План за раст - мост кој ќе го поврзе Западен Балкан со ЕУ
22 јануари 2024Планот за раст на ЕУ е момент на пробив, движечка сила кон просперитетна иднина на Западен Балкан, шанса за економски развој, голем тест на зрелост, но и можност да се забрза пристапот во Унијата до 2030 година. Ова се пораките коишто шестeмина лидери од Западен Балкан ги упатија на лидерската средба во Скопје, каде што се разговараше за придобивките од планот којшто го предложи Европската Унија минатата година. На средбата на која што учествуваше и Џејмс О’Брајaн, помошник државниот секретар за европски и евроазиски прашања на САД, беше упатена јасна порака дека САД секогаш стојат зад Северна Македонија и ги поддржуваат напорите на Западен Балкан за интеграција во ЕУ.
„Никогаш не сте биле поблиску до ЕУ. Со малку работа може да ги направиме работите подобри“, порача претставникот на САД.
Отворање на портите кон ЕУ
„Планот за раст на ЕУ го гледам како олеснувач кој ги отвора портите кон европскиот единствен пазар и кон слободниот проток на стоки, услуги, капитал и луѓе. Оваа структурирана рамка засилена со финансиска поддршка станува клуч за беспрекорна интеграција. Таа го охрабрува усвојувањето на европските регулативи и стандарди, промовирајќи интеграција и во регионот и во ЕУ. Планот е мост кој ги поврзува аспирациите со реалноста“, оцени премиерот Димитар Ковачевски.
Тој, како домаќин на состанокот, напомена дека Планот за раст ги надминува економските стратегиии и е реална движечка сила кон просперитетна иднина на Западен Балкан.
„Овој инструмент за нас е момент на пробив. Со него, земјите од Запад Балкан ќе ги забрзаат фундаменталните реформи, создавајќи врска меѓу заедничкиот регионален пазар. Во тој процес, пристапот до дополнителна финансиска помош станува клучен елемент“, рече Ковачевски.
Планот за раст, според премиерот, е досега најсериозната политичка потврда од Европската Унија дека тие имаат конкретен план за ефикасна европска интеграција на Западен Балкан. Со неговата реализација, БДП-то по глава на жител треба да се удвои, односно од просечни шест илјади евра по глава на жител во регионот, да се зголеми на просечни 12 илјади евра по глава на жител во следните десет години.
Процесот никој не може да го блокира
Џејмс О’Брајaн вели дека планот за раст на ЕУ не е како ниеден друг план досега. „Не треба да правите реформи за да бидете оценувани подоцна, туку ако направите одредени реформи, тогаш вашите компании и вашите луѓе многу брзо ќе ги уживаат четирите слободи на ЕУ - слобода на движење и можност да работите каде сакате, слободно движење на капиталот и услугите“, вели О' Брајан.
Според О’Брајaн, во процесот никој не може да блокира. Никој нема да го сопре другиот да напредува поради некакви нерешени билатерални спорови, а секоја земја што ќе се обиде да го направи тоа, ќе се соочи со последици.
Европска зона за плаќање и зелени ленти
Во следните неколку месеци се очекуваат и практични иницијативи. Освен за слободниот проток на луѓе, стоки и услуги и за единствената европска зона за плаќање, се разговара и за други идеи како што се производството, преносот и трговијата на електричната енергија.
О’Брајaн вели дека кога ќе се постави Единствената европска зона за плаќање, придобивките ќе бидат големи и тоа ќе го почувствува секој. Секој поединец што ќе префрла пари во и надвор од регионот, ќе заштедува по 5 отсто. Со зелените ленти, пак, бизнисот значително ќе се подобри.
Претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ смета дека за нив се многу поважни зелените ленти, отколку единствената европска зона за плаќање.
„Не ја потценувам важноста на единствената европска зона за плаќање, но за нас најважни се зелените ленти. Тоа ќе биде од голема помош за да се креира подобра бизнис средина за нашите луѓе, но и за сите други кои ќе сакаат да инвестираат во овој регион“, рече Вучиќ.
Што се однесува до премиерот на Албанија, Еди Рама, тој на Планот за раст гледа како на голем тест на зрелоста што треба да се помине. „Ако сакаме да успееме, министрите треба да ја заборават историјата и боите на знамињата и да ја гледаат само бојата на знамето на ЕУ“, порача Рама.
Придобивки и за членките на ЕУ
Планот за раст нуди значителни придобивки и за постојните 27 земји членки на ЕУ, како што се повеќе царински олеснувања, подобра гранична инфраструктура, интегрирање на системот за регистрација на компаниите.
Генералниот директор за соседство и преговори за проширување во Европската комисија, Герт Јан Копман, вели дека Планот за раст може потенцијално да го промени регионот, но може и да го забрза процесот на пристапување кон Европската Унија.
На состанокот во Скопје присуствуваа српскиот претседател Александар Вучиќ, премиерите на Албанија, Црна Гора и Косово, Еди Рама, Милојко Спаиќ и Албин Курти, актуелниот министер за финансии и трезор во Советот на министри на БиХ, Срѓан Амиџич, како и Герт Јан Копман, генерален директор за соседство и преговори за проширување во Европската комисија и Џејмс О’Брајaн, помошник државниот секретар за европски и евроазиски прашања на САД.
Планот за раст на Западен Балкан беше усвоен од Европската комисија на 8 ноември и со него се предвидува финансиска поддршка од шест милијарди евра за периодот 2024 - 2027 година. Од овие средства, две милијарди се неповратни грантови, а четири милијарди се концесиски заеми обезбедени од ЕУ. Целта на Планот е поттикнување на економскиот раст во регионот.