1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Филипче: Во мое време немаше пропусти на Онкологија

ДТЗ
17 октомври 2023

„Политичката одговорност треба да се бара претходно, зошто имало лекови само за мал број пациенти“, рече поранешниот министер за здравство, Венко Филипче, пред собраниската Анкетна комисија

https://p.dw.com/p/4Xd4w
Венко Филипче
Венко Филипче пред собраниската Анкетна комисијаФотографија: Boris Georgievski/DW

Поранешниот министер за здравство, Венко Филипче вели дека не бил запознат со КАТО-системот за контрола на терапиите на пациентите на Клиниката за онкологија и радиотерапија, кој со години не бил употребуван. За време на неговиот мандат како министер, тој смета дека немало пропусти во работењето на клиниката. 

„Политичката одговорност треба да се бара претходно, зошто имало лекови само за мал број пациенти. Не сум дал иницијатива да се воведе КАТО систем. Ако сум дал предлог, ќе сум го имплементирал. До моментот на моето доаѓање на функција, не сум знаел ништо за Клиниката за онкологија“, рече Филипче, кој сведочеше (17.10) пред членовите на собраниската Анкетна комисија за скандалот на Клиниката за онкологија. 

Увоз на лекови по европски стандарди

Филипче вели дека пред да стане министер, имало систем со кој не се знаело какви лекови се даваат, особено за пациентите со малигни болести и за дијабетичарите, но дека законот е променет и оттогаш лековите се увезуваат по европски критериуми.

За паралелниот увоз на лекови и дали имало увоз на фалсификат лекови, Филипче рече дека од 2018 година во Македонија се носат лекови со европски сертификат за сите пациенти кои дотогаш ги немало во државата.

Во однос на набавките на лекови на реверс, Филипче рече дека тоа било направено за пациентите да не останат без лек. „Во јануари имате 100 пациенти со една дијагноза. Во март дошле 20 нови, а првите 100 мора цела година да го примаат лекот. Затоа е земан реверсот. Не го оправдувам тоа, ама нема што да прават. Ќе останеле пациентите без лек. Системот треба да се смени“, сведочеше поранешниот министер.

Венко Филипче
Венко Филипче вели дека за време на неговиот мандат како министер немало пропусти во работењето на Клиниката за онкологија. Фотографија: DW/P. Stojanovski

Кој ги контролира лековите?

Давањето и контролата на лекови, според него, е работа на менаџментот и на главната сестра. На прашањето на пратеничката и претседателка на Анкетната комисија, Рашела Мизрахи, како го оценува работењето на поранешниот директор на Клиниката за онкологија, Нино Васев, тој рече: .„Доктор Васев мислам дека е одличен професионалец, секогаш спремен да помогне на секого, и во услови на гужва и кога има многу пациенти. Ако постои сомнеж за неговата работа, тоа треба да се истражи“. .

Пред неколку дена, пред Анкетната комисија сведочеше и наследникот на Филипче во министерската фотелја, Беким Сали, како и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски. 

Анкетната комисија во Собрание е формирана со цел да се лоцира политичката одговорност за скандалот со злоупотреба на цитостатици на Клиниката за онкологија. Комисијата беше формирана откако во јавноста беа објавени информации за злоупотреба на терапијата за пациенти болни од рак, за што истрага отвори и Јавното обвинителство.