1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Украина го подготвува транспортот на жито

ЖА / агенции
25 јули 2022

Украинските пристаништа започнаа подготовки за договорениот извоз на жито. Рускиот министер за надворешни работи Лавров во Египет вети сигурно доаѓање на ветеното жито

https://p.dw.com/p/4EaQy
Ukraine Getreideernte in Region Odessa
Фотографија: Nina Liashonok/Ukrinform/IMAGO

Три украински пристаништа започнаа со подготовки за транспорт, по договорот за извоз на украинско жито, постигнат во Истанбул. Во тек се подготвителните работи во пристаништата во Одеса, Черноморск и Јушниј, соопшти украинската поморска служба на Фејсбук.  Спогодбата постигната во Истанбул предвидува формирање конвој од бродови, кои ќе пловат по претходно одреден морски коридор, а Русија се обврза дека нема да ги напаѓа ниту бродовите, ни пак пристаништата. Меѓутоа, во Украина, но и во странство, владее скепса во поглед на руското придржување кон договорот, до кој се стигна со посредување на ОН и на Турција, а кој треба да биде под надзор на контролен центар во Истанбул. Украинските информации велат дека во земјата се блокирани околу 20 милиони тони жито, итно потребни на светскиот пазар на храна.

Во петокот, само еден ден по парафирањето на спогодбата,  Русија го нападна пристаништето во Одеса  со ракети, според украински наводи, оштетена е пристанишната инфраструктура. Во моментот на ракетирањето, во пристаништето било складирано жито, но складиштата не биле погодени. Украинскиот претседател Володимир Зеленски го осуди нападот како „очигледно руско варварство“, а критики стигнаа и од странство.

По првичното негирање, Министерството за одбрана во Москва вчера (24.07.) соопшти дека во нападот бил уништен украински воен брод и складиште со оружје од САД, без да понуди докази за тврдењата.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, при посетата на Египет изрази пофалби за  договорот за извоз на украинско жито,  најавувајќи истовремено и скор извоз на руско жито.  

Москва ќе овозможи исполнување на сите ветувања на руските извозници на жито и житни производи, изјави Лавров на прес конференција по разговорите со својот египетски домаќин, министерот Самех Шукри. Египет, како и многу други арапски држави,е силен зависник од извозот на жито од Русија и Украина.