Ердоган поддржува прием на Украина во НАТО
8 јули 2023По средбата на двајцата претседатели, Реџеп Таип Ердоган и Володимир Зеленски во Истанбул, турскиот домаќин изненади со своја изјава: „Не постои сомнеж дека Украина заслужува членство во НАТО“.
Изјавата е во согласност со желбата на Украина,како сигурносна гаранција по евентуален крај на војната, да биде примена во Северноатлансткиот сојуз, со што среднорочно би била заштитена од нов напад на Русија. Зеленски изрази голема благодарност за поддршката од турскиот претседател.
Турското посредништво во фокусот
Во два и полчасовните разговори меѓу двајцата претседатели и делегациите на двете земји, како што изјавија на прес-конференцијата кратко по полноќ по локално време, фокусот бил на турското посредување меѓу Украина и Русија, во различни тематски области.
Турција меѓу другото прави напори да организира нова размена на заробени војници, пункт во кој Ердоган повторно изненади со непредвидена најава.
„Следниот месец господин Путин ќе стигне во посета на Турција, во таа прилика лично ќе ја разгледаме оваа тема. Доколку во меѓувреме дојде до телефонски разговор, ќе дискутирам со господин Путин околу ова, зашто размената на воени заробеници за Турција претставува приоритет“, рече Ердоган.
Посетата на Путин на Турција би била прва по почетокот на војната во Украина, а и Зеленски беше првпат во Турција по 24 февруари ланската година.
Продолжување на Договорот за извоз на украинско жито
Украинскиот претседател зборуваше за проширување на воената соработка меѓу Украина и Турција, која би се протегала и до заедничко производство на дронови,истакнувајќи дека се потпишани договори за соработка.
И секако, тема во разговорите бил можниот крај на Договорот за извоз на жито од украинските пристаништа меѓу Украина и Русија, кој истекува за една недела. Турскиот претседател Ердоган изјави: „Се надеваме и очекуваме дека ќе дојде до продолжување од најмалку три наместо два месеции дека понатаму во одреден момент ќе биде продолжен на период до две години.“
Русија досега го блокира Договорот за жито
Договорот за житото, кој беше постигнат пред една година со турско посредување, беше продолжен во повеќе наврати, но Русија досега блокира ново продолжување.
Извозот на украинско жито, кој би бил овозможен низ т.н. пловен коридор, го засега секојдневниот живот на милиони луѓе на различни континенти, истакна украинскиот претседател Зеленски во Истанбул, дополнувајќи - Договорот не смее да зависи од тоа во какво расположение се разбудил утрото рускиот претседател.
Договор за поддршка на планот на Зеленски од десет точки
Според Зеленски, во Истанбул е потпишана и билатерна спогодба која го поддржува неговиот план од десет точки, кој меѓу другото предвидува и комплетно повторно воспоставување на територијалниот суверенитет на Украина.
Турскиот претседател напротив истакна дека е важно што поскоро да можат да почнат мировни преговори. Турција инаку од почетокот на војната има добри односи и со Украина и со Русија.