ЕУ: Зелено светло за реформската агенда на С. Македонија
12 октомври 2024Реформските агенди на Северна Македонија, Албанија, Србија, Црна Гора и Косово се одобрени во рамки на новиот Инструмент за реформи и раст во износ 6 милијарди евра, познат како План за раст на Западен Балкан, објави на мрежата „Х'“ унгарското претседателство со ЕУ.
„Ова го трасира патот предфинансирањето да започне за време на унгарското претседателство со Унијата. Поддршката на интеграцијата на Западен Балкан останува клучен приоритет на унгарското претседателство", се наведува во соопштението.
Согласно Планот за раст на Западен Балкан вреден 6 милијарди евра, Северна Македонија треба да добие 750 милиони евра поделени на неколку транши, а првата транша од 7 проценти, односно 52,5 милиони евра, државата ќе ја добие најдоцна до крајот на годината.
Според формулата од Регулативата за инструментот за реформи и раст, усвоена од страна на Европскиот парламент и Советот на ЕУ, Северна Македонија треба да добие 750,4 милиони евра за периодот 2024-2027 година. Овие средства ќе бидат условени со реализација на конкретни квалитативни и квантитативни чекори поврзани со мерките за планираните реформи.
Советот на Европската Унија на почетокот од мај годинава го одобри Планот за раст на Западен Балкан, кој со обезбедените дополнителни 6 милијарди евра треба да ги поддржи земјите на патот кон членство во ЕУ.