1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србија пред митингот: Кој кого (не)присилува да митингува?

24 мај 2023

Српската владејачка партија во петок го организира „најголемиот митинг досега“. Опозицијата тврди дека луѓето се принудени да одат на митингот, активисти на СНС прават списоци за одење со автобуси, а некои се тргнати пеш

https://p.dw.com/p/4RkCz
Група момчиња оди пеш на митингот во Белград
Група момчиња оди пеш на митингот во БелградФотографија: Jelena Djukic Pejic/DW

На споредниот пат помеѓу Баточина и Велика Плана, некаде помеѓу Лапово и Марковац, наидува група од тринаесет момчиња. Повеќето од нив се многу млади. Одат пеш, а во рацете носат српско знаме. Зад нив има бело комбе, а зад комбето полициски автомобил со ротирачко светло.

Свртуваат кон пумпата да се одморат малку. Не се многу гласни, но се видно задоволни. Тргнале од околината на Гњилане, на југоистокот од Косово, и досега поминале 320 километри.

„Тргнавме минатата среда наутро. Секој ден пешачиме од 10 до 12 часа. Правиме паузи и малку одмораме. Но, целта е јасна: одиме да му дадеме поддршка на Претседателот. Чувствуваме должност, бидејќи години наназад ни помага во Косово и тоа е тоа. Ја заслужи нашата поддршка, не знаеме како поинаку да му се оддолжиме“, вели Слаѓан од село Доње Кусце.

Еднo од момчињата, кого во тоа друштво го нарекуваат Дацко, го објаснува ставот на групата: „На сите нас првенствено ни помогна Александар Вучиќ. И Милан Радојичиќ (потпретседател на Српска листа). И додека седевме во кафуле, разговаравме како пеш одат нашите браќа од Митровица. И решивме да тргнеме.“

Пешачат, вели, до десет навечер, па си легнуваат. Се будат во седум наутро, а тргнуваат околу осум. „Имавме силна поддршка од локалните самоуправи, таму спиеме и така. Имавме посета и од Данило Вучиќ и тоа ни даде силна волја да продолжиме“, ни вели Дацко. Веднаш потоа оди да телефонира.

Србија Косово митинг
„Чувствуваме должност, затоа што со години (претседателот Вучиќ) ни помагаше во Косово“, велат момчињата кои пешачат кон БелградФотографија: Jelena Djukic Pejic/DW

Списоци за одење на митинг

За тоа време, во едно место на југот на Србија, Марко (името ѝ е познато на авторката на текстот) прави список на луѓе од неговата локална заедница за да одат на митингот на СНС што ќе се одржи во петок во Белград. Во таа ситуација се нашол сосема случајно.

Сакајќи да го направи својот мал град подобар за децата и локалните жители, тој се договорил со своите соседи да основаат организација. Општината им ветила помош и им препорачала да формираат „совет на граѓани“. Помошта стигнувала навреме, исчистена е проблематичната депонија, добиле спортски терен, а средени се и блиските гробишта. Меѓутоа, за помошта да продолжи да пристигнува, со текот на времето морале да станат членови на владејачката партија во Србија, која управува и со општината во која живее Марко.

„Сега сум должен да ги повикам сите тие сопартијци, да ги известам и да напишам кој сака да оди. Но, јас не сакав никого да терам. Можеби ќе земам 25 луѓе кои навистина сакаат да одат“, вели Марко.

Во фирмата каде што е вработен работите се малку поинакви. „Мојот нов управник во јавното претпријатие каде работам, сака да се истакнува и има амбиции за себе во партијата. Знам дека тој директно и лично бара луѓето да одат. И сега, знаејќи дека тој е шеф, луѓето се согласуваат. Тој не тера никого, но кога ќе те праша лично и ќе те погледне в очи, па ќе каже дека сите треба да одиме, ветува неработен ден - повеќето се согласуваат“, објаснува нашиот соговорник. Тој додава и дека членовите се повикуваат и преку други канали, на пример преку кол-центар.

Србија митинг
Момчињата од Косово пешачат секој ден од 10 до 12 часаФотографија: Jelena Djukic Pejic/DW

Опозицијата го повикува обвинителството да реагира

Поради таквиот притисок врз граѓаните, вели Јелена Милошевиќ, пратеничка на Партијата за слобода и правда (СПП) од Ниш, опозицијата до обвинителството доставила писмо потпишано од седум парламентарни партии. Во него, вели, детално е опишано како луѓето се принудуваат да одат на митингот на 26 мај.

„Го повикавме обвинителството конечно да се вмеша во својата работа, бидејќи постои основа за сомневање за две кривични дела - злоупотреба на службената положба и принуда“, вели Милошевиќ. „Немам ништо против на митингот да има милион луѓе, ако тие тоа го сакаат. Јас сум против тоа луѓето да бидат уценувани, да бидат притискани и под закани со отказ. Тоа е недозволиво и спротивно на законите и здравиот разум. Одењето на митинг не е работна обврска, а вработените не смеат да трпат последици поради неучество на истиот.“

Опозициската политичарка нагласува дека на оние кои трпат притисоци им била понудена правна и секаква друга помош. „Важно е да знаат дека не се сами. На 26 мај ќе има празни канцеларии во јавниот сектор, се одлагаат училишни екскурзии. Тоа не е поддршка, тоа само создава привид на поддршка“, смета Милошевиќ.

Јелена Милошевиќ (ССП) Србија митинг
Јелена Милошевиќ (ССП): Постои основа за сомневање за две кривични дела - злоупотреба на службената положба и принудаФотографија: Jelena Djukic Pejic/DW

„Во најдобар интерес на граѓаните“

Со денови се шпекулира колку автобуси ќе одат до Белград во петок, но се знае дека ќе има и од Република Српска и од Северна Македонија. Поради опасноста од подгревање тензии и натамошна поларизација на општеството кое се соочува со последици од насилство и трагедија, Центарот за истражување, транспарентност и одговорност, во име на граѓанските организации, апелираше до претседателот на Србија да се однесува „одговорно, разумно и во најдобар интерес на најголемиот број граѓани“, и да го откаже масовниот собир најавен за 26 мај.

Во одговор на овој апел, претседателот Вучиќ вели дека тоа го бараат организации кои „секогаш поддржуваат сѐ што се случува против власта, да не бидам малициозен и да кажам - против државата Србија“. Вучиќ во вторникот вечерта (23.05) во гостувањето на РТС рече дека на митингот нема да зборува како лидер на партија, туку како претседател на сите граѓани на Србија.

Марко од југот на Србија ќе оди на митингот во петок, но, како што вели, сепак смета дека не е момент да се демонстрира чија било сила во моменти кога цела Србија е потресена од голема трагедија. „Јас не сум за тоа. Мислам дека е глупаво сега да се покажува моќта на власта. Тој натпревар е глупав, што друго да кажам“.

Србија митинг Косово
Мал одмор на бензинска пумпа, па повторно на марш кон БелградФотографија: Jelena Djukic Pejic/DW

На митингот пристигнуваат и момчињата кои одат пеш до Белград. Во текот на една недела колку што се на пат, тие се соочија со немилосрдното мајско сонце, но и со обилен пролетен дожд. Ги држи, ни велат, волјата да стигнат до својата цел.

Во тој момент Дацко се враќа и нашиот разговор е завршен: „Готово е, прекинувај! Нема веќе разговори, тргнуваме!“ Сите веднаш стануваат и продолжуваат понатаму. Можеме ли да одиме малку со вас, ги прашуваме. „Нема потреба“, одговара Дацко.

Не стигнавме да ги прашаме што ќе биде кога ќе пристигнат во Белград. Знаат само дека таму ќе се сретнат со група од северот на Косово, која оди преку Рашка, Краљево и Чачак.