1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се шири истрагата за цитостатиците - се бара помош од Косово

ДТЗ
26 септември 2023

Македонските обвинители од колегите од Косово бараат податоци кои ќе помогнат во предистрагата за злоупотребата на цитостатици на Клиниката за онкологија. Ќе се бара помош и од Албанија.

https://p.dw.com/p/4WpLC
Јавно обвинителство
Се шири истрагата за цитостатиците - се бара помош од КосовоФотографија: Petr Stojanovski/DW

Македонското обвинителство ја шири предистражната постапка за злоупотребата на цитостатици на Клиниката за онкологија и ќе бара помош од колегите од Косово и од Албанија. Тим од обвинители од Јавното обвинителство во понеделникот (25.09) на средба со косовските колеги побарале помош да се обезбедат докази во врска со предистрагата поврзана со работата на Клиниката за радиотерапија и онкологија.

„Од косовските органи, преку контакт-точките во Европската правосудна мрежа, се побарани конкретни податоци неопходни за проверка на наводите врз основа на кои беше отпочната предистрагата. Притоа, косовските обвинители изразија подготвеност за соработка и за обезбедување на потребните податоци“, соопшти Обвинителството. 

Во следниот период, во зависност од потребите на предистрагата за обезбедување докази, слична ваква средба ќе биде организирана и во Обвинителството во Република Албанија. Проверките се прават со цел да се утврди дали пациенти од тие земји примале онколошка терапија во Македонија, но и да се проверат сомнежите за илегална препродажба на лекови за третман на онколошки пациенти во тие земји.

Пациенти на распит и финансиска истрага

Во меѓувреме, тимот на обвинители од Основното јавно обвинителство Скопје продолжува да ги презема сите дејствија за целосно испитување на настанот. Секојдневно се вршат распити на пациенти и нивни блиски, на стручни медицински и на други лица кои би можеле да имаат определени сознанија.

Министерството за здравство до Јавното обвинителство го доставило извештајот од Државниот здравствен и санитарен инспекторат, што се однесува на работата на Клиниката за онкологија. Исто така, по наредба на јавните обвинители, во тек е финансиска истрага, како и детално вештачење на економско-финансиското работење на Клиниката, кое го врши тим од вешти лица, ревизори од Државниот завод за ревизија и претставници на Фондот за здравствено осигурување.

Тројца онколошки пациенти ја набљудуваат постапката која што се води на Клиниката за онкологија во Скопје, со цел да биде транспарентен целиот процес.

Скандалот предизвика серија протести во Скопје на кои се побара брзо расветлување и одговорност за случајот. Случајот ќе го расветлува и Анкетна комисија која што ја формираше Собранието.