Кратка черга: Наставниците во март ќе го чекаат септември
26 август 2024Серија протести со почетокот на учебната година, втори септември, најавија од Независниот синдикат за образование и наука, откако министерката за образование Весна Јаневска во неколку наврати повтори дека просветните работници ќе добијат повисоки плати во март идната година, а не во септември. Првиот протест ќе биде во Битола. Бидејќи ниту еден синдикат во образованието немал докажано репрезентативност, тоа ги оневоможувало законски да организираат штрајк. Поради тоа Независниот синдикат за образование и наука незадоволство што нема да ги добијат ветените 12 % покачување, ќе го изразуваат преку протести и други форми на искажување незадоволство.
Министерката за образование Весна Јаневска повтори дека годинава нема да има покачување на платите во образованието, поради лошата состојба со буџетот кој новата власт го наследила од претходната. Даниела Николова, пратеничка на СДСМ, на прес-конференција, обвини дека Владата со неоправдани и нерационални образложенија избегнува да ја реализира оваа обврска кон просветните работници.
„Да ве потсетам дека во април 2022, сегашната министерка Весна Јаневска, која тогаш беше опозиционерка, велеше ‘потребно е власта да изнајде пари бидејќи за наставниците станува збор!' Сега истата таа Весна Јаневска, откако седна во министерската фотелја, зборува сосема друго“, рече Николова.
Како аргумент дека има пари, го посочи „луксузирањето на премиерот и министрите кои патуваат со најскапи авионски билети".
„Тоа е само потврда дека во прашање е избор на приоритети. За ДПМНЕ, наставниците не се приоритет“, рече Николова.
Како растеле платите?
Николова презентираше податоци дека во изминатите 7 години, Владата предводена од СДСМ ги зголемила платите во образованието, кумулативно за над 55%, и дека и во годините на здравствена, економска и енергетска криза имало пари за континуирано зголемување на платите во образованието. Ако во 2016 година основната платата на наставниците во основно образование изнесувала 21.100 денари, од септември 2023 изнесувала 33.640. Во истиот период основната платата на наставниците во средното образование од 21.950 денари во 2016 година, стигнала до 35.200 денари во септември 2023 година. Во високото образование платата на редовните универзитетски професори во 2020 година изнесувала 36.211 денари, а во 2024 година изнесува 81.783 денари.
„СДСМ останува да биде партнер на наставниците во заштита на нивните права. СДСМ ќе се спротивстави на политиките на оваа Влада која свесно сака да ги стави наставниците и образованието воопшто на маргините на општеството“, порача Николова.
Нова влада, стара приказна
Податоците се неспорни, но праксата покажа дека ниту едно зголемување на платите во посочениот период не било резултат на утврден приоритет, туку на протести, преговори и други форми на притисок што ги правеа синдикатите. Сега и новата влада е под истиот притисок.
„Грчевито се борам и ќе се борам за наставниците и ќе продолжам и ќе инсистирам да се исполни она што сме им го ветиле“, рече министерката Јаневска, објаснувајќи дека Владата не отстапила од ветувањето.
„Сме им ветиле (покачување – н.з.) во првата година. За оваа Влада првата година е од јуни до следниот јуни. Во првата година тие секако ќе добијат покачување. Во март ќе добијат покачување на платата, што е можно повеќе, колку што ќе дозволи Буџетот, толку ќе добијат. Во текот на годината, ако има можности, уште едно покачување, за да бидат задоволни и мотивирани (...) И нема дилема дека тие треба да имаат поголеми плати, јас само ги кажувам реалните можности, кажувам што наследивме од претходната власт ", рече Јаневска.
Според неа, ако претходната власт правилно го испланирала буџетот, може и немало да има проблем.
„Се соочуваме со огромни средства за учебници, огромни средства за ученички стандард кои не ги исплаќале, огромни средства за студентски стандард кои не ги исплаќале, проблеми со превозот. Гледате дека се доградуваат училници, се реновираат санитарии. Сѐ тоа е нешто што е неопходно. Не дека платите на наставниците не се неопходни, и тоа како значајни, но јас сум убедена дека ќе имаат разбирање“, рече Јаневска.
Ниско платени наставници
Кадрите во образованието „по правило“ на најголемо разбирање наидуваат кај опозициските партии, во барањата за покачување на платите. Кога ќе се сменат улогите, кога опозицијата ќе стане власт, следи соочувањето со податокот - колку е долга чергата. Најавата дека платите нема да бидат зголемени стигна уште во јули. Левица тогаш реагираше по изјава на Јаневска дека Министерството е во долг од 5 милијарди денари (над 80 милиони евра) и поради тоа платите на вработените во образование нема да бидат зголемени.
„Вработените во основно и средно образование над една деценија се жртва на манипулации и изигрувања на законите од власта. Колективниот договор не се почитува, нов не е потпишан со години, а платите се пресметуваат според спогодба што би паднала пред било кој суд во светот, освен пред корумпираното судство во Македонија“, реагираше Левица.
Партијата наведе дека коефициентите за плата коишто се врзани за минималната плата, се пресметуваат според минимална плата што е далеку пониска од утврдената со закон, т.е. нето минималната плата во државата се зема како бруто плата за образование.
„Во пракса ова доведува до опасна урамниловка на платите во основното и средното образование - редица коефициенти се поништени и сведени на 1 (минимална плата), при што истите се опасно блиску со платата на носителите на дејност, т.е наставниците чија плата во моментот е околу 34.000 денари. Ваквата пракса на изигрување на законите и инсистирање на ниско платени наставници дополнително го урнисува руинираниот образовен систем држејќи ги квалитетните кадри далеку од наставничката професија“ реагираше опозициската партија.
Оттаму посочија дека е потребна анализа како се создала дупка од над 80 милиони евра во МОН и пријави за одговорните, за товарот за несовесното менаџирање на јавните пари да не падне врз грбот на вработени во основните и средните училишта, а крајната цена да ја плати целото општество, кое ќе биде сè подалеку од квалитетни образувани кадри што ќе умеат да ги придвижат работите напред.