Пустец: Луѓето веќе не знаат дали се Бугари или Македонци
18 јануари 2024Битката за идентитетот е нееднаква, велат локалните жители, затоа што оние кои го бираат бугарскиот добиваат голема награда- пасош на ЕУ. Софија и Скопје со децении спорат околу јазикот, идентитетот и историјата.
Бугарија го блокираше патот на Северна Македонија кон членство во ЕУ, додека истовремено им подели пасоши на над 90.000 Македонци- речиси 20 отсто од населението- откако стана дел од ЕУ.
Најновиот спор е насочен кон група села каде се зборува македонски јазик во еден од најубавите предели на југоисточна Албанија, на брегот на Преспанското езеро, на тромеѓето со Грција и Северна Македонија.
Пустец како пустина
На речиси пустите улици во Пустец, таблите се испишани на албански и на македонски јазик. Но, многу домови и згради се напуштени, со распукани ѕидови, излитена боја и искршени прозорци.
Како и остатокот од рурална Албанија и тука младите си заминуваат во потрага по подобар живот, а оние што останале велат дека населението се намалило од 3.300 во 2011 година, на денешните околу 1.200 луѓе.
„Тука е како пустина, нема веќе млади луѓе... селата се празни“, вели 65-годишниот Ефтим Митровски, кој работи во локален весник на македонски јазик. „Останаа само старите и болните“.
Во пресрет на минатогодишниот попис во Албанија, членови на македонската заедница тврдеа дека биле под голем притисок да се изјаснат како Бугари- обвинување кое Софија остро го отфрла.
„Шансата да се земе европски пасош имаше големо влијание врз македонската заедница“, вели Васил Стерјовски, од Македонската алијанса за Европска интегративна партија, која претставува голем дел од албанските Македонци.
Во очекување на резултатите од пописот во следните месеци, директорот на училиштето во Пустец, Трајан Ванѓеловски објаснува дека „тој станал бојно поле за меѓуетнички конфликт меѓу Бугарија и Северна Македонија“.
Потрага по корените
Како и остатокот од Балканот, историјата и на овој регион е комплексен. Од 1912 до 1945 година, Албанија ги сметала овие жители за Бугари. Но, по завршувањето на Втората светска војна и раѓањето на македонската република во рамките на СФР Југославија, Албанија почна да ги води како Македонци, објаснува експертот за меѓународни односи од Тирана, Арди Бидо.
Но, нештата се сменија во 2017 година кога Албанија почна да признава и бугарско етничко малцинство.
Со децении, Скопје „негираше постоење на бугарска заедница не само во Северна Македонија, туку и во Албанија “, велат од бугарската амбасада во Албанија за АФП.
„Во минатото тие (албанските Бугари) немаат можност и за многумина беше логичен избор да се декларираат како Македонци, со оглед на заедничкиот културен и историски бекграунд“, се додава во изјавата. Нивната одлука мора да се почитува, заклучуваат од амбасадата.
Бугарскиот пасош на цена
„Јас сум граѓанин на Албанија, но моите корени се бугарски“, вели Хаџи Пируши, кој работи за невладина организација во Тирана која го поддржува бугарското малцинство.
„Ние зборуваме бугарски, ние пееме на бугарски. Ние плачеме на бугарски“, вели тој, додавајќи дека „за првпат смееме отворено да го кажеме нашето потекло“.
Пируши негира дека имало притисоци од Бугарија, туку тврди дека имало „притисок од Северна Македонија“.
„Освен двосмисленоста на идентитетот, постои и втор фактор- лажни изјави“, вели аналитичарот Бидо.
Некои луѓе се идентификуваат како Македонци, но официјално се декларираат како Бугари за да добијат ЕУ пасош, вели тој.
Во последните четири години, околу 4.000 албански државјани добиле бугарски патни документи, според бугарското министерство за правда.
Во Пустец, прашањето само ги продлабочува поделбите.
„Луѓето се загрижени, збунети и дезориентирани“, вели школскиот директор Ванѓеловски.
„Веќе не знаат дали да се чувствуваат како Бугари или Македонци“.