1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Синдикатите на протестен марш за повисоки плата и права

ДТЗ
1 мај 2023

Со барања за поголеми плати за работниците и почитување на работничките права, синдикатите го одбележаа Меѓународниот ден на трудот. Се одржаа два одделни протестa на најголемите синдикати во земјата.

https://p.dw.com/p/4QkeU
марш 1 мај
Со барања за поголеми плати и почитување на работничите права, синдикатите го одбележаа Меѓународниот ден на трудотФотографија: Petr Stojanovski/DW

Со барања за поголеми плати за работниците и почитување на работничките права, македонските синдикати го одбележаа Меѓународниот ден на трудот. Се одржаа два одделни протестa на најголемите синдикати во земјата. Тие порачаа дека се кршат колективните договори и закони, дека барањата за подобрување на состојбата на работникот во државата сè уште се непроменети, трн в око се високите плати на функционерите коишто дополнително се зголемуваат, а главоболки создаваат и новите законски измени коишто се предлагаат и со кои работната недела би траела и 60 часа. 

1 Мај протести
Се одржаа два одделни протеста на најголемите синдикати во земјатаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Право на пристоен живот

„Не се согласуваме 'ќебапче за работникот, бифтек за власта', тоа ниту е правда, ниту е правичност, ниту еднаквост. Сѐ ќе сториме да ја доведеме правдата во Македонија, правдата во однос на социјалниот дијалог, партнерство и почитување на работничките права. Исто и за правото за пристоен живот, тоа одамна го кажавме, а сѐ уште кубуриме. 'Без социјална правда нема социјален мир' - овој слоган го изнесовме пред неколку години на улица и кажавме дека нема да има социјален мир, додека нема социјална правда. Токму затоа и денеска сме тука, не само поради симболичниот ден 1 Мај, туку да искажеме и дека доколку и понатаму нема социјална правда, ќе нема ни социјален мир“, порача претседателот на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК), Јаким Неделковски на протестниот марш на Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) на протесниот марш кој под мотото „За правда, за еднаквост“ се одржа во Скопје.

протест КСС 1 Мај
„Не се согласуваме „ќебапче за работникот, бифтек за власта“, порачаа од КССФотографија: Petr Stojanovski/DW

Маршот започна пред седиштето на КСС, а заврши пред Влада. Учесниците на собирот побараа почитување на работникот и неговиот труд, реален социјален дијалог, зголемување на платите согласно законот за минимална плата, К- 15 согласно стандардите, почитување и спроведување на сите колективни  договори и сите права согласно законите. 

Со барања за зголемени и достоинствени плати за работниците, пристојно работно време и почитување на колективните договори, под мотото „Работниците се државата“, протест одржа и Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ). Протестот на членството, поддржан од граѓани, почна пред седиштето на ССМ, продолжи кон Собранието и заврши пред Владата. Тие го критикуваа зголемувањето на платите на функционерите и на пратениците и на извршната власт им порачаа дека „не е исто покачување од 2.000 денари на година и 2.000 денари на ден“. 

ССМ протест
Со барања за зголемени и достоинствени плати за работниците, пристојно работно време и почитување на колективните договори, под мотото „Работниците се државата“, протест одржа и Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ)Фотографија: P. Stojanovski/DW

Поголема плата за сите

„Со две илјади денари работникот не може да го издржи месецот, додека некои со 78 отсто си го поминуваат месецот лежерно и убаво. Ние, работниците, не се откажуваме - како за нив, така и за нас. Нека ги намалат и тие платите и ние нема да бараме. Но, интенцијата е да се зголемат платите на сите работници, бидејќи гледаме во какво време-невреме живееме и колку се потребни тие пари. Пазарат по продавници и нѐ лажат дека цените се намалени, но ние сме секој ден таму и тоа не се случува. Го повикувам македонскиот работник, пензионер, народ, да излезе и да се сплоти и да им кажеме 'не' на овие што не мислат на нас и си гледаат само за себе“, рече претседателот на ССМ, Дарко Димовски пред Владата.

Дарко Димовски ССМ
„Со две илјади денари работникот не може да го издржи месецот, додека некои со 78 отсто си го поминуваат месецот лежерно и убаво“, вели Дарко ДимовскиФотографија: P. Stojanovski/DW

Претседател на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи, здруженија на граѓани (УПОЗ), Трпе Дејановски праша за кој труд претставниците на Владата си ги зголемиле платите за 800 евра во најголема инфлација. 

„И што добивме ние од тоа? Триесет и две години ги гледаме како исплаќаат дневници и патни трошоци, а 32 години македонскиот работник нема добиено ништо. Две илјади денари покачување на година, две илјади денари покачување на ден не е исто, 2.500 евра плата и минимална плата не е исто. Синдикална минимална кошничка од 51 илјада денари, па кој може да преживее? Кој ги прима тие плати во Македонија? Мора да се изедначиме, не може да прифатиме ништо освен истата пресметка на плата како што тие си ја земаат“, рече Дејановски.

Првомајските протести годинава поминаа и во знакот на барањето за почитување на правото за пристојно работно време кое произлезе по најавите за 60-часовна работна недела како дел од пакетот закони кои се во собраниска процедура, а се однесуваат на изградбата на коридорите 8 и 10д. Синдикатите реагираат на ваквите законски одредби и бараат нивно повлекување бидејќи, според нив, со тоа се прави обид да се погази фундаменталното право за пристојно работно време. 

протести 1 Мај ССМ
Првомајските протести годинава поминаа и во знакот на барањето за почитување на правото за пристојно работно времеФотографија: P. Stojanovski/DW

Први мај како Меѓународен ден на трудот е посветен на борбата за зачувување и унапредување на правата на работниците. Се одбележува секоја година во знак на почит кон жртвите на штрајкот што се одржал од 1 до 4 мај 1886 година во Чикаго организиран со цел воведување на осумчасовен работен ден. Во знак на почит кон жртвите, Втората интернационала на основачкиот конгрес во 1889 донесе декларација со која се повикуваат работниците од целиот свет на демонстрации на 1 мај со цел подобрување на својата положба.