1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ ќе финансира реформи во Северна Македонија

БГ
22 мај 2024

Колку реформи, толку пари, е мотото на новиот План за раст на земјите од Западниот Балкан кој ќе стапи во сила следната недела. Регионот има шанси да добие вкупно 6 милијарди евра.

https://p.dw.com/p/4g6EJ
Symbolbild EU-Corona-Hilfspaket
Фотографија: Zoonar/picture alliance

Европската комисија ќе го финансира приближувањето и интеграцијата на земјите од Западниот Балкан со европскиот пазар со 6 милијарди евра. Околу 4 милијарди евра се заеми со ниска каматна стапка и грејс период од 8 до 10 години, додека останатите две милијарди евра ќе бидат грантови. Распределбата на средствата ќе се прави врз основа на бројот на населението и годишниот БДП на секоја земја од регионот. Според тие параметри, Северна Македонија ќе може да се надева на речиси една милијарда евра до 2027 година.

Првиот приоритет на ЕУ е да го отвори европскиот заеднички пазар за шесте држави од Западниот Балкан. За тоа да се оствари, Македонија и останатите земји од регионот ќе мораат да реализираат основни реформи, да ги приближат своите законодавства со она на ЕУ.

Конкретните мерки кои ќе треба да ги преземе владата во Скопје се движат од реформи во владеењето на правото, преку подобрување на фискалната контрола, образовните процеси, се до, на пример, приватизација на Поштата и Железницата.  

Удвојување на БДП за 10 години  

Фокусот ќе биде на седум приоритетни области:
Слободно движење на стоки, услуги и работници, пристап до СЕПА системот на ЕУ, олеснување на патниот транспорт, интеграција и декарбонизација на енергетскиот пазар, дигитализација и интеграција во синџирите на снабдување.

Еден од предусловите за побрза економска интеграција на шесте држави во регионот е нивно првично здружување во регионален пазар, како прв чекор кон заедничко пристапување кон заедничкиот европски пазар.

Во Брисел се убедени дека државите кои ќе ги спроведат реформите и ќе ги искористат средствата би можеле да го удвојат својот БДП во следните 10 години. За земја како Македонија, чиј БДП во моментов е околу 42% од просекот во ЕУ, тоа би значеле стапки на раст од над 7 отсто на годишно ниво. 

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен за време на ланската турнеја низ земјите од Западен Балкан најави дека сите земји од Западен Балкан имаат пристап до новиот План за раст, но оти сѐ ќе зависи од резултати во реформите. 

„Јасно ни е дека за реформите е потребно време, но ако ништо не се направи, ако не се спроведат реформи, средствата ќе се префрлат во другите земји од Западен Балкан што постигнуваат резултати. Ова е поттик за сите да работат, да напредуваат и да ги искористат економските можности“, посочи претседателката на ЕК.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема