Случај Онкологија: Расте притисокот за одговорност
10 ноември 2023Расте притисокот за лоцирање на одговорноста за скандалот на Клиниката за онкологија, по што Јавното обвинителство (ЈОРСМ) упати апел политичарите да не го употребуваат случајот во политички цели.
„Јавното обвинителство води предистражна постапка и не постапува по барања на други лица. Информации се споделуваат единствено во обем кој нема да ѝ наштети на постапката“, реагираше Обвинителството откако министерот за здравство, Фатмир Меџити рече дека е крајно време да излезат да излезе со име и презиме за случајот со Клиниката за онкологија.
Повик
„Повикувам уште еднаш, апелирам за случајот со Клиниката за онкологија, крајно време е Обвинителството да излезе со точно име и презиме зошто овој костум, оваа кравата ме гушат. Од првиот ден ви кажав дека не претпочитам да бидам политичар од некоја партија, туку ќе бидам лекар и тоа и ќе останам и заедно со моите колеги и заедно со вас ќе ги подобриме работите“, порача Меџити на промоцијата на нова медицинска опрема и реновирани специјалистичко-консултативни амбуланти на Клиниката за неврологија.
Но, од Обвинителството велат дека обвинителите работат темелно и одговорно, почитувајќи ги сите законски рокови и апелира „политичарите да се воздржат од употреба на овој чувствителен предмет во политички цели“.
Дополнителен рок за сослушување
Во меѓувреме пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ поднесе предлог со кој се бара продолжување на рокот за дополнителни 30 дена за сослушување на експерти и поранешни и сегашни носители на јавни функции во рамките на Анкетната омисија која што ја формираше Собранието.
-Досега се сослушаа повеќе од 50 лица, поранешни и сегашни министри и заменици, директори, раководители на сектори, вработени во надлежните институци и тоа Министерство за здравство, ФЗО, „МАЛМЕД“, ДСЗИ, ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија.
Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ и претседателка на Анкетната комисија Рашела Мизрахи смета дека во процесот на сослушувањето на овие лица, се појавиле нови и важни факти и околности за Анкетната комисија, што можат да придонесат до конечното утврдување на прекршување на уставните и законските одредби, како основ за утврдување на политичка одговорност.