токму затоа луѓето, збунети, плачат за одговори и нудат едноставни објаснувања за овие масакри?

Се претпочита потрагата по виновникот, едноставно решение. А кај нас сè е постмодерно и сè уште нејасно - имаме диктатура која всушност е демократија, либерален капитализам, но со социјалистичко наследство. Речиси никој не верува во системот, освен во правото на посилните и поарогантните.

Ова често се избегнува со повикување на минатото, а луѓето кои го прават тоа не се сигурни што е тоа минато. Некои ќе се повикаат на Тито, некои на кралот, некои на смртна казна. Но, постојано се повикуваат на времињата на нивните дедовци кога не било вака. И не е, но одговорот е многу потежок и покомплексен.

Мене ми изгледа клучно свртувањето од колективното кон индивидуалното, кон стекнување наместо барање живот во кој си мирен и задоволен.

ДВ: Многу се зборува за улогата на медиумите. Брзо може да се набројат фактите за овие злодела, но постојаната програма во живо и илјадниците текстови на порталите бараат нешто ново. Дали затоа има и шпекулации?

Медиумите треба да го пополнат дневниот циклус, а сите се заинтересирани за такви работи, сите се чувствуваат погодени, ова е траума. И на крајот на краиштата, тие медиуми работат и за профит. Тие веќе не се примарно таму да информираат, туку се нечија машина за правење пари. Инфлацијата на содржини води до нагаѓања и разни толкувања, па донекаде и ние двајцата го правиме тоа.

ДВ: Властите брзо усвоија некои мерки, како што е желбата да се заузда даркнет или да се намали старосната граница за кривична одговорност. Дали тоа има смисла?

Тоа со даркнет е глупост. Тоа би значело забрана на многу работи на класичниот интернет, а тоа нема да се случи. Првиот импулс и на властодршците и на оние што се стремат да бидат на власт е да му угодат на народот, да се однесуваат како да размислуваат и можат брзо да направат нешто. Работите се сложени и не можам да кажам какви ќе бидат ефектите. Но, да речеме, кој би бил првиот погоден со намалување на границата на 12 години? Деца кои крадат, или просат, веројатно многу деца Роми. Ваквите брзи мерки честопати ги погодуваат најранливите, место да бидат решение.

* Михаило Тешиќ е уредник на српското издание на онлајн магазинот VICE. Работел како сценарист и писател на нарации за видео игри и за хумористичната емисија „Дневњак“. Често се занимава со американската поп-култура.