Војната во Украина и житото – пет факти
27 јули 2022Каква е улогата на Украина за глобалната безбедност на храна?
Украина е еден од најголемите производители на жито во светот. Во земјата главно се одгледуваат и извезуваат пченица, пченка и јачмен. Според Европската Комисија Украина учествува со 10% од светскиот пазар на пченица, 15% од пазарот на пченка и 13% од пазарот на јачмен. Со повеќе од 50% во светската трговија таа е и најважниот играч на пазарот на сончогледово масло.
Пченката (1 место) и пченицата (2 место) се исто така најраспространетите житни култури во светот. Ако најголемиот извозник, како што е Украина испадне, тоа може да има сериозни последици врз глобалната безбедност на храна.
Кои се најголемите производители на пченица, пченка и јачмен?
Според статистиката на американското Министерство за земјоделие во 2021/22 година Украина со 33 милиони тони жито била седми производител во светот. Повеќе од неа произвеле само Австралија, САД, Русија, Индија Кина и на прво место ЕУ, ако се собере производството од сите земји членки.
Украина е шеста по производство на пченка. Од средината на 2021 до средината на 2022 повеќе пченка од неа произвеле само во Аргентина, ЕУ, Бразил, Кина и најмногу во САД. Во однос на јачменот, Украина е четврти по големина производител во светот. Пред неа се Австралија, Русија и ЕУ на прво место.
Кои земји главно ги увезуваат овие житарици?
Најголемиот увозник на житарици во 2020 според Опсерваторијата за економска комплексност, ОЕЦ која прави анализа на податоците за меѓународна трговија биле Египет (5,2 милијарди долари), Кина (3,47 милијарди долари), Турција (2,44 милијарди долари), Нигерија (2,15 милијарди долари) и Индонезија (2,08 милијарди долари). Најголем купувач на пченица пред сѐ од Украина исто така бил Египет.
Што се однесува до пченката, во 2018 година најважен увозник бил Мексико (3,14 милијарди долари), Јужна Кореја (1,92 милијарди долари), Виетнам (1,85 милијарди долари) и Шпанија (1,72 милијарди долари). ОЕЦ засега нема објавено актуелни бројки. Меѓу главните купувачи на пченка од Украина меѓу другото биле Холандија, Шпанија и Кина.
Кина(1,77 милијарди долари) е најголем купувач на јачмен во 2020. На листата најголеми увозници по неа следат Саудиска Арабија (1,38 милијарди долари), Холандија (512 милиони долари), Белгија (369 милиони долари) и Германија (307 милиони долари). Најголем увозник на јачмен од Украина беше Кина.
Како војната на Русија во Украина влијае на глобалниот пазар на жито?
Испораките на житото се прекинати поради руската блокада на украинските пристаништа. Ова ги поттикна стравувањата од тесни грла ширум светот и во меѓувреме доведе до нагло зголемување на цените. До средината на мај, извозните цени на пченицата и пченката се искачија на невидени нивоа - според ОН со сериозни последици, особено во Африка, Блискиот Исток и Азија, земји каде пандемијата на коронавирус и нејзините последици веќе ја влошија ситуацијата со храната.
Во меѓувреме донекаде се намали притисокот врз пазарот на жито. Организацијата на ОН за храна и земјоделство, ФАО проценува дека и покрај војната во Украина, светската жетва на жито оваа година веројатно ќе биде само малку помала отколку во 2021 година. Недамнешниот договор меѓу Русија и Украина ги зголеми надежите за извоз на житото од Украина.
Што значи договорот меѓу Украина и Русија?
Како дел од договорот постигнат во Турција, 20 до 25 милиони тони жито што моментално е блокирано во Украина, конечно треба да може да се извезат. Треба да се олесни и извозот на руско жито и вештачко ѓубриво - кој е ограничен како резултат на санкциите против Русија. Меѓу другото, договорот предвидува и безбедни коридори во Црното Море меѓу Украина и Босфорот а бродовите и пристаништата кои ќе учествуваат во овој процес не треба да бидат нападнати. Контролен центар во Истанбул, кој е управуван од Обединетите нации, а во кој работат претставници од Русија, Украина и Турција ќе го следи извозот на житото.
Договорот меѓу Украина и Русија е добра и важна вест за глобалната безбедност на храната. Ова жито е итно потребно на светскиот пазар - особено во Азија и Африка. Уште во пресрет на руската војна во Украина, Обединетите нации предупредија од најголемата криза со храна во последните децении