1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Никола Ѓурѓај: Се нудат бугарски државјанства како на пазар

ДТЗ
25 септември 2023

Високи функционери од Бугарија ги посетуваат регионите каде што живеат Македонците во Албанија. Делат помош, нудат државјанства како на пазар, вели претседателот на македонското друштво „Илинден“ во Тирана.

https://p.dw.com/p/4WlON
Никола Ѓурѓај, претседател на Македонското друштво „Илинден“ во Тирана, Албанија
Никола Ѓурѓај, претседател на Македонското друштво „Илинден“ во Тирана, АлбанијаФотографија: privat

Мешањето од бугарската држава последните години и сега во време на попис во Република Албанија е зголемено и поагресивно, вели за ДВ Никола Ѓурѓај, претседател на Македонско друштво „Илинден”-Тирана и главен и одговорен уредник на весникот „Илинден“, кој се печати на македонски јазик во Тирана. Според него, цела бугарска машинерија е впуштена во притисоци кон Македонците да се попишат како Бугари со сите методи. Главна е делење пасоши и уцена да се пишат Бугари за да добијат државјанство, бидејќи само тоа „пали“ кај населението поради економски причини за да бегаат во западните земји за подобар живот. „Да беше Албанија или Македонија во ЕУ нема ни што да нудат“, оценува Ѓурѓај.

Пописот во Република Албанија почна на 18 септември и завршува на 30 октомври годинава. Македонското друштво „Илинден“-Тирана почна со кампања „Горе главата – Изјасни се дека си Македонец“ во Република Албанија и во континуитет апелира до Македонците во Република Албанија да не се плашат и слободно да се попишат. „Тие со векови се Македонци коишто зборуваат македонски јазик“, вели Ѓурѓај. Во екот на пописот и зголемените притисоци на терен, тој ја опишува атмосферата во која што се спроведува најголемата статистичка операција во соседна Албанија. 

бугарски пасош
Се нудат бугарски државјанства во Албанија како на пазарФотографија: BGNES

Државјанства како на пазар

Високи функционери од Бугарија ги посетуваат регионите каде што живеат Македонците во Голо Брдо, Мала Преспа, Гора и Врбник. Делат помош, нудат државјанства како на пазар, укажува претседателот на македонското друштво „Илинден“ во Тирана.

Ваквите предупредувања доаѓаат по информациите дека амбасадорот на Бугарија во Тирана, Ивајло Киров, допатувал во Пустец во време кога во Албанија се одржува пописот на населението и домаќинствата и граѓаните ќе бидат прашани и за нивната етничка припадност. Потпретседателот на Македонска алијанса за европска интеграција, Ефтим Митревски оваа посета ја оцени како мешање и форма на притисок. 

Претседателот на македонското друштво „Мост“, Бесник Хасани, пак тврдеше дека бугарскиот амбасадор ги убедувал Македонците да се попишат како Бугари на пописот, притоа делејќи им на улица бесплатни електронски уреди – таблети и телефони. 

Во пресрет на пописот, и потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова, беше во неколкудневна посета на Албанија, при што го посети селото Големо Острени и се сретна со претставници на бугарското национално малцинство од регионот Голо Брдо. Месноста Голо Брдо и селото Големо Острени се лоцирани на крајниот источен дел од Албанија. Населени се претежно со македонско население. 

„Делат помош, нудат државјанства како на пазар и тоа го прави земја што е во ЕУ пред очите на целокупна јавност во Република Албанија. Дали институциите го гледаат тоа и амбасадите акредитирани во Република Албанија, бидејќи јасно е дека не е дозволено во време на попис да се прави притисок врз населението“, вели нашиот соговорник. Тој ги повикува институциите во Република Албанија да преземат мерки и странските амбасадите во Република Албанија, како и институциите во татковината Македонија.

Пустец
Високи функционери од Бугарија ги посетуваат регионите каде што живеат Македонците во Голо Брдо, Мала Преспа, Гора и ВрбникФотографија: Ministry of Infrastructure and Energy

Повици

Очигледно е дека и македонските власти се известени за случувањата во Албанија, ако се има предвид обраќањето на шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи кој повика секој без страв да се изјасни на пописот за етничка, јазична и религиска припадност.

Османи во своето обраќање деновиве порача дека Албанија е препознатлива во светот по своето мултиетничко и мултикултурно општество и „никој не треба да се плаши да ја изрази својата националност“.

„Албанија е слободна земја, каде секој може слободно да го изрази и негува својот идентитет без да се грижи за какви било последици од тоа. Со тоа, вие дополнително ќе ја потврдите вашата незаменлива улога во градењето мостови на пријателство меѓу двете држави“, рече Османи. Министерот за внатрешни работи во говорот ги потенцираше и добрите односи кои нашата земја ги негува со Албанија.

„Северна Македонија и Албанија се повеќе од соседи, земји со исклучително пријателски односи, и ние ќе останеме во интензивна комуникација со вас исто, како и со институциите на Република Албанија, меѓу другото и за прашања коишто ве засегаат вас, Македонците“, додаде Османи.

Бујар Османи
Бујар Османи повика секој без страв да се изјасни на пописот за етничка, јазична и религиска припадностФотографија: Ministry for Foreign Affairs of North Macedonia

Гаранции

Од македонско друштво „Илинден“-Тирана велат дека се во контакт со албанските институции, како и со македонските институции, коишто се информирани за проблемите што се случуваат.

„Се надеваме дека ќе се преземат мерки притисоците да запрат и Македонците во Република Албанија знаат дека се горди Македонци што живеат во Република Албанија како нивно втора татковина.“

Премиерот Димитар Ковачевски неодамна смируваше дека земјата има добиено гаранции од албанските власти оти пописот ќе биде спроведен согласно светските и стандардите на Евростат. 

„Но, на терен гледаме секој ден како високи функционери од Бугарија делат помош и уценуваат и дури и закани има. Пописот треба да се спроведе согласно законите“, дециден е Ѓурѓај.

Никола Ѓурѓај
Во Република Албанија јасно е дека Бугари нема, вели Никола Ѓурѓај (д.)Фотографија: privat

Игри со бројките

Бугарија шпекулира со бројка од околу 5.000 Бугари коишто моментално живеат во Албанија, а дека е далеку поголем бројот на оние коишто се иселиле.

„Тие секогаш шпекулираат со бројките. Целокупниот процес на издавање на државјанства е надвор од сите закони на ЕУ. Во Република Албанија јасно е дека Бугари нема. Во сите пописи спроведени од Република Албанија нема никој декларирано дека има бугарско потекло, така што тоа е јасно. И од историските документи во тоа нема дилема кај македонското население во Република Албанија“, вели првиот човек на весникот „Илинден“.

Мерки против пропагандата во Албанија побара и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Тој викендов од Велес обвини дека „Бугарија тера отворена пропаганда против Македонија и како тоа да не е доволно, овие денови тие вршат жесток притисок и терор при пописот во Албанија, македонското малцинство да се впишува како етнички Бугари“.

„Од овде, од срцето на Македонија, јавно повикувам и апелирам Македонците од Албанија да излезат и да се попишат како Македонци, она што со векови биле и ќе продолжат да бидат. Апелирам дека сега е моментот да не потклекнуваат, и одговорот на сите туѓи пропаганди да биде масовност“, порача Мицкоски.

И Демократскиот сојуз го повика државно-политичкиот врв да се вклучи во заштитата на Македонците од бруталниот притисок на Бугарија во Албанија во врска со пописот на населението. Тие побараа Владата изворно да ги следи сите недемократски и незаконити активности на претставници на Бугарија врз Македонците, секојдневно да ги информира и најостро да реагира пред Советот на Европа и Европската Унија за грубото мешање на Бугарија во пописот на населението во Албанија заради менување на националната свест на Македонците.