Жителите на Пустец бараат враќање на националноста
29 март 2013Градоначалникот на општина Пустец во Албанија, Едмонд Темелко, кој воедно е и лидер на партијата Македонска алијанса за европска интеграција, по законското враќање на македонскиот топоним Пустец наместо Лиќенаси, изјави дека тој бара во личните документи да стои и националната припадност на Македонците во Албанија.
Темелко, еден од лидерите на Македонците во Албанија, за тиранскиот дневен весник „Gazeta shqiptare“, нагласува дека националната припадност во личните документи постоела во комунизмот, а сега во демократијата тоа не се внесува.
Невнесувањето на националната припадност во документите е навреда за Македонците, вели Темелко и подвлекува дека ова барање го има доставено и до Европскиот суд за човекови права во Стразбур.
„Ние не го признаваме пописот кој се одржа во Албанија, бидејќи на Македонците не им беше дозволено тие да го искажат својот идентитет“, вели Темелко.
„Во девет села во Пустец има 5.300 Македонци, но во Албанија живеат Македонци и во многу други градови и села“, вели Едмонд Темелко за тиранскиот весник.
Во телефонски разговор Темелко за ДВ потврди дека заедно со претставниците на грчкото малцинство ангажирале заеднички адвокат за настап пред Стразбур.
„Тоа поради фактот што во декември 2011 година ни ја одзедоа националноста од матичните книги на Албанија. Тоа прво го бараше националистичката Алијанса ’Црвено црни’ на Крешник Спахиу, на чие барање Уставниот суд на Албанија даде позитивен одговор. Заедно со Грците реагиравме за ова и пред институциите и пред надлежните, но попусто, затоа сега сите надежи ни се свртени кон Стразбур“, вели Темелко.
Албанскиот парламент едногласно на 18 овој месец го изгласа Законот со кој всушност се враќаат автентичните топоними во општината Пустец, имиња на населените места сменети во 1973 година од комунистичкиот режим, кои освен во официјалните документи жителите никогаш не ги употребуваат.