1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Случај Онкологија: Петмина директори и доктори под истрага

ДТЗ
31 јануари 2024

Од 2018 до 2021 година биле набавувани лекови без согласност и без распишан тендер. Проценките на Обвинителството се дека е направена штета од околу 30 милиони евра.

https://p.dw.com/p/4bsZP
обвинителство
Двајца директори и тројца лекари под истрага за случајот на ОнкологијаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Јавното обвинителство отвори истрага против петмина за случајот на Клиниката за онкологија со злоупотреби со терапијата за лекување на болните од рак и за злоупотреба на буџетски средства.

Се бараат мерки за претпазливост за поранешниот директорот на Клиниката за радиотерапија и онкологија, Нино Васев, кој се сомничи за седум кривични дела за набавка на лекови без јавна набавка со што ја злоупотребил службената положба и овластување и за „измама во службата“. Организацискиот директор, Нехат Нухи, е осомничен за „измама во службата“. Со истрагата се опфатени и тројца лекари за помагање во измама во службата.

На Васев, освен забрана за напуштање на живеалиштето и одземање на патната исправа и забрана за издавање на нова, му е изречено и оддалечување од работното место. За Нухи, пак, е побарана забрана за напуштање на живеалиштето и одземање на патната исправа. Одлуката треба да ја донесе Кривичниот суд во Скопје.

Обезбедена обемна документација

Предистражната постапка ја водеа двајца јавни обвинители. Обвинителката која го води случајот, Ана Гоговска Јакимовска, информираше дека биле преземени многу дејствија и обезбедена е обемна документација. Биле прегледани 25.500 електронски и хартиени досиеја, а се разговорало и со десетици пациенти.

„Од исклучителна важност за целата оваа постапка беа онколошките пациенти и нивните семејства на кои сакам уште еднаш јавно да им се заблагодарам и да ги охрабрам да ги пријавуваат сите евентуални незаконитости и злоупотреби на кои биле сведоци на конкретната клиника“, рече обвинителката. 

клиника Скопје
Од 2018 до 2021 година биле набавувани лекови без согласност и без распишан тендер. Фотографија: Petr Stojanovski

Штета од 30 милиони евра

Досегашните сознанија упатуваат на тоа дека медицинскиот и организацискиот директор набавиле лекови на реверс пред склучување на договор за јавна набавка, без согласност од Фондот за здравствено осигурување на Македонија во период кога постапките за јавна набавка сѐ уште не биле спроведени од Министерството за здравство. Спротивно на протоколите за лекување, биле препишувани лекови на пациенти каде постои недоследност во дозирањето на лековите и тајмингот на апликацијата.

Обвинителството од досегашната истрага утврдило дека е направена шета од  речиси 30 милиони евра. 

„Во периодот од 2018 до 2021 година, осомничениот медицински директор не ги фактурирал лековите од биолошката терапија кон ФЗО, биле преземани обврски над определениот годишен буџет, Клиниката вршела делење на набавката на ист лек и спроведувала постапка со преговарање без објавување на оглас во неколку наврати за краток временски период. Она што е карактеристично за оваа постапка е недостатокот за транспарентност и субјективно однесување на учесниците во постапката. Тоа отвора можност за коруптивни практики“, рече обвинителката.

Не се исклучува можноста за проширување на истрагата во наредниот период.