1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Западен Балкан: Неопходно е забрзување на реформите

Розалија Романиец
6 март 2024

Додека Русија продолжува да го демонстрира своето политичко влијание на Западен Балкан, земјите од регионот и Европа се фокусираат на проширувањето на ЕУ. Во прашање е стабилноста на Европа.

https://p.dw.com/p/4dDlD
Министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Елмедин Конаковиќ, на прошетка низ Сараево со својата германски колешка, Аналена Бербок
Министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Елмедин Конаковиќ, на прошетка низ Сараево со својата германски колешка, Аналена БербокФотографија: Samir Huseinovic/DW

Некои земји од Западен Балкан веќе дваесет години чекаат да се приклучат кон ЕУ - но, патот е тежок. Во многу случаи не беа спроведени потребните реформи, а долго време недостастасуваше политичка волја и јасна стратегија за патот на Западен Балкан кон Унијата.

Но, сега, кога Европа се соочува со две војни – руската агресорска војна во Украина и конфликтот на Блискиот Исток – јасно е дека нестабилниот Западен Балкан може да стане дополнителен безбедносен ризик. „Руската агресорска војна против Украина го прави проширувањето на ЕУ геополитичка неопходност“, рече германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок во понеделникот (4 март, 2024) во Црна Гора - првата дестинација од нејзината дводневна посета на Западен Балкан.

Црна Гора го засилува темпото

Времето на патувањето не е случајно: наредниот извештај за напредокот на земјите кандидати за членство во ЕУ на Европската комисија ќе биде објавен во средината на март, а наскоро потоа ќе бидат преземени натамошни чекори на самитот на ЕУ. Земјата-членка на НАТО Црна Гора е најнапредната од шесте кандидати за членство во ЕУ на Западен Балкан.

Аналена Бербок на разговори со претставници на црногорските власти во Подгорица на 4 март, 2024
Аналена Бербок на разговори со претставници на црногорските власти во Подгорица на 4 март, 2024Фотографија: Thomas Koehler/AA/picture alliance

Црна Гора започна со реформи во судството, а по притисокот од Брисел конечно беше пополнето местото на високиот јавен обвинител, кое со години беше празно. Но, има уште долг пат до исполнување на сите критериуми. Сепак, проевропската влада на Црна Гора напредува со амбициозен план: „28 до 28“ е национална иницијатива чија цел е земјата да стане 28-та членка на ЕУ во 2028 година.

Од 2028 година во ЕУ?

Бербок не сакаше да се позиционира на одреден датум. Според неа, треба заедно „и брзо“ да се чекори на патот кон ЕУ. Но, проширувањето „не е цел сама по себе, туку служи за зајакнување на нашата заедничка Европа“, рече таа, намалувајќи ги очекувањата. Од 33 отворени поглавја, Црна Гора досега затвори само три. Сепак, црногорскиот министер за надворешни работи Филип Ивановиќ тоа го гледа како позитивен сигнал за јавноста. Неговата земја сака да се држи до датумот 2028 година. „Тоа е можно и реално“, уверува тој. Во Црна Гора, поддршката за пристапување во ЕУ е особено висока: речиси 80 отсто од населението има позитивен став за членството во ЕУ. За споредба: во Србија само секој трет граѓанин. Сегашното раководство на земјата сака да ја искористи оваа поддршка за натамошните реформи.

Босна и Херцеговина на крстопат

Владата на Босна и Херцеговина, во која шефицата на дипломатијата на Германија пристигна на вториот ден од нејзиното патување, исто така, ја увери дека ќе ги спроведе неопходните реформи на ЕУ. По законот за спречување на перење пари и финансирање тероризам, земјата наскоро ќе донесе уште еден закон за решавање на конфликтот на интереси и започнување на судските реформи.

Германската министерка за надворешни работи моментално ја гледа Босна и Херцеговина „на клучен крстопат“ на патот кон ЕУ. „Секогаш има моменти во историјата кога треба да се искористи моментот и да се искористи можноста“, предупреди Бербок на прес-конференцијата во Сараево со босанскиот колега Елмедин Конаковиќ.

Шефовите на дипломатиите на Германија и на БиХ на средба во Сараево на 5 март, 2024
Шефовите на дипломатиите на Германија и на БиХ на средба во Сараево на 5 март, 2024Фотографија: Soeren Stache/dpa/picture alliance

Но, процесите на донесување политички одлуки се многу тешки во Босна и Херцеговина. Бидејќи земјата е поделена на три етнички групи, големите реформи бараат особено напорен процес на обединување. „Тука секој политичар може да ги блокира процесите на одлучување“, изјави министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Елмедин Конаковиќ, објаснувајќи ја ситуацијата. „Не сакаме да им ја ускратиме шансата на нашите граѓани да влезат во ЕУ“, рече министерот за надворешни работи.

Руското влијание дестабилизира

Земјата е кандидат за членство во ЕУ од декември 2022 година. Нејзиното раководство во моментов се бори не само за подготвеноста на сите делови на земјата за реформи, туку и против сѐ почестите обиди за дестабилизација од Москва. Во Босна и Херцеговина тие обиди имаат едно лице: Милорад Додик. Националистичкиот претседател на Република Српска (РС) има за цел да го оддели етничкиот српски дел од остатокот од земјата. Слично на српскиот претседател Вучиќ, и тој одржува блиски контакти со Кремљ и неодамна посети двајца владетели на Истокот: Александар Лукашенко и Владимир Путин.

На надворешен план, раководството на Босна и Херцеговина се обидува да ја минимизира проблематичната улога на сепаратистот Додик. Луѓето во земјата се навикнаа на него, вели Конаковиќ. Но, на заедничкиот состанок, Бербок предупреди на „мечтаење за поделби“ и го промовираше единството на земјата на патот кон ЕУ. „Сакаме Босна и Херцеговина како цела држава да се приклучи на Европската унија“, рече таа во Сараево.

Западен Балкан е геополитички поважен од кога било

Покрај внатрешнополитичките проблеми и зголеменото политичко влијание на Русија, актуелната геополитичка ситуација предизвикува и загриженост на Западен Балкан. Некои стравуваат дека по европските избори ќе има повеќе скептици за проширување во Европскиот парламент и оти Доналд Трамп ќе победи на американските избори. Загриженоста е дека ова повторно ќе го намали вниманието на Европа кон Западен Балкан. 

Западниот Балкан не треба да се остави во руската зона на влијание, предупредуваат германски политичари
Западниот Балкан не треба да се остави во руската зона на влијание, предупредуваат германски политичариФотографија: picture-alliance/Photoshot/Qian Yi

Германските политичари, меѓутоа, не мислат дека тоа ќе биде случај. Опозицискиот политичар Јирген Хард од Христијанско-демократската унија (ЦДУ), кој ја придружуваше Бербок на патувањето, смета дека геополитичката важност на Западен Балкан за Европа веројатно ќе расте со оглед на ваквите сценарија. „Во моментов таа е поголема од кога било досега“, изјави тој за ДВ. Тогаш регионот не треба да се остави во руската зона на влијание.

„Особено затоа што Западен Балкан ни е толку близу, нашата цел сега мора да биде Европа и Западот да направат сѐ што е можно таму“, изјави специјалниот пратеник на владата за земјите од Западен Балкан, Мануел Сарацин, кој, исто така, ја придружуваше Бербок на патувањето. Таков близок, нестабилен регион инаку би можел да стане главната слаба точка на Европа.