ЕУ бара патишта за извоз на украинското жито
21 јуни 2022„Проблемот настанува поради руската блокада на украинското жито,“ изјави првиот човек на ЕУ- дипломатијата, Жозеп Борел на средбата на министрите за надворешни работи на ЕУ вчера во Луксембург, уште еднаш истакнувајќи кој според него е виновен за сѐ поизгледната светска криза со жито.
Според проценките на агенциите на ОН, во прашање се околу 20 милиони тони жито во украинските складишта.
„Милиони луѓе нема да можат да ги јадат овие житарици. Мораме повторно да предупредиме од ризикот на голем глад, пред сѐ во Африка“, изјави Борел, повикувајќи ја Русија да ја прекине блокадата.
Борел ја обвинува Русија за воено злосторство
ЕУ и ОН работат на изнаоѓање решение: во соработка со Русија и Украина би требало да се издејствува еден вид безбеден коридор за бродовите кои би транспортирале жито, во прв ред од Одеса, низ Црното Море.
На прашање на Дојче веле, Борел во Луксембург рече дека постојат напредоци и сигурен е дека ОН ќе успеат да дојде до договор: „Се надевам дека на крајот никој нема да биде во ситуација да го издржи притисокот на меѓународната заедница. Недозволиво е милиони тони жито да останат блокирани во Украина, додека остатокот од светот гладува, тоа е вистинско воено злосторство, а за него Русија треба да одговара. Гладот не смее да се користи како оружје“, изјави Борел.
Рускиот претседател Владимир Путин минатата недела пак тврдеше дека одговорноста за надоаѓачката криза со глад е кај Западот, поради неговите санкции против Москва. Руската влада освен тоа тврди дека е оневозможен руски извоз на жито и ѓубрива.
Борел го отфрла тоа: „Војната е таа што предизвика скок на цените и недостиг од енергија и прехранбени производи. Тврдам дека европските санкции не ја предизвикуваат кризата. Со санкциите ние не целиме против храната и средствата за ѓубрење. Секој кој сака да купи храна или ѓубрива од Русија, може тоа да го направи, нема никкави ограничувања.“
Дали пристаништата ќе станат достапни?
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров уверува дека Русија ќе овозможи извоз на жито од украинските пристаништа. Украина во меѓувреме ја обвинува Русија за кражба на житото од завојуваните и окупираните украински области и негов транспорт во Русија. Турција се понуди за посредник во спорот. Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу вели дека се работи на решение, при кое нема да биде неопходно отстранување на морските мини од украинските пристаништа. Турција гарантира слободен поморски пат од Црното до Средозмено Море.
ЕУ моментално ја рзгледува опцијата за испраќање европски воени бродови за обезбедување на бродовите транспортери на жито. Но, спред европски дипломати, тоа се чини малку веројатно, зашто е потребно избегување секаква воена конфронтација со руската морнарица.
„Уште се разговара на таа тема. Предизвиците се секако огромни, но тие предизвици на сите полиња се исклучително тешки. Затоа е неопходна проверка на сите опции“, изјави за Дојче веле германската министерка за надворешни работи, Аналена Бербок.
Германија, Полска и Романија работат на опцијата транспорт на жито преку железница
Бербок за в петок најави одржување меѓународна конференција во Берлин околу безбедноста во снабдувањето со храна и транспортот на жито од Украина. Бројни министри веќе го потврдиле своето учество, а со прашањето ќе се занимаваат на викендот и државите од Г7 на нивниот самит во баварското место Елмау. Германија и натаму работи со Полска и Романија на засилување на извозот на жито од Украина со железница, соопшти германската министерка за надворешни работи. Вообичаено, околу 90 проценти од житото се транспортираат со бродови, а само десет проценти по копнен пат.
„Јасно е дека на крајот нема да биде изнесено целото жито,“ реална е Бербок, но истакнува – и еден дел ќе помогне за намалување на глобалните предизвици. Прво мора да се оспособат железничките патишта и да се пронајдат соодветни транспортни вагони. Шините во Украина имаат различна широчина од оние во Полска и Романија, така што на границите возовите треба да бидат товарани на други возови или да се врши претовар на житото.
Извозот на жито од Украина од шест милиони тони месечно пред војната, падна на околу два милиони тони. Украинскиот заменик министер за земјоделство Маркиан Дмитрашевич признава дека постојат проблеми кај складишните капацитети за новата жетва на житарици поради руските напади. САД, заедно со европските партнери, работат на подигање привремени силоси на границата кон Полска и Романија, заради складирање на идната жетва. Житото потоа со камиони или возови треба да биде пренесено до европските пристаништа, оваа опција ја најави минатата недела американскиот претседател Џо Бајден. Експертите проценуваат дека овој заобиколен транспортен пат дополнително ќе ги зголеми ионака експлодирачките цени на житото.