1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Образование

Штрајкот може да ја пролонгира школската година

ДТЗ
27 април 2022

УНИЦЕФ алармира за последиците од продолжениот прекин на наставата и укажува дека пропуштеното мора да се надомести.

https://p.dw.com/p/4AW2u
Nordmazedonien - Streik der Bildungsangestellten in Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Штрајкот во основните и средните училишта во Северна Македонија предизвика голем проблем за 16 илјади средношколци кои се пријавиле да полагаат државна матура, но и за учениците коишто се примени на странски универзитети, а на почетокот на јуни им истекуваат роковите за доставување на потребните документи. На многумина ќе им биде ставена под знак прашање иднината, доколку школската година се пролонгира и по 10 јуни. Но, тоа е една од можните опции за да се пополни празнината од неколку недели во образовниот процес, предизвикана од штрајкот на наставниот кадар за повисоки плати. Се размислува и за скратени наставни програми, но штетата која ќе им биде нанесена на децата е со далекусежни последици. 

Да се надомести изгубената настава

На ова предупреди и УНИЦЕФ, изразувајќи сериозна загриженост поради продолжениот прекин на наставата. „Пропуштеното мора да се надомести за да се избегнат долготрајни штети по добросостојбата и продуктивноста на децата“, се вели во писмената изјава на Канцеларијата на УНИЦЕФ во Северна Македонија.

Тие потсетуваат дека со години наназад Северна Македонија се соочува со криза во учењето при што повеќе од половина од учениците на петнаесетгодишна возраст не ги постигнуваат основните нивоа на знаење по читање и математика. Исто така, не беа воведени програми за надоместување на пропустите во наставата предизвикани од затворањето на училиштата поради Ковид-19  и учењето на далечина. Оваа учебна година учениците веќе пропуштија две недели настава поради задоцнетиот почеток на учебната година. Сега, со пролонгираниот штрајк на наставниците кој влегува во својата трета и евентуално и четврта недела, постои веројатност децата да изгубат до шест недели настава во оваа учебна година. 

Штрајкот во градинките во мирување

Ваквите предупредувања следат откако СОНК под притисок на дел од членството не ја прифати понудата на Владата за зголемување на платите за 12 проценти. Училишните врати и денеска останаа затворени, додека штрајкот во детските градинки е ставен во мирување и воспитно-згрижувачкиот процес во градинките се одвива редовно.

-повеќе на темата: Кој добива, а кој губи од штрајкот на наставниците

Во понеделникот (25.04), раководството на СОНК и Владата постигнаа договор за зголемување на платите од 12 проценти со јулската плата, по што одлучуваше членството на Синдикатот, кое не го прифати предлогот. Штрајкот во основното и средното образование и детските градинки почна на 11 април. СОНК бара зголемување на платите за 18,4 проценти и усогласување на останатите со минималната плата.

„Зборот на СОНК не издржа ниту едно деноноќие“, вели министерот за образование и наука Јетон Шаќири. Тој укажува дека премногу настава е изгубена досега и дека тоа мора да престане.Тој ги повика директорите на училиштата да ги отворат вратите на училиштата и да продолжат да организираат настава.