1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали Бугарија „ги купува“ Македонците во Албанија?

28 јуни 2024

Спорот меѓу Бугарија и Северна Македонија околу прашањата за јазикот, историјата и идентитетот се префрли и во Албанија. На минатогодишниот попис се појавија информации за обиди на Софија да ги убеди припадниците на македонското малцинство да се декларираат како Бугари. Дали таквата кампања имала успех ќе дознаеме веќе на 28 јуни, кога ќе бидат објавени резултатите од пописот во Албанија.

https://p.dw.com/p/4hXmj

Жителите на Лиќенас, или Пустец како што е познат на македонски, на пазарен ден. Иако на некои им пречи нашата камера, оваа госпоѓа е среќна да одговори на нашите прашања за нејзиниот етнички идентитет. 

„Јас живеам во Албанија, но Македонка сум“, вели Василка, жителка на Пустец. 

Општина Пустец се наоѓа на брегот на Преспанското езеро во југоисточна Албанија. Населено е од етнички Македонци, кои се тука признаени како етничко малцинство од 1945 година. Бугарското малцинство во Албанија е официјално признаено во 2017 година. 

Пописот- чувствителна тема  

Пописот во Албанија во 2023 година беше чувствителна тема во Пустец. 

Бугарија и Северна Македонија спорат околу прашањата на јазикот, историјата, идентитетот и малцинствата. Тоа предизвика тензии меѓу двете земји кои, сега, се чини се прелеваат и во пописот во Албанија.

Локалните жители велат дека Бугарија се обидувала да ги убеди членовите на македонското малцинство да се декларираат како Бугари на пописот.

Ефтим Митревски од Македонската алијанса за интеграција работи како водич во музејот посветен на македонскиот писател Штерјо Спасе- симбол на македонското малцинство во Албанија. Тој тврди дека Бугарија се мешала во пописот во Пустец.

Пустец, Албанија
Селото Пустец, АлбанијаФотографија: Ministry of Infrastructure and Energy

„Само што започна пописот, видовме дека бугарскиот амбасадор во Тирана донесе хуманитарна помош за амбулантата и здравствениот систем во Преспа. Јас лично сметам дека нам ни е потребна соработка со земји од Балканот кои се дел од европското семејство, но не во вакви моменти. Тие доаѓаат тука и се однесуваат како ние да сме Бугари, но сите ние, луѓето како и албанските власти, мора да кажат стоп, доста е“, вели Ефтим Митревски.  

Локалните власти негираат дека бугарската влада се мешала во пописот и велат дека таквите тврдења ги измислиле медиумите.

„Доколку добиевме поплаки од жителите секако дека ќе реагиравме. И сега, доколку некој сака да го стори тоа, се уште има време. Тие можат да побараат помош од надлежните“, вели градоначалникот на Пустец, Пали Колевски. 

Бугарија не „одговара на провокации“  

Последниве години, ЕУ-членката Бугарија им издаваше пасоши на членовите на македонското малцинство во Албанија- прагматична понуда која им овозможува на жителите да живеат и работат слободно во ЕУ. Многу жители на Пустец возат автомобили со бугарски регистерски таблички- иако сопствениците не сакаат да зборуваат за тоа. 

Од бугарската амбасада во Тирана за ДВ изјавија дека е во тек „неиспровоцирана кампања против бугарското национално малцинство и бугарската држава“ од страна на организации на албански граѓани кои се декларираат како Македонци и многу медиуми и јавни личности во Северна Македонија. Се додава дека Бугарија „не одговорила на овие провокации“.

Социологот Марија Дојче докторирала на тема македонско малцинство во Албанија во периодот од 2011 до 2017 година, точно пред владата официјално да го признае постоењето на бугарското малцинство. 

„Во тој период, немаше апсолутно никаков сигнал за конфликт или бугарски претензии во овој регион. Локалното население се декларираше дека е Македонско и зборува македонски јазик, и сите останати му се обраќаа на ова малцинство како што секогаш било традиционално признаено, имено како македонско етничко малцинство во регионот на Корча“, вели Марија Дојче, универзитетски професор. 

Останува да се види дали жителите на Пустец се декларирале како етнички Македонци или етнички Бугари на пописот од 2023 година. Резултатите ќе бидат објавени од албанскиот Завод за статистика на 28 јуни. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема