Штрајкот во мирување, децата од утре во училиште
28 април 2022Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) го става штрајкот во мирување, а учениците од утре почнуваат со настава. Причина за ваквата одлука на СОНК е добиеното известување од Министерството за труд и социјална политика за мирно решaвање на работните спорови.
Претседателот на СОНК, Јаким Неделков попладнево изјави дека по направените консултации со правни лица, донесена е одлука да се стави штрајкот во мирување додека трае решавањето на спорот.
„Ова е само почитување на законот, доколку не се договориме, повторно ќе го активираме штрајкот. Уверени сме дека во периодот на помирување ќе ги најдеме соодветните решенија и дека нема да има потреба да го активираме штрајкот", изјави Неделков.
Тој се надева дека платите ќе бидат зголемени, дневниците за време на штрајкот нема да бидат скратени и дека колективните договори ќе бидат потпишани и утврдени со рокови.
Во понеделникот (25.04), раководството на СОНК и Владата постигнаа договор за зголемување на платите од 12 проценти со јулската плата, по што одлучуваше членството на Синдикатот, кое не го прифати предлогот. Штрајкот во основното и средното образование и детските градинки почна на 11 април. СОНК бара зголемување на платите за 18,4 проценти и усогласување на останатите со минималната плата.