Десетици мртви при напад на бегалски камп во Појасот Газа
1 ноември 2023Во израелски напади на бегалскиот камп Џабалија, на северот на Појасот Газа, според израелски и палестински извори, убиени се десетици луѓе. Израелската армија соопшти дека копнените трупи убиле околу 50 терористи. Во нападот биле користени и авиони. Целта на големиот напад била инфраструктурата на Хамас, кој зазел и цивилни згради. Портпаролот на израелската армија Даниел Хагари рече дека подземен објект на Хамас под една зграда се урнал, предизвикувајќи уривање и на други објекти во близината. Како резултат на нападот се урнале и тунели. Во операцијата, како што се вели, е убиен командантот на Хамас, Ибрахим Бијари, за кој се вели дека бил вклучен во масакрите на Хамас во израелската погранична област на 7 октомври.
Според Министерството за здравство, кое е под контрола на милитантната исламистичка терористичка милиција Хамас, во нападот загинале најмалку 50 луѓе, а повеќе од 100 се повредени. Но, се претпоставува дека под урнатините има уште жртви. Лекар во болницата Камал Адван, во северниот дел на Појасот Газа, соопшти дека бројот на загинати е најмалку 35, вклучително и жени и деца. Покрај тоа, на клиниката се примени повеќе од 200 повредени лица.
Продолжува гранатирањето врз Израел
Израел соопшти дека во вторникот (31.10) нападнал над 300 цели во Појасот Газа, вклучително и рампи за лансирање ракети. И покрај тоа, вечерта имаше уште еден ракетен аларм - ракети од Појасот Газа беа пресретнати од израелската противвоздушна одбрана и во поширокото подрачје на Тел Авив. Ракетни аларми имаше и на југот на Израел, во Еилат на Црвеното Море. Многу луѓе побегнале во тамошните засолништа. Подоцна беше кажано дека израелската армија одбила два напада со беспилотни летала и ракети од Јемен. Севкупно, израелската апликација за цивилна одбрана забележа - како и во изминатите неколку дена - десетици предупредувања од воздушен напад во повеќе израелски места градови.
Десетици камиони со помош стигнаа до Појасот Газа
Од друга страна, умерено позитивни вести доаѓаат од границата на Појасот Газа со Египет. Вкупно 66 камиони кои превезувале хуманитарна помош ја минале границата во рок од 24 часа. Ова е најголем број од почетокот на испораките пред единаесет дена. Пред војната, во Појасот Газа секојдневно доаѓаа по околу 500 камиони за да ги снабдуваат луѓето во регионот. Сѐ уште има недостиг од храна, вода, медицински материјали и гориво.
Се разговара и за отворање на граничниот премин Рафах помеѓу Египет и Појасот Газа за лекување на повредени од египетска страна. Вработените во египетската Црвена полумесечина добиле информација да бидат подготвени. Советникот за безбедност на израелската влада, Цахи Ханегби, рече: „Египет е држава со која сме пријатели. Државата е во мир со нас. Знаеме дека на Египет му е важно да спречи прилив на раселени Палестинци од Појасот Газа во Египет. Постои можност и за поставување теренски болници директно на границата помеѓу Египет и Газа. Има многу работи со кои Египет може да им помогне на невините цивили“.
Теренските болници би можеле да станат неопходни бидејќи повеќето болници во Појасот Газа веќе не можат да функционираат како што треба. Се очекува бројот на цивилни жртви во Појасот Газа да продолжи да расте. Израел ја проширува својата копнена офанзива- според ОН, на северот на Појасот Газа, каде што војната е особено насилна, сѐ уште има околу 300.000 цивили кои не го следеле повикот да ја напуштат областа. Според Израел, Хамас спречува многу од овие луѓе да побегнат.
Израел ја напаѓа Газа од 7 октомври како одговор на масакрот на нејзина територија од страна на терористите на Хамас. Притоа се убиени околу 1.400 Израелци - повеќето од нив цивили. Најмалку 200 луѓе беа киднапирани од страна на Хамас и префрлени во Појасот Газа.