Членот 44 од Уставот предвидува дека секој има право на образование и дека образованието е достапно на секого под еднакви услови и, најважно, дека основното образование е задолжително и бесплатно. Членот 3 став 1 од Законот за основното образование предвидува дека секое дете има право на бесплатно и квалитетно основно воспитание и образование во основно училиште.
Кога бев министер за образование при една средба, една министерка за образование од земја членка на ЕУ ми рече: Работата на министерот за образование е многу тешка, меѓу другото и затоа што има толку министри за образование колку што има родители на учениците. Парафразирано, секој родител е и министер за образование и дозволено или не има право да си го каже своето мислење за образовниот систем и предизвиците во оваа, би рекол, најважна сфера за иднината на секоја држава. Водејќи се од оваа позиција на европската министерка, еве и јас денес си земам слобода повторно да бидам министер за образование. Не формален, туку неформален. Што би рекол народот не гаталец, туку паталец.
Па добро луѓе, што е многу многу е, се отепавме од пари давање за нашево бесплатно основно образование. Дополнителен час по математика, задолжително. Курс по англиски, исто така. Час по германски, барем еднаш неделно. Нема родител кој не е оптоварен финансиски со овие „незадолжителни“, а неопходни давачки и издатоци. А образованието, задолжително и бесплатно. И тоа не било какво, туку „квалитетно и бесплатно", а скапо!
Дупки во образованието
Тоа што е бесплатно едноставно го нема. Како книгите на пример. Дочекавме, шестоодделенците, не во среќна нова 49та, туку во 2023 година да учат од тоа што помалку или повеќе разбирливо го земале како забелешка од предавањето на наставникот во својата скрипта. Часот не е доволен за се, пополека да се издиктира, па брзиот диктат креира неразбирливи дупки во четивото, кое потоа ученикот треба дома да го научи. Ако има дупка во диктатот, ќе има дупка и во знаењето.
Тие што сега се шесто одделение, се таа генерација која ги фати ковид - пандемијата, само што се описменија. Ковид-образованието потоа направи една страшна дупка во нивното знаење, за сега, немањето книги и учењето од скрипти оваа дупка уште повеќе да ја продлабочи. Родителите, гледајќи го ова, немаат што друго да прават освен да инвестираат во знаењето на сопствените деца и тоа уште од основното образование или по цел ден да учат со децата. Но, што правиме со оние родители кои сакаат да градат кариера или имаат приватен бизнис, па по цел ден се на работа? Што правиме со оние родители кои работат во две, три смени во фабрика, пекара, супер маркет, болница? Немаат време да учат со сопствените деца и со тоа ризикуваат децата да заостануваат во знаењето, а со тоа директно и да заостануваат во животот. Децата ќе пораснат побавно од дупките во нивното образование, кои, доколку ништо не се преземе, ќе се продлабочуваат се додека не станат толку големи, доволно за да ја проголтаат иднината на децата и во голема мера да им ги уништат шансите за просперитет во животот.
Светот денес, како и вчера, почива на сила, интерес и знаење. Бидејќи нашата држава ниту има сила, ниту пак може да го наметне во регионот, а уште помалку во светот својот интерес, не останува ништо друго туку да конкурираме со знаење. Родителите свесни за ова, не смеат ништо да остават на случајност и доколку не можат секој ден и секој викенд да посветат значителен дел од своето (слободно) време за учење со децата, тогаш не останува ништо друго туку да почнат да плаќаат приватни часови. За се! Пред писмена, пред тромесечие, за поправање на оцена, за учество на натпревар, за супституција на сопственото слободно време, бидејќи после цел ден работа и тоа малку слободно време треба да се помине учејќи со децата. Па тоа е работа на родителот, тоа е негова обврска! Да, но да потсетам, обврска на државата е од данокот кој родителите го плаќаат, да обезбеди квалитетно и бесплатно основно образование за учениците.
Кој може да плати?
Тие родители што немаат време да учат со сопствените деца, мораат да плаќаат приватни часови. Имаат, па ќе платат, ќе речете. Но, ќе потсетам на членот 44 од уставот и членот 3 од Законот, квалитетното основно образование е задолжително и бесплатно.
Но, што правиме со родителите кои немаат никакви квалификации и едноставно и да сакаат не можат да им помогнат на сопствените деца? Ако немаат никакви квалификации, веројатно е и да немаат доволно за да си дозволат плаќање за приватни часови и со тоа го трасираат патот на сопствените деца кон неуспехот.
Приватните часови чинат околу 450-500 денари од час. Два часа неделно е илјадарка, што ќе рече 4.000 денари месечно. Ако имаат две деца, тоа се осум илјадарки месечно. Плус курс по англиски и тренирање на некој спорт, уште толкав износ и ете ти стигнавме до трошок од скоро една минимална плата во републиката само за овие трошоци. Каде се тетратки, каде е облека, пари за храна во училиште, пари за забава на децата...
Основното образование кај нас е сé само не квалитетно и бесплатно.
Иако законот наложува бесплатно и достапно образование за сите, реалноста е дека тоа не е доволно за оние на кои им е најпотребно. Јазот во поддршката за „непривилегираните семејства" создава циклус на неповолност, одземајќи ја можноста на некои од децата да останат во чекор со своите врсници. Ова најпрво ја убива нивната самодоверба, па раѓа фрустрации, за на крај во некои случаи да удри и по функционалноста на целото семејство. Неуспехот на државата да ја оствари својата основна функција, на крај ја уништува држава одвнатре.
Прашањето за достапноста и квалитетот во образованието е алармантно и бара итен државен фокус. Иако законот формално гарантира бесплатно и квалитетно образование, реалноста за многу семејства е сосема поинаква. Наша колективна одговорност е да работиме кон систем кој обезбедува еднакви можности за сите деца, без оглед на квалификациите или финансиските можности на нивните родители. Само тогаш ќе можеме вистински да тврдиме дека нудиме праведен и инклузивен образовен систем кој ќе продуцира квалитетна иднина на нашите деца, а со тоа и квалитетна иднина на државата.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.