1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Безбедноста - играчка во рацете на партиите

23 октомври 2024

Форсирањето на партиски кадар во АНБ ја руши неутралноста во безбедносната сфера која е императив за граѓаните да веруваат во системот а не во партијата.

https://p.dw.com/p/4m7Ak
За жал стана пракса победничките партии меѓу себе рамномерно да го делат пленот во безбедноста.
За жал стана пракса победничките партии меѓу себе рамномерно да го делат пленот во безбедноста.Фотографија: Burkhard Schubert/Geisler-Fotopress/picture alliance

Безбедносните институции и во оваа Влада се третираат како изборен трофеј. Оваа констатација се наметнува по апсурдното форсирање партискиот кадар на ВМРО-ДПМНЕ да стане директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ). За волја на вистината ниту претходните директори на оваа институција не може да се каже дека беа непартиски. И тогаш имаше кадар кој беше регрутиран од партиските органи на СДСМ. Но тоа не значи дека и ВМРО-ДПМНЕ треба да ја продолжи истата пракса или да се повикува на тој случај во одбрана на нивното партиско решение на чело на Агенцијата за национална безбедност.

Штетите од таквата политика во безбедноста се големи. Како прво, со ставањето на партиски човек на таква позиција се праќа сигнал дека државата нема да се развива во демократски правец туку во правец на партиски контролирани институции. Тоа во старт прави недоверба и кај странските безбедносни служби со кои ќе соработува нашата домашна служба.

Ако прашате некој од ретките професионалци кои останаа во безбедносните служби, сите без исклучок ќе кажат дека партиите ги растурија безбедносните служби во државата. Имавме неколку случаи на пробиени безбедносни акции, или кажано со вистинското име, висок функционер од безбедноста ги известува криминалците дека ќе се изведува операција против нив за навреме да побегнат. Да не го спомнуваме и случајот со кумановско „Диво насеље“ во 2015 во кој загинаа припадници на полицијата кој и денес не е целосно расветлен иако паднаа и судски пресуди против некои од учесниците. Имаше тогаш и ронење солзи пред новинарите кога се одржа прес-конференција по настанот, а случувањата ја соборија од власт и тогашната сива еминенција во политиката и безбедноста, Сашо Мијалков кој беше директор на Управата за безбедност и контраразузнавање. Но попусто е плачењето ако денес девет години подоцна не се извлечени поуки од партизација на безбедносните институции.

Изборен плен

За жал стана пракса победничките партии меѓу себе рамномерно да го делат пленот во безбедноста. Па така акоВМРО-ДПМНЕ постави партиски човек на чело на АНБ коалицискиот партнер, во случајов ВЛЕН ќе побара заменичко место или висока позиција во некоја друга безбедносна институција. И така доаѓаме до случаи како оној кога партиски кадар наредуваше на полиција да ги извади лисиците на уапсените на Кале, како што се случи пред многу години, на очи на целата јавност.

Развиените држави, пак, за безбедносните функции внимателно и со децении градат кадар. Никој не си игра со една толку чувствителна сфера како што е безбедноста. Партиската неутралност за тие места е императив затоа што е потребно граѓаните да веруваат во системот а не во партијата. Исто така е важно над таквите институции да постои цивилна а не партиска контрола. Во нашиов случај поизвесно сценарио е над АНБ да имаат контрола премиерот Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ бидејќи новиот директор Бојан Христовски бил до вчера претседател на партискиот огранок, отколку соодветните комисии во Собранието.

Ако Мицкоски не верува во професионалниот кадар и поставува партиски човек на тоа место, како тогаш ние што не сме од партијата или не сме партиски поддржувачи да веруваме дека нашата безбедност е во вистински раце? Или ако премиерот не им верува на професионалците, зошто пак ние како граѓани кои очекуваат државата да им ја штити безбедноста, да му веруваме на неговиот партиски човек?

Наметнувањето на партиски кадар во безбедносните институции доведе и до создавање на партиско подземје кое со децении ја држи Македонија во своите канџи. Има случаи и кога бивши припадници на безбедност кои ја добиле функцијата со партиска припадност, потоа пак се враќаат на високи функции во партијата, како што беше тоа случајот со СДСМ. Верува ли некој дека тие ќе ги развиваат демократските капацитети на партијата? Секако не, бидејќи сознанијата што ги стекнале како први луѓе на безбедносни институции им даваат инструменти во рацете со кои „безбедно“ ги прескокнуваат демократските процедури.

Владата како да заборави дека меѓународни експерти кои ја скенираа состојбата во Македонија за време на Груевски, дијагностицираа злоупотреба на моќта на безбедносните институции. Така и падна Управата за безбедност и контраразузнавање која беше персонална алатка на моќниот двоец од тоа време, и на нејзино место беше формирана Агенцијата за национална безбедност АНБ. Но како што побрза СДСМ таму да постави партиски кадар, сега истото го прави и ВМРО-ДПМНЕ небаре тоа им е несоборливо алиби дека постапуваат правилно. А всушност само ја продолжуваат штетната практика повикувајќи се на претходни практики на поранешната влада која ги загуби изборите поради бројните пропусти во владеењето.

Сертификати за дисквалификација

Ставањето на партиски послушници на чело на безбедносните институции доведе и до злоупотреби на безбедносните сертификати кои се одземаат и даваат за дисквалификација или форсирање на партиски кадри. Не може поинаку да се протолкува сознанието дека новопоставениот директор на АНБ Бојан Христовски во времето на СДСМ изгубил право на безбедносен сертификат а сега откако неговата партија се враќа на власт тој експресно го добива за да може да ја извршува функцијата. И врапчињата знаат дека безбедносните сертификати кои им се потребни на многу државни службеници во повеќе институции се злоупотребуваат како инструмент за партиска сеча на неподобни кадри а критериумот е исклучиво партиски. Но за среќа или за жал тоа сѐ уште е сива зона во нашето општество па таквите игри кои уништуваат кариери или градат кариери под партиски чадор, се под радарот на јавноста. Тоа, не значи дека и штетата е невидлива.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен од денеска (23.10.) ја почнува балканската турнеја со која ќе ја покаже посветеноста на ЕУ на Западен Балкан. Штета што кога ќе дојде утре (24.10) во Скопје, ќе ја дочекаат вести за уште една рунда партизација во малата балканска држава која има аспирации еден ден да стане дел од европското семејство. Можат властите колку сакаат да ги кријат таквите случувања, но ЕУ има своја канцеларија во Скопје која ги брифира бриселските функционери за актуелните случувања кога доаѓаат во посета на државата. Тоа неодминливо создава перцепција која потоа се става во досието на земјата.

Владата на премиерот Мицкоски уште на стартот на владеењето се соочи со блокадата кон ЕУ, за која целата вина секако не е кај нив, но можеше за почеток да направи крупен исчекор и да почне да ја ослободува државата од партиски стеги. Така ќе се ослободи и себе од одговорност за персоналните грешки во оваа чувствителна област. Најпосле, со департизација на безбедносната сфера ќе покажат и дека научиле од грешките на Груевски кому УБК со сета сила му се истури во политичкиот двор поплавувајќи го и него.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Соња Крамарска
Соња Крамарска Уредник, новинар и политички аналитичар